Скопје по ’63-та: споредба со пост-воената обнова на Варшава

30.07.2018

Речиси две децении пред скопскиот земјотрес, на самиот крај на Втората светска војна, уште една претстолнина од Источна Европа доживува катастрофална деструкција. Наци-окупацијата ја сведува Варшава на руини, но веднаш по крајот на војната, самото населението ја започнува нејзината обнова. Овој проект претставува една од најголемите и најквалитетните урбани реконструкции досега, и како таков добива огромно интернационално вниманије и низа пофалби.

Токму поради ова Обединетите Нации го повикува полскиот тим на урбанисти да учествува и во обновата на Скопје, вклучувајќи го и експертот Адолф Циборовски кој ја добива задачата на менаџирање на целиот проект.

„И сепак искуството низ кое поминаа полските планери при дизајнирањето и обновата на Варшава, се испостави да биде навистина корисно дури и при решавање на урбанистичките проблеми во Скопје.“

Адолф Циборовски

Проектите за обнова на Варшава и Скопје се споменуваат како двата најголеми урбанистички зафати во дваесетиот век во Европа, но што всушност ги прави овие два проекти слични?

Сл, 1. Полскиот експерт кој ја води реконструкцијата на Скопје е почестен со една мала улица во центарот на градот која го носи неговото име (www.365.4d.mk)

Пред катастрофата

Сместена на бреговите на реката Висла, Варшава доживува голем развој како трговски центар и престолнина на Полската држава. Исто како и во Скопје, урбанизацијата на населението кое се сели од перифериите во главниот град резултира во голем раст на популацијта за време на периодот меѓу двете светски војни.

Сл, 2. Варшава пред војната (www.oldstratforduponavon.com)

Иако градот достигнува 1.3 милиони жители во 1939г, поради слабата регулација на градската структура, најголемиот дел од населението е густо населено во атриумски блокови кои се карактеризираат со недоволна осветленост и ниска инфраструктура. Наспроти ова, буржоазијата живее во раскошни градски палати, кои го исполнуваат стариот центар со нивните раскошни и монументални неокласични фасади.

Сл, 3. Графичка анализа на густината на живеење и осветлувањето на станбените зони во стара Варшава (Sześcioletni plan odbudowy Warszawy, Bolesław Bierut, Варшава, 1950)

Разурнување на главниот град

Иако уништувањето на градовите драстично се разликува кога е предизвикано од човечки наместо природни сили, двете катастрофи предизвикуваат околу оштетување на 80% од градските структури. Сепак, деструкцијата на полската престолнина е намерна и планирана, што резултира во многу поголем број на жртви и целосно срамнување со земја на огромен дел од градот. Кога конечно при крајот на војната советските сили влегуваат во Варшава, тие се среќаваат само со руини.

Сл, 4. За време на наци-окупацијата на Варшава во населбата Муранов се сместува најголемото еврејско гето во Европа. По востанието во 1943, целиот дистрикт е срамнет со земја, освен старата црква чија камбанарија е стратешка точка за надгледување на околината. (Sześcioletni plan odbudowy Warszawy, Bolesław Bierut, Warszawa, 1950)

Оваа тотална деструкција од страна на германската војка, е всушност реализирање на наци-визијата за овој град, креирана кратко пред почетокот на самата војна. Така наречениот „Пабст план“, предвидува рушење на стариот и градење на нов, мал германски град, кој би служел за транспортно поврзување и сместување на елитни вили на членовите на Рајхот.

Сл, 5. Кадар од филмот „Пијанист“, протагонистот Шпилман по месеци криење ја воочува катастрофалната деструкцијата на неговиот роден град, Варшава

Подготовки за обнова

За разлика од изненадноста на катастрофалниот скопски земјотрес, деструкцијата на Варшава е процес за кој се подготвува и самото население. Уште за време на војната, архитекти и урбанисти тајно ги собираат техничките документации за градските споменици и ја планираат обновата на градот.

Сл, 6. По крајот на војната, жителите започнува со расчистување на руините и продолжуваат активно да учестуваат во реконструкцијата на Варшава (Warszawa o zniszczeniu i odbudowie miasta, Adolf Ciborowski, Warszawa, 1969)

Сл, 7. Младинска бригада од Југославија испратена во Варшава за помош при расчистувањето на градот (Przestrzeń Warszawy Tożsamość miasta a urbanistyka, K. Domaradzki, Warszawa, 2016)

За реализирање на овој план претседателот Бјерут објавува декрет со кој се пренаменува целото градско земјиште во државна сопственост, креирајќи една „табула раса“ која планерите ја испишуваат со идеалистичките визии за модерниот градот на 20-от век.

Сл, 8. Споредба на централното градско тркиво на Варшава, пред војната/лево, по обновата/десно (Warszawa o zniszczeniu i odbudowie miasta, Adolf Ciborowski, Warszawa, 1969)

Општествената состојба по војната

Полска, како и Југославија, по војната станува социјалистичка држава, а новиот режим ја користи архитектурата на обновата за зајакнување на комунистичките идеали на еднаквост и соживот. Поради тоа една од главните цели на реконструкцијата на Варшава е надминување на социјалната неправда од предвоениот период и обезбдување на еднаков животен стандард за сите. Дополнително, се изведуваат низа огромни булевари и плоштади во стилот на соцреализмот, кои се предведени за сместување на паради и митинзи, честопати посветени на Комунистичката партија.

