Скопје по ’63-та: генералниот урбанистички план за обнова на градот

July 26, 2018

Година дена по катастрофалниот земјотрес, во Скопје пристигнува интернационалниот тим од урбанисти и архитекти, нивна цел е соработка со локалните органи и изготвување на план за обнова на градот.

За проект-менаџер е избран полскиот експерт Адолф Циборовски,  поради неговото предходно искуство со реконструкција на Варшава по Втората светска војна. Дополнително се назначени и планските изведувачи, компанијата на Доксијадис (Doxiadis Associates) од Грција која е задолжена за првата фаза и изготвувањето на нацрт планот, и официјалната полска агенција – Полсервис  (Polservice) која е задолжена за креирање на програмски зони и експертиза околу самата изведба. Дел од тимот се и домашните експерти предводени од Коле Јордановски од Генералениот  дирекоторат за реконструкција и развој на Скопје, и Љубе Пота од скопскиот Завод за урбанизам и архитектура.

Сл, 1.  Урбанистичкиот тим за изработка на планот (Skopje Resurgent, 1970, p. 104)

Сл, 9. Дел од тимот од експерти, од лево кон десно: Алард, Мачкич, Јанковски, Пота, Циборовски, Галич (Skopje Resurgent, 1970, p. 107)

Итноста на санирање на штетите и враќање на градот во функција по земјотресот, го започнува процесот на обнова уште пред креирањето на новиот убанистички план. Ова претставува еден од главните предизвици на урбанистичкиот тим, кој своите планови мора редовно да ги прилагодува на новите објекти кои паралелно се градат низ Скопје.

Експертите успеваат да го завршат новиот план за само 10 месеци, и веќе во 1965-та година тој се усвојува како новиот Генерален урбанистички план на Скопје.

Сл, 2.  Интернационален екперт на терен (Skopje Resurgent, 1970, p. 115)

Катастрофалната обрушеност на историското градско ткиво креира шанса за првата детална модернизација на Скопје. Обновата и понатамошниот развој на градот се одвиваат според југословенските стандарди на градење, кои значителнот го подобруваат стандардот на живеење во однос на предземјотресниот период.

Дополнително, за прв пат се изведува потребната инфраструктура за нормално функционирање на еден модерен град од 20 век.  Скопје се снабдува со системи за канализација, водовод, електрика, комуникации и транспорт, кои нè опслужуваат и до ден денес.

Најпрвин се подготвува регионалниот план, каде Скопје се разработува како град со единечен центар кој се развива источно и западно по должина на Скопската Котлина. По одредување на неговите природни граници, се предвидува и поделба на градските програмски зони. Добиените површини се развиваат низ годините и денес ги претставуваат главните станбени и индустриски дистрикти во Скопје.

Сл, 3.  План за развој на регионот (Skopje Resurgent, 1970, p. 251)

Сл, 4.  Нацрт план на Скопје (Skopje Resurgent, 1970, p. 149)

Еден од првите чекори е одредувањето на местоположбата на железничката станица на локација која би била блиску до центарот и до градските индустрии. Истакнувајќи го железничкиот коридор кој се движи Белград – Скопје – Солун како примарен, железничката станица ја напушта својата предходна локација во јужниот дел на центарот и се преместува на неговата источна страна. Користеќи го празниот просторот на сега напуштената железничката траса исток – запад, се планира ново колско поврзување преку изведба на Јужниот Булевар.

Сл, 5.  Позиционирање на железничката станица: доле – јужна местоположба пред ’63-та, горе – источна местоположба по ’65-та (Skopje Resurgent, 1970, p. 183)

Планот предвидува хиеархија на 4 центри за секоја станбена единица.

ЛОКАЛЕН ЦЕНТАР > ЦЕНТАР НА НАСЕЛБА > ЦЕНТАР НА ДИСТРИКТ (КАРПОШ, АЕРОДРОМ, ЧАИР) > ГЛАВЕН ГРАДСКИ ЦЕНТАР

Сите центри содржат соодветни комерцијални, деловни, административни и културни програми кои ги задоволуваат различните потребите на жителите.

Сл, 6.  Хиерархија на центри (Skopje Resurgent, 1970, p. 231)

Пред земјотресот мнозинството граѓани живеат во ниски станбени единици кои не можат да одговорат на големиот број луѓе кои се вселуваат во градот. Ова резултира со низок квалитет на животен простор и просечна површина од 8м2/човек.

Земјотресот уништува голем дел од густата стара урбана структура оставајќи простор за сместување на сега ново домување. Тоа се развива во повеќекатни префабикувани станбени објекти кои обезбедуваат површина за поголем број на жители, подигнувајќи го стандардот на 12м2/човек.

Сл, 7.  Шема за станбени групации, пример сличен на станбената населба Карпош (Skopje Resurgent, 1970, p. 200)

Експертите планираат зголемување на Скопје на 350 000 жители до 1981г., додека новиот град би овозможи сместување на 700 000 жители, ставајќи посебен акцент, на фазите на овој развиток и потребата од редовни репроекции и репланирања низ годините.

