Скопје по ’63-та: за земјотресот и реконструкцијата

Рано наутро на 26 Јули, 1963 година Скопје е погодено од земјотрес со интензитет од 6.1 степени (според рихтеровата скала). Со само траење од 20 секунди, првиот и најсилниот потрес, разрушува 65% од градските структури. Во катастрофата над 1000 жители ги губат животите, а бројот на повредени е три пати поголем.

Сл, 1. Офицерски дом (www.tetovasot.com)

Сл, 2, 3. Улица Македонија (Skopje Resurgent, 1970, p. 18, p. 22)

Во текот на денот следуваат низа послаби тремори кои ги вадат сите скопјани на улиците од разурнатиот град. Првите реакции се грижа за повредените и спасување на луѓе заглавени под урнатините. Во ваква атмосфера почнува да се развива силно чувство на заедништво, дисциплина и групен напор за стабилизација по катастрофата.

Сл, 4. Утрото по земјотресот (mk.wikipedia.org)

Сл, 5. Кампови под Кале (Skopje Resurgent, 1970, p. 33)

Вестите за Скопскиот земјотрес брзо се шират, и нашиот град станува главна тема во рамки  на светските случувања. Поради неутралноста на СФР Југославија за време на студентата војна, Скопје добива помош од држави од двете страни на железната завеса. Донациите се во форма на медицински средства, крв, вода и храна, како и војници и машинерија за расчистување. Градот претставува симбол на солидарноста и местото каде за прв пат по војната повторно се среќаваат американските и советските војници.

Сл, 6. Германски весник пренесува за скопскот земјотрес (www.dw.com/mk/)

Сл, 7. Советска воена единица ги расчистува урнатините (www.okno.mk)

Уште следниот ден претседатлот Јосип Броз Тито, го посетува градот и го најавува почетокот на процесот на реконструкција, кој продолжува да се одвива до крајот на 70те години.

„Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност.“

– Јосип Броз Тито

Сл, 8. Јосип Броз Тито во посета на Скопје (www.en.wikipedia.org)

РЕКОНСТРУКЦИЈА

Интернационалната помош, организирана од Обединетие Нации, продолжува и во периодот по катастрофата, во форма на парични средства, градежни зафати и интернационални експерти.  Низа сеизмолози, хидролози, урбанисти и архитекти од целиот свет, се здружуваат со заедничка цел за постземјотресната обнова на Скопје. Од овие професионалци ОН ја формира и групата задолжена за изработка на новиот урбанистички план на Скопје. Во неа членуваат тимовите од Југославија, Јапонија, Полска, Грција и Холандија, а за проект менаџер е назначен варшавскиот архитект Адолф Циборовски.

Сл, 9. Дел од тимот од експерти, од лево кон десно: Алард, Мачкич, Јанковски, Пота, Циборовски, Галич (Skopje Resurgent, 1970, p. 107)

Пред почетокот на новиот урбанистички план на Скопје, експертите прават низа истражувања и анализи на територијата на Скопската Котлина.

Првото прашање е зачувувањето на локацијата на престолнината, или нејзино преместување поради сеизмички активната подлога. Британскиот сеизмолошки инжињер проф. Амбрасеј, по неговите истражувања на Скопје, тврди дека промена на локацијата не е потребна, доколку се следат неколку совети за градење во земјотресни подрачја:

  • Регулирање на коритото на Р. Вардар и избегнување на чести поплавувања кои ја ослабуваат носивоста на земјиштето и самите конструкции;
  • Градење надвор од најсилните сеизмолошки подрачја околу коритото на Вардар;
  • Градење структури дизајнирани да ги издржат страничните сили при земјотреси;
  • Формирање на институт за земјотресно инженерство во Скопје, кој е и првиот во Европа;

Сл, 10.  Носивост на почвата во Скопската Котлина (Skopje Resurgent, 1970, p. 147)

Земјотресот остава специфични оштетувања на објектите по катастрофата. Многу од структурите не се обрушени и сеуште стојат исправени, а од далеку градот сеуште наликува на неговиот предходен изглед.

Со приближување до градбите се забележуаат косите пукнатини кои се непоправливи оштети на самите конструкции. Тие ги прават објектите нестабилни за идно живеење, поради што голем дел се срушат.

Сл, 11, 12.  Оштети од земјотресот (Skopje Resurgent, 1970, p. 38, p. 39)

Ова го отвара второто прашање во процесот на реконструкцијата, проценката на  штетите од земјотрест. Експертите ги делат објектите во Скопје на структури со минарни оштетувања, оштетени градби кои можат да се поправат, и објектите кои мора да се уриваат. Од градбите кои сеуште стојат по земјотресот, пола не ги поминуваат статичките стандарди и заради тоа се срушени.

Сл, 13.  Извадок од документарниот филм „Skoplje ’63“ (www.youtube.com

Од текстурата на градот кој преостанува по катастрофата, експертите прават анализи на нејзините урбани и архитектонски вредности. Историските комплекси на Чаршијата и Калето, се дефинираат како најзначајни точки од старата урбана форма и се заштитуваат како културно историско богатство. Тие се првите дефинирани зони во новиот урбанистички план, кој дополнително го предвидува нивното реконструирање и ревитализирање.

Сл, 14.  Поглед кон маалото кај Саат кула пред земјотресот (www.delcampe.net)                                                     

Сл, 15.  Скица од Чаршија (Книга 20, Завод за Урбанизам Скопје, 1967, p.63)

Темата на генералниот урбанистички план за обнова на Скопје, ќе ја разгледуваме во втората објава од овој серијал посветен на 55-годишнината од скопскиот земјотрес.

Извори: „Skopje resurgent” – United Nations, New York, 1970; Книга 20 – Завод за урбанизам и архиектура, Скопје, 1967; Ивановска Дескова, Ана, „Архитектурата од периодот на постземјотресната обнова на Скопје – вредности и состојба во рамки на современиот контекст“, Скопје, 2015; www.okno.mk; www.mk.wikipedia.org.