Проактивен музеј во Галичник / Калапути

March 5, 2018

Година: 2017

Тема: Проактивен музеј како модел на нови програмски платформи за ангажирање на тоталитетот на вредности на автохтоната средина и локалното население

Автори: Доротеа Калапути

Локација: Галичник

 „Апстракт“

Новата филозофија што се однесува на активната улога на музеите и нивната поврзаност со автохтоните средини и локалното население, наречена “нова музеологија” е актуелна тема во која архитектурата се` уште се нема позиционирано како дисциплина. Затоа, истражувањето на оваа тема подразбира стекнување на специјализирани знаења од општата теорија на новата музеологија, и продлабочени теренски опсервации на одредени територии со цел документирање и мапирање на тоталитетот на културните и природни богатства.

Конкретниот предмет на истражување е селото Галичник, преродбеничкиот центар на Мијачијата, кој историски никогаш не потклекнал под туѓи сили туку останал хомоген, автентичен и изворен. Целта на истражувањето е концептот на проактивниот музеј како модел на нови програмски платформи за ангажирање на тоталитетот на вредности на автохтоната средина и локалното население. Се анализираат комплексните слоеви од кои е сочинет пределот на Галичник, топографијата и екологијата на регионот, неговата историја и култура; документација во форма на мапи, со чиешто суперпонирање и интерпретирање се концептуализираат новите архитектонски интервенции. Интерпретацијата на постојниот контекст и еквилибриумот со традицијата е од големо значење за формирање на архитектонска стратегија која има за цел не само да ги промовира постоечките вредности туку и да ги трансформира како вредности на современоста.

Структурата на трудот се однесува на анализи во различни размери, од географски одредници на град-село Галичник, детална анализа на архитектонската структура до интерпретација на Галичките традиции како можна платформа за музеј. Заклучоците од истражувањето се пошироки, но директно го информираат проектантскиот концепт кој тестира две архитектонски структури.

Тие ги отелотворуваат почетокот и крајот на селото, а воедно ја врамуваат културната инфраструктура на Галичник – музејските патеки кои се појавуваат како целосно сценарио. Оваа стратегија алтернативно ги демонстрира локалните традиции, овозможува просторни капацитети за практикување и едукација на нематеријалната култура и се стреми кон одржување на културниот идентитет на Галичник.

Проектантски концепт

Навлегувајќи во обликовниот концепт, позициите и местоположбата како и внатрешната програма ќе комуницираат со сознанијата за Галичките традиции. Одбран е радикален дизајн како експресивен алат да се прикаже Галичкиот начин на живот во минатото и денес. Архитектонската интервенција се состои од две силни геометриски фигури кои се наоѓаат на границите на селото со цел да претставуваат почеток и крај на целото искуство, а се премостени со музејска патека преку  самото село што сѐ уште сведочи за културниот развиток, традицијата и историјата. Овие три компоненти се фундаментални за одредување на начинот на кој ќе се развива концептот.Тој е окарактеризиран холистички, преку сфаќањето на составниот дел како нешто што е поврзано и објасливо во релација на севкупното. Составните делови се:

  • Сензорен музеј – објект на емоционалното искуство, со акцент на сензорните аспекти на архитектонското искуство со кои се креираат контемплативни простори што ја будат духовната димензија на физичката околина
  • Музејска патека – интегрална мапа настаната како резултат на теренските истражувања. Се состои од: патека која ги вклучува двете цркви како дел од обредот „Водици“ преку некогашните Галички маала, агломерации од куќите-домови на дејците Филипоски, Ѓиновски, Пулески и објекти врзани со Галичката Свадба, ликовната колонија и традицијата на производство на сирење и кашкавал
  • Повеќенаменски објект – Сместувачки и комерцијални капацитети, изложбени и едукативни простори

Во овој континуиран процес на екстраполација, постои идеја за трансформација на веќе познати основни типологии. Во двата објекти, надворешни фактори – влијание на силите на местото или потреба за ретроспективна архитектура – се одговорни за создавање на овие нови типологии. Истовремено, истите се во согласност со дијалектичната врска со историјата и традицијата. Идејата е да се премине преку нивото на генерализацијата за да се окарактеризира архитектурата како дисциплина.Во кружниот објект, извршена е трансформација на прстенестиот план многу типичен за музејските згради, додека во линеарниот трансформација на типологија со централен проширен коридор, типичен за линеарни објекти.

Новата музеологија како филозофија смета дека откако доказот за фактите е прифатен и легитимитетот на вредностите е препознаен, архитектурата може да биде точка на ротација на новата трансформација. Во овој конкретен случај, архитектурата се квалификува како инструмент на нов баланс каде постоечките вредности се земени во предвид со цел да бидат проектирани и интерпретирани како вредности за нови потреби. Како резултат на овие размислување, архитектонската стратегија цели не само кон заштита туку кон промоција на сведоштвата и традициите. На тој начин, архитектурата како формална експресија на историјата, се менува и се трансформира себеси во синхронизација со времето. Само така архитектурата ќе знае како да биде активен сведок на аспирациите, грижите и надежите на оваа автентична култура.

Линкови до комплетниот магистерски труд>>>

графички дел;

– теоретски дел (истражување).

 

Автор на статија:

| / / / / |