РАЗГОВОР СО ЗОРАН КАРДУЛА, ЕДЕН ОД НАЈДОБРИТЕ НАШИ ДИЗАЈНЕРИ

Препознатлив е по својот јазик и стил, неговите дела можете да ги сретнете секаде и кај секого. Поприлично гласен со своите активистички ставови и идеи, борбата за подобро утро и еднаквост на сите, препознатлив е и по своите постери со активистичка тематика. Во неговата работа се вклучуваат и многубројни самостојни и групни изложби како на домашната така и на меѓународната уметничка сцена.

Неодамна на социјалните мрежи уметникот Зоран Кардула ја претстави неговата нова колекција на редизајни на некои познати плакати од серијалот на „Star Wars“ во комбинација со спомениците на НОБ. Прекрасен спој и адаптација на ликовите и сцените од филмот со архитектурата. Едноставно добивате впечаток дека тие споменици биле проектирани со намена за сцените од филмот.

Искрени да бидеме, ретко кој може да остане рамнодушен на неговите дела, па така ни јас не останав и решив да поразговарам со него и да се доближиме повеќе до неговата приказна со уметноста.

Имате огромна колекција на дизајни како и промоција и актуелност не само кај нас туку и на светската сцена. Вашето име често се спомнува во разговор со други уметници, архитекти и луѓе кои имаат исти интереси. Може ли накратко да ни раскажете како започна вашата приказна со уметноста и дизајнирањето?

Јас сум дипломиран електро инженер. Уметноста, дизајнот и архитектурата отсекогаш ме интересирале и го задржувале моето внимание. Кога завршив факултет почна и распадот на  Југославија како и војна во некои нејзини делови. Во тој момент на тотално распаѓање немаше многу работа за електо инженери и тогаш сфатив дека мора да почнам нешто друго да учам. Така стигнав до моите почетоци како дизајнер и сфатив дека тоа е нешто што ми лежи и ме исполнува. Никогаш не зажалив дека завршив електро, таа моја организираност и начинот на логично размислување му  ја должам баш на факултетот. Во дизајнот се пронајдов себеси и веќе многу години работам како графички дизајнер. Така успеав да го спојам уметноста, архитектурата и активизмот.

Она што мене ми остави голем впечаток е тоа што вашите илустрации ги следат секојдневните општествени случувања, опфаќаат доста аспекти разработувајќи најразлични тематики. Што најмногу влијаело на вашата работа, каде ја наоѓате вашата инспирација?

Живееме во општество во кое се случуваат нешта кои не се вообичаени за многу други држави. Години поминати во исчекувања за промени кои неминовно оставаат траги во нашите животи. Живеењето во исчекување за подобро утре за мене и моите деца и борбата за правда ми беше додатна инспирација за мојот активизам преку дизајните за Шарената револуција, Го сакам ГТЦ, загадувањето, правата на лицата со нетипичен развој…

А архитектурата и уметноста ми се спој кој е неразделив. Од 1993 година редовно си ја купувам италијанската едиција на списанието АD и секогаш ме весели новиот број. Вистински празник за очите. Така да архитектурата има големо влијание врз мене. Моите први уметнички дела се конкретно поврзани со крушевската архитектура. Сакав да ја овековечам нивната убавина. И голем дел од мојата прва изложба во Крушево беше посветена на старата Крушевска архитектура.

Потекнувате од град со голема историја и традиција. Нивото на култура, политика, трговија и архитектура на Крушево ни се доста познати на сите. Во таа насока токму запознавањето со домашните вредности претставува една од главните причини за постоењето на МАРХ. Какво е вашето мислење за запознавањето и одржувањето на локалните вредности и дали имаат некакво влијание врз вашата работа?

Јас сум крушевчанец, пораснат во Крушево опкружен со убавите куќи кои се ремек дело од нашата архитектура. Секако тоа имаше огромно влијание на мене и на мојата работа. Растев во средина каде се негувааше традицијата, домашните вредности, но и посебна почит према се што е убаво. Од таму ми е и огромната љубов према антиквитетите и убавото. Сите тие приказни поврзани со старите фамилии нивните куќи, начинот на живеење неминовно беше да остават трага во мојата работа.

Неодамна на социјалните мрежи се појави вашата колекција на редизајни, илустрации каде што ја спојувате југословенската бруталистичка архитектура со филм и тоа не со било кој, туку со добро познатиот Star Wars. Зошто токму тој и која е приказната која сакате да ја раскажете?