Сл, 9. Визии за улица Маржлоковска (Sześcioletni plan odbudowy Warszawy, Bolesław Bierut, Warszawa, 1950)

Сл, 10. Улица Маржлоковска по обновата (www.warszawa.wyborcza.pl)

Архитектонскиот стил на модернизмот поради својата едноставност, функционалност и скомност, соодвествуваа со социјалистичките идеали и во Југославија и во Полска. Поради тоа двете обнови се изведени во овој манир, кој не се надоврзува на стариот град, туку креира целосно нови бетонски метрополи.

Интернационални влијанија

Уште во 1920-те се формира организацијата CIAM која цели кон промовирање на тогаш новиот стил на модернизмот, што и всушност значи нејзиното име – Congrès Internationaux d’Architecture Moderne (Меѓународниот Конгрес за Модерна Архитектура). Тие организираат низа настани, посетени од најеминентните архитекти од целиот свет, на кои се формираат начелата на овој нов архитектонски стил.

Сл, 11.  „Атинската повелба“ /Ле Корбизје, CIAM, 1933г, ги поставува принципите на функционалистичкиот град, кои значително влијаат на пост-воениот урбанизам насекаде низ светот (www.archipendium.com)

По катастрофите во Варшава и Скопје, овие градови се едни од ретките празни подлоги во Европа на кои може конечно да се реализираат визиите за новиот град на 20-от век. Силните интернационални влијанија и трендови, како и политичкиот контекст, резултираат во реконструкции кои се засноваат на урбанистичкие нечела од повелбите на CIAM. Плановите се базираат на четирите главни функции на современите градови: домување, индрустрија, рекреација и транспорт, кои даваат многу слични резултати во двата града.

Сл, 12. Карпош и бул. Партизански одреди по изведбата (www.delcampe.net)

Сл, 13. Населбата Муранов по реконструкцијата (Przestrzeń Warszawy Tożsamość miasta a urbanistyka, K. Domaradzki, Warszawa, 2016)

  • Домување

Во кризниот период по катастрофите, еден од најголемите проблеми е недотатокот на живеалишта. Со цел вдомување на граѓаните на најбрз и најекономичен начин, во двата града се изведуваат цели населби од префабрикувани висококатници, кои обезбедуваат повеќе простор за домување на помала површина. Преку нивно позиционирање во зелени појаси се обезбедува целосно осветлување на зградите, што беше огромен недостаток на станбените зони во старите градови.

Сл, 14. План за реконструкција на населбата Муранов, Варшава| 1) Старата католичка црква; 2) Детска градинка; 3) Обновена католичка црква; 4) Опера; 5) Средно училиште; 6) Полициска станица; (Warszawa o zniszczeniu i odbudowie miasta, Adolf Ciborowski, Warszawa, 1969)

Сл, 15. Денешен изглед на населбата Муранов (www.youtube.com/watch?v=M5jODL9kJuk)

Висококатниците се дизајнираат во три или четири варијанти, кои потоа сериски се поврторуваат и креираат цели дистрикти од речиси идентични градби.  Една ваква станбена зона функционира на помали и поголеми кластери од објекти, во кои доплнително се сместуваат и заеднички социјални простори како градинки, училишта, игралишта, социјални клубови и  површини за рекреација.

Сл, 16. План за населбата Карпош 4 | 1) Радиот-телевизија Скопје; 2) Тговски центар; 3) Детски установи; 4) Основно училиште (Книга 4 – Тафалиџе, Карпош II и IV, Завод за станбено комунално стопанисување, Скопје, 1968)

Сл, 17. Денешен изглед на населбата Карпош 4 (www.mkd.mk)

Сл, 18. Како резултат на социјалистичките идеали, резиденцијалните зони во Варшава и Скопје содржат изобилие на јавни површини и платоа, кои се замислени како заеднички соби на отворено | Плато во населбата Муранов

Сл, 19. Иако овие населби имаат исклучителна функционалност и квалитетни јавни простори, тие сепак се карактеризираа со сив и монотн изглед | Лево Муранов денес; десно Карпош кратко по неговата изведба

  • Индрустрија

Во социјалистичките општества од дваесетиот век, фабриките го движат државното производство и самата економија, вработувајќи најголем дел од градското населението. При обновите на Варшава и Скопје, се обрнува посебно внимание на поврзувањето на овие индустриски зони со станбени населби во кои се вселуваат самите работници. Ваквиот начин на планирање со здржување на комплементарни намени овозможува независно функционирање на дел од градските дистрикти.

  • Рекреација

Еден од првите чекори при реконструкциите на двата града, е регулација самите корита на реките Висла и Вардар. Нивните брегови, како и во минатото, се планираат како зелени зони по кои се нижат секвенци од паркови и површини за рекреација, кои дополнително ги збогатуваат јавните намени во самиот центар на градот.

