Ревитализација на Старата железничка станица, 2018 / Грковска

July 28, 2018

Година: 2018

Тема: Активен пристап кон градителското наследство

Наслов: Ревитализација на Старата железничка станица (Музеј на град Скопје)

Предмет: Магистерски труд / АФС

Автори: Ана Грковска

Ментор: проф. д-р Ана Ивановска Дескова

Локација: Музеј на Град Скопје, Стара железничка станица

Секоја година околу 26-ти Јули, се потсетуваме на објектот на Старата железничка станица како најголемиот споменик на скопкиот земјотрес и на старото градско ткиво. Иако разурнатиот објект е инспирација за неколку досегашни проекти и убанистички планови, неговото „довршување“ воопшто не е ни на повидок.

Овој пат ви претставуваве магистерски труд кој ја разработува токму оваа тема на ревитализирање на стариот објект, преку заокружување на неговата околина и креирање на еден музејски комплекс. Новопроектиранта структура се карактеризира со засебен соверемен архитектонски јазик, и има за цел функционално да го надополни постоечкиот музеј, преку нови галерии, простории за работилници, музејски лаборатории, библиотека и аудиториум. Повеќе информации за теоретскиот пристап кон задачата и просторните аспекти на решението, може да проследите во самата објава.

Сл, 1. Визуализација на јужната фасада и партерното решение

Предмет на ова истражување претставува валоризација, ревитализација, реосмислување и репроектирање на еден урбан артефакт, а со тоа и негово зачувување. Овој урбан сегмент, сместен во специфично градско ткаење, со богато историско минато и симболичко значење за градот е нераскинлив дел од меморијата на секој негов жител. Ваквиот карактер отвара потенцијал за понатамошна анализа на просторот, негова реадаптација, а со тоа и реанимација, воспоставувајќи нови динамични врски со неговата околина како и неговите потенцијални корисници. Во фокусот на истражувањето се наоѓа урбаниот опфат Музеј на Град Скопје (Стара железничка станица) и неговото програмско и просторно – обликовно репроектирање. Овој значаен фрагмент од централното градско подрачје, кој низ годините бил речиси игнориран од планерите, не успеал да се интегрира во урбаниот пејзаж, ниту да изгради слика на споменик на едно минато за градот. Идејата за неговото репроектирање, реосмислување и ревитализација треба да ја трансформира атмосферата за овој урбан артефакт, да создаде ново читање на целината, како и ново зголемено значење на постојниот ентитет, но и негово поврзување во една интегрална целина.

Сл, 2. Горе, основа на приземје; долу, северен изглед

Сл, 3. Пресек низ стариот (десно) и новопроектираниот објект (лево)

Целта на ова истражување е поставување на поинаков концепт за нов начин на вреднување на архитектурата и подобрување на функционалноста на истата. Постоечкиот контекст е неопходно да се збогати со нови дополнителни содржини од урбанистички и архитектонски карактер. Ваквото додавање на нови содржини би овозможило интеграција на дадената локација со нејзиното опкружување на архитектонско и урбанистичко ниво, но и воспоставување на врски со секојдневниот живот на градот. Реинтеграцијата би овозможила оживување на динамичната слика за оваа локација која градот ја има во својата меморија. Урбанистичката интервенција се  одликува со реконфигурација и реобликување на урбаниот сегмент, додека пак архитектонската се однесува, најпрво со реобликување, ревитализација, реосмислување, репрограмирање и реадаптација на објектот на старата Железничка станица, односно денешен Музеј на Град Скопје.


Сл, 4. Аксономтриски приказ и просторни секвенци; јужен изглед

Анализите на поширокото и потесното ткаење укажуваат на бројните недостатоци на непосредната средина во која се наоѓа музејот. Уличните фронтови се предмет на репроектирање и дефинирање со нов регулационен план, на делот опфатен од постојната состојба на музејот, како и доградбата во нејзиното продолжение. Ова вклучува и реконструкција на постојните неправилни и недефинирани тротоари и појава на нови содржини кои треба да му дадат нов карактер и квалитет на фронтот на музејот и да ги привлечат сите негови потенцијални корисници и случајни минувачи. За остварување на оваа цел, од двете страни на музејската зграда се планирани простори за музејска поставка на отворено, каде е предвидено да се сместени сите артефакти, кои се простираат на сегашното зеленило пред музејот. Како дел од идејата за појавување на можности за исклучување од пешачката рута, предвиден е и внатрешен, атриумски решен двор, кој е доволно отворен за да биде достапен за секој негов потенцијален корисник, кој не е задолжително музејски корисник. Ваквата отвореност на објектот овозможува пешачко поврзување на двете отуѓени страни на објектот и активирање на неговиот јужен фронт уреден со парковски содржини, на местото каде минатото го одбележувало динамичен простор кој претставувал густа точка и концентрација на луѓе, информации, култури.

Сл, 5. Ситуација

Специфичната геометрија на паркот дефиниран од јужната фасада и булеварот „Македонија“ го детерминира неговиот карактер како променада, линеарна траекторија на движење. Ваквиот простор иако е комплексен елемент, резултат на своето опкружување, создава поинакво искуство во движењето и перцепцијата во текот на движењето. Уредувајќи ја променадата со урбана опрема, појава на содржини како скејт парк, зеленило, простори за седење и дружење долж целиот опфат, се реинтерпретира меморијата за тоа место како некогашен динамичен простор.

Сл, 6. Визуализација на дворот меѓу старата и новата структура

Сл, 7. Визуализација на северната фасада

Автор на статија:

| / / / / |