Југословенскиот брутализам според мене е нешто најдобро што и се случило на архитектурата кај нас. Тоа е време кога архитектурата во светот и кај нас го диктираше правецот и беше на пиедестал. Се сеќавам на првиот филм од Стар Ворс кој сум го гледал во кино во Крушево мислам дека беше 1979 година и уште од тогаш некако целата приказна за борбата на доброто над злото и самата сценографијата  ми делуваше како да е инспирирана од нашите споменици. Секогаш тие споменици ми делуваа моќно, можеби поради тоа затоа што и филмот ми делуваше моќно некако ми се поврзаа тие приказни.

После 30 години од тогаш успеав да го направам таа комбинација. Направив само 10 но прекинав, а  бев во состојба за секој споменик да направам плакат.  На 75 годишнина од АВНОЈ  илустрирав 75 споменици од НОБ  од цела Југославија и како ги илустрирав така ги читав и текстовите посветени на тие споменици како и некои интервјуа на дизајнерите и архитектите и мислам дека сега уште повеќе сега ја почитувам нивната вредност и големина.

Живееме во средина каде што сѐ уште креативното изразување е со доза на резерва. Каква е според вас уметничката сцена/графички дизајн кај нас во моментов? Дали можете да издвоите графички дизајнери од светската сцена, а потоа и од нашето поднебје кои што ви оставиле посебен впечаток со нивната работа?

Се сложувам дека кај нас сѐ уште е со доза на резерва креативното изразување и би сакал повеќе активност посебно за теми кои сѐ уште се табу. Уметниците, дизајнерите треба да почнат јавно да го искажуваат својот став преку креатива, илустрација. Тоа е нашиот јазик и мора да сме гласни. Имам доста омилени дизајнери и илустратори на кои им се восхитувам и ја пратам нивната работа. Обично се тоа илустратори или дизајнери кои се слични со мојата работа, тука би ги издвоил Тavis Coburn, Mads Berg, Orlando Arocena, а од нашата сцена би ги издвоил Kiosk studio.

За крај што би им советувале на младите креативци од Македонија, една ваша порака кон сите нив?

Да бидат активни, дел од креативностa да насочат и кон активности кои значат борба за подобро утро, креативноста да биде биде јазикот со кој ќе го искажат револтот кон неправдата и кон сe она што е во сферата на нивниот интерес, поддршка кон прифаќање на различностите. Да имаат отворен ум и срце.

Кога се зборува за Зоран Кардула и неговите активности, борбата за подобро утро, невозможно е да не се спомене борбата за еднаквост на сите луѓе. Во таа насока направено е дело, книга со илустрирани зборови на Ерато Кардула под насловот “Гуш и Бац“. Вo неа се содржани зборовите на Ерато кои се преведени на 19 јазици и илустрирани од 33 креативни луѓе. Подигнувањето на свеста за аутизмот и интеграција на лицата и децата со оваа состојба во општеството е од голема важност за напредок на човештвото. Книгата може да се купи во книжарниците на ТРИ и Антолог и повторно сите средства од продажбата ќе бидат за реедукација на деца со аутизам. Повеќе за оваа приказна и делото >>> https://www.boredpanda.com/artist-father-gives-his-autistic-daughter-the-most-unique-present-imaginable/

Морам да признаам дека мене лично ми беше доста тешко да се одлучам за неколку дела. Се обидовме да ви презентираме само мал дел од огромната колекција, за да дознаете повеќе следете го линкот >>> https://www.boredpanda.com/author/zoran_cardula/

Самостојни изложби:
Крушево – Стара крушевска архитектура
Скопје – “Elegant, Beautiful, Mystical …” Концепт37 – дигитална графика
Скопје – “Жените и по некој Маж” – Чифте Амам – дигитална графика
Скопје – “Гуш и Бац” – промоција и изложба на книгата Гуш и Бац, книга составена од 47 илустрации на зборчиња на Ерато изговорени на нејзиниот јазик и илустрирани од 33 илустратори и дизајнери  – за подигање на свеста за Аутизмот кај нас.
Скопје – Архитектонски Илустрации – Музеј на град Скопје во склоп на БИМАС со илустрации од брутализмот во Скопје и споменици на НОБ од Југославија
Скопје – Изложба во чест на Јуриј Гагарин во Социалниот центар Дуња.
Сум учествувал и на повеќе групни изложби во Скопје, Битола, Струмица.

Меѓународни изложби:
Минесота , САД – Нов Советски конструктивизам – илустрации во советски конструктивизам
Шабац, Србија – Изложба посветена на зачувување на Домот на ЈНА со илустрации  од југословенските редизајни организирана од група млади активисти и можам да се пофалам дека се успеа во тоа Домот на ЈНА не се сруши. Рим, Италија, – дел од проектот Mondo EX “Изложба без жирија” – илустрации од југословенските редизајни – посветена на годишницата од смртта на големиот Предраг Матвeјевиќ организирана од организацијата “Lipa”.