После Маркс: Материјални контури – предавање на Митеш Диксит

Фотографии: Васе Аманито

Извори: http://www.domainoffice.eu/

Среда 14.03.2018, во просториите на Факултетот за Архитектура и Дизајн Американ Колеџ Скопје, Митеш Диксит, архитект и истражувач го одржа предавањето „После Маркс: Материјални контури“ во кое тој ја илустрираше работата на неговото студио DOMAIN. Деканот на факултетот, архитект Мишко Ралев најави дека ова предавање е првото во низата на предавања што се во предвид да се одржат во блиска иднина.

Првиот дел од предавањето беше образложение на идеолошката подлога врз која студиото ја базира својата работа. Од Декарт, преку Хегел до Маркс, и илустрација на клучните принципи на секој од овие модерни философи, Митеш го дофати принципот на односот меѓу архитектонската форма и политичкото, додека во исто време го откри начинот на кој кретивниот процес се одвива во работата на неговото студио.

Територијалните трансформации беа во фокус во вториот дел од предавањето во кој Митеш елаборираше два проекти. MACROPLAZA е проект сместен во средиштето на Монтереј, Мексико. Предвидената кула со специфична силуета е производ на темелно истражување на градот од секој аспект: од топографска анализа и хронологија на развивање на Монтереј, до микро анализа на градското ткиво и патеките по кои се движат жителите.

Вториот проект е резултат на истражувањата на границата меѓу САД и Мексико. Истражувањето е направено во склоп на програмата на универзитетот ТУ Делфт во Холандија, каде Митеш Диксит предавал во минатото како visiting професор. Во овој проект заедно со студентите на ТУ Делфт, преиспитано е значењето на границата, на кој начин таа се одразува врз финансискиот флукс во регионот, како граѓаните ја восприемаат истата и на кој начин преку поединечни интервенции може да се измени влијанието на сегрегацијата.

За предавачот:

Митеш Диксит го основал архитектонското студио DOMAIN OFFICE во 2012 година. По завршувањето нa основни и дипломски студии на политичи науки и филозофија, Диксит завршува мастер студии во областа на архитектура при Washington University во St. Louis. Својата кариера ја започнува во Сан Франциско во архитектонското биро SOM (Skidmore, Owings & Мerril). Пред основањето на DOMAIN OFFICE, Диксит соработува со Рем Колхас во OMA (Оffice for Metropolitan Architecture) како проект-лидер на многу меѓународни проекти меѓу кои се вбројуваат MahaNaKhon Tower во Банкок, Commonwealth Institute во Лондон, Kuala Lumpur Financial District во Малезија.

Во 2011 година се приклучува на Техничкиот универзитет во Делфт (TU Delft) во Холандија, како визитинг професор на “Kатедрата за Архитектура, Урбанизам и Критичка теорија”, а од 2013 до 2016 година станува и уредник на “Катедрата за комплексни проекти” (Chair for Complex Projects) при TU Delft. Помеѓу другото, го водел студиото “Архитектонско насилство” (Architecture Violence), кое се фокусира на регионот на америчко-мексичката граница, како и дипломското студио “Во Чикаго” (In Chicago).