Сл, 20. Мапа на зелени површини (Skopje Resurgent, 1970, p. 237)

Обновите на Варшава и Скопје, следејќи ги начелата на CIAM, се концентрираат на креирање на зелени појаси околу станбените зони, кои позиционирани во однос на микроклиматските услови предизвикуваат одредено проветрување на самите градови.

  • Транспорт

Сите историски градови се карактеристични по нивните тесни стари улици, кои иако се пријатни за самите пешаци, не успеваат да го опслужат модернизираниот градски сообраќај. Клучен аспект за креирање на фукнционалистички град на новиот век, е современа улична мрежа која би била димензионирана во однос на зголеменото користење на автомобили, автобуси и трамваи.

Реконструкциите на овие два града се засноваат на длабоко развиени сообраќајни планови, кои честопати ги бришат историските оски, со цел создавање на нова проточна улична мрежа. Во случајот на резиденцијалните зони се јавува градација на уличните профили кон внатрешноста на станбените кластери.

Сл, 21, 22. Како и при обновата на Скопје, Варшава е планирана со хиерахија на градски центри | мапа на намени, лево; мапа на поврзвајње на градските зони, десно (Sześcioletni plan odbudowy Warszawy, Bolesław Bierut, Warszawa, 1950)

Однос кон старите градски ткива

Во случајот на Скопје, голем дел од старата Чаршија го преживува земјоресот, но иако нејзината важност се акцентира при планирањето на реконструкцијата, цели делови од историската структура се уништуваат за реализарање на модерните булевари. Дополнително на нејзините граници се изведуваат низа современи објекти кои креираат драстичен контрас меѓу новите и старите стурктури.

Сл, 23. За разлика од скопската Чаршија, стариот контекст на јужниот брег на градот речиси целосно се занемарува при неговата реконструкција; пред земјотрсот/лево, по обновата/десно (www.marh.mk)

За разлика од Скопје при деструкцијата на Варшава, нејзината историска зона е целосно уништена. Но како делот кој го најмногу го креира идентитетот на градот, надлежнните органи решаваат да го реконстурираат стариот изглед на центарот. Овој чекор е многу значаен за самиот морал на граѓаните, кои го гледаат враќањето на стариот град како крајниот симбол на победата над фашистичкиот режимот и нивниот „Пабст план“.

Сл, 24. Од лево: градскиот плоштад Во Варшава во 1913, 1945 и 2009 (www.99percentinvisible.org)

Сл, 25. Реконструкцијата на градското јадро не го враќа неговиот изглед од пред војната, туку го рекреира центарот од постар период, кога сеуште не е „извалкан“ со крактеристиките на капиталистички град. | улицата Нови Швјат во 1870-те и денес (Powojenna odbudowa ulicy Nowy Świat w Warszawie, M. Popiołek, Warszawa 2012)

Сл, 26. Уличните форнотови се изведуваат со идентична висина на венец, иако пред војната тие имаат различен број на катови зависно од економската моќ на сопствениците. | Од лево: хотел савој на ул. Нови Швјат во Варшава во 1938, 1945 и при обновата во 1947

За обнова на старите неокласични објекти се користат истите техники и материјали, со што новите фасади се речиси идентични на оригиналните. Сепак во овие историските обвивки се сместуваат целосно модерни објекти, засновани на современите стандарди кои ја гарантираат функционалност на самите градби.

Развој пост реконструкцијата

Со распаѓањето на социјалистичкиот режим при крајот на 20-от век, идеалистичките слики за Варшава и Скопје полека почнуваат да бледеат. Новиот демократски систем и слободниот маркет дополнително влијаат на градежната индустрија, која сега самостојно почнува да ги обликува двата града. Така огромните зелени појаси почнуваат да се исполнуваат со нови градежни маркици, додека јавните платоа и плоштади се пренаменуваат во паркингзи.

Со недостатокот на овие урбани елементи наменети за рекреација и соживот, двата града почнуваат да се гушат од изобилието на бетонски блокови и постмодернистички висококатници. Денес тие се соочуваат со потребата на реинтерпретирање на нивниот јавниот простор, кој беше толку намерно креиран при обновите, а денес безгрижно се узурпира.

Во случајот на македонската престолнина, пет децении по нејзината обнова, се појавува проектот за рекреирање на изгледот на градскиот центар и неговите главни архитеконски симболи од периодот пред земјотресот. „Скопје 2014“ е потфат кој донекаде налкува на пост-воената реконструкција на варшавскот центар, бидејќи повторно вклучува маскирање на современи објекти со исторски фасади.

Без разлика на умешноста при изведување на овие старо-нови центари, тие се само контраст на исклучиво современите градови што денес всушност се Скопје и Варшава. Овие проекти само даваат одреден одговор на носталгијага за стариот изглед на градовите, кој сеуште останува активен во меморијата на неговите жители. Со ова ја воочуваме најголемата мана на нивните реконструкции, кои иако креираат функционални урбани матрици, не успеваат да го вратат оригиналниот идентитет на градовите пред катасрофата.

Сл, 27. Современиот развој на скопската населба Кисела Вода (www.porta3.mk)