Сл, 8.  Препораки за градење врз основа на закличоците од анализа на трошоци (Skopje Resurgent, 1970, p. 198)

Градскиот сообраќај се задржува само на колски, со крстосници на едно ниво, фокусирајќи се на унапредување на старите патишта. Исклучок е централиот дел во кој се предвидуваат поголеми промени како и воведуваење на Мал и Голем Ринг.

Кон краците на градот се искористува нискиот процент на изграденост и се поставуваат главните сообраќајни артерии кои го формираат движењето кон исток, север и запад. Денес тоа се булеварите Партизански одреди, Илинденска, Јане Сандански  и Крсте Петков Мисирков.

За јавениот превоз се предвидуваат автобуски линии, кои имајќи ги на ум максималните граници на градот би имале по 30 минутно возење од крајните дестинации до центарот.

Сл, 9.  Мапа на сообраќајна мрежа (Skopje Resurgent, 1970, p. 235)

Сл, 10. Улица 11-ти Октомври  (Skopje & me – www.facebook.com/grad.sk)

Во планот се предвидуваат слободни зелени површини кои се протегаат низ градот за негово разладување, одмор и рекреација за жителите. Вакви зелени појаси се Водно, Скопска Црна Гора, Гази Баба, Сарај и Матка, и кејот на Вардар заедно со градскиот парк.

Сл, 11.  Мапа на зелени површини (Skopje Resurgent, 1970, p. 237)

Сл, 12.  Жена Парк (www.skyscrapercity.com)

Експертите препознаваат некои специфични проблеми во градот на кои соодветно даваат и предлог решенија.

Поради етничките разлики градот резултира во два сегрегирани простори за живеење, јужниот брег – град А и северниот брег – град Б. За решавање на овој проблем тие предлагаат посебно внимание на централното подрачје кое треба да ги поврзе двата брега преку зонирање и креирање на физички врски – мостови.

Сл, 13.  Мост Гоце Делчев (Пелагонија, Скопје)

Голем проблем во Скопје се сиромашните квартови кои се нелегално изградени, без соодветна инфрструктура и со многу низок стандард на живеење. Експертите предлагаат нивно постепено рушење и заменување со поголеми станбени објекти,како и позиционирање на економски, трговски или културни жаришта.

Ваков пример е идеата за развој на зоните околу Бит Пазар и Топааа, преку активирањето на Чаршијата.  Дополнително се предвидува сместување на унверзитетскиот комплекс на северниот брег од реката Вардар, наместо неговата предходно планирана локација во населбата Аеродром.

Сл, 14.  Универзитетот Св. Кирил и Методиј (www.delcampe.net)

АРХИТЕКТОНСКИ СТИЛ

Поради катастрофалната разрушеност на станбените зони, побарувачката за домување е еден од главните проблеми во пост-земјотресниот период. Како одговор, различни држави од светот донираат цели населби за сместување на погоденото население. Ова резултира во градење на 18 нови зони, сочинети од монтажни куќи, кои и денес се главните станбени населби во Скопје, како Тафталиџе, Влае, Ѓорче Петров, Бутел, Драчево, Маџари, Козле, Пржино и  други.

Сл, 15.  Поглед кон населбата Козле (mk.wikipedia.org)

Советскиот Сојуз дополнително ја донира фабриката за префабрикувани градежни елементи „Карпош“, со која се започнува изградбата на станбени висококатници, кои дополнително се групираат во цели резиденцијални комплкеси. Целта е брзо и ефтино изведување на голем број на домови, што резултира во модуларни станбени единици, кои се карактеризираат со голема едноставност и ефикасност, но исто така и со идентичен, сив и монотон изглед.

Сл, 16.  Префабрикувани згради во Карпош (Skopje Resurgent, 1970, p. 280)

Дури и надвор од доменот на станбената архитектура, обновата на Скопје целосно се изведува во стилот на модернизмот кој е популарен низ во овој период. Интернационалната помош резултира и во силни влијанија од тековните случувања во архитектурата, кои го адресираат прашањето на модерниот град во 20-от век. Овие светски дискусии завземаат одредени форми посебно во рамки на јавната архитектура во обновениот град.

Во наредната деценија, домашни и странски архитекти, инспирани од модернистичките форми и можностите на армираниот бетон, креираат низа скулпурални проекти. Многу од нив се и главните симболите на модерно Скопје, како монументалните градби на Македонската Опера и Балет, Поштата, Универзитетот, Музејот за Современа Уметност, Градскиот Трговски Центар и низа други.

Сл, 17.  Телекомуникациски центар и шалтер сала за ПТТ (www.skyscrapercity.com)

Централното подрачје пак, е тема на посебен интернационален конкурс. Неговиот план, развој и архитектонски стил ќе го разгледаме во следната објава од серијалот за постземјотресната реконструкција на Скопје.

Извори: „Skopje resurgent” – United Nations, New York, 1970; Книга 20 – Завод за урбанизам и архиектура, Скопје, 1967; Ивановска Дескова, Ана, „Архитектурата од периодот на постземјотресната обнова на Скопје – вредности и состојба во рамки на современиот контекст“, Скопје, 2015; www.okno.mk; www.mk.wikipedia.org.

Автор на статија:

| / / / / |