РИМСКИОТ ГРАД СКУПИ

Статус: римска колонија во провинцијата Дарданија – Colonia Flavia Scupiorum

Скопје прв пат се формира како град уште пред дваесет и два века на падините од Зајчев Рид. Оваа локација денес се наоѓа на 4,5км. северозападно од центарот на градот, покрај населбата Злокуќани. Археолошкиот локалитет е доказ за римскиот град Скупи кој е првата досега пронајдена урбано организирана населба на териротирјата на Скопската Котлина.

Географските карактеристики на локацијата ја направиле поволна за фортифицирање и поврзување со римските градови во регионот. Како резултат на тоа, Скупи се развива во голем провинциски град, кој брзо станува регионален, економски, верски, културен и административен центар.

„… со своите 43 хектари Скупи било 2 пати поголемо од Стоби, пет пати од Хераклеја кај Битола или девет пати од Баргала кај Штип.

Иван Микулчиќ, А, списание за култура на просторот, број 2, 1985

Како резултат од низа воени и природни катастрoфи во наредните векови до денес, градот се сведува на руини (архолошки остатоци). Речиси 15 века подоцна археолозите започнуваат ископување на локалитетот дознавајќи ја историјата на римското Скопје. Преку нивните истражувања ја формираме и сликата за животот во овој древен град, како и за неговите урбанистички и архитектонски карактеристики.

Сл, 1. Локација на локалитетот Скупи (Google Earth)

Сл, 2. Панорамнски поглед на истражените делови на градот Скупи (Јованова, Scupi Colonia Flavia Scupiorum, 2015, p.20

Југозападните падини на Зајчев Рид се дополнително заградени со теченијата на реките Вардар и Лепенец. Користејќи ги реките како извор за вода и заштита, првите живеалишта и населби на оваа локација се развиваат уште во бронзеното и железното време.

Со освојувањата на римските легии и нивното движење кон централниот Балкан во I век п.н.е, фронтот ја преминува Скопската Котлина. Се претпоставува дека Скупи се зачнува со поставувањето на римскиот воен логор (каструм). По крајот на воените кампањи, веќе во I век од нашата ера, инфраструктурата на логорот ќе биде употребена од цивилното населението како основа за формирање на новиот римски град.

„Според местоположбата Скупи се наоѓа во јазол на вкрстување на двете главни балкански патни трансверзали, едната, која од север кон југ го поврзува Дунав преку Моравско-вадарската долина со Егеј и, другата, која од запад кон исток го поврзува Јадранското со Црното Море. Тоа овозможило првобитната населба во кус временски рок да се трансформира во комплексен урбан римски град со сите цивилни и верски објекти кои одговарале на неговите услови и прилики.“

Ленче Јованова, Скупи Colonia Flavia Scupiorum, 2008

Сл, 3. Римска монета од II век (Римски театар Скупи, 2017, p.420)

Во II век од н.е. делови од територијата на Скопската Котлина им се доделувале на воени ветерани од римските легии. Тие се селеле во градот издигајќи го неговиот стаус на самоуправна дедуктивна колонија.

Сл, 4, 5. Надгорбни споменици: лево – Маркус Помпониус Марцелус, ветеран на седмата Клавдиева легија – I век, десно Гајус Семпрониј Лупо, градски советник, квестор и градоначалник на Скупи – II век (Јованова, Scupi Colonia Flavia Scupiorum, 2015, p.10, p.14)

При крајот на III век н.е, за време на влаедеењето на Диоклецијан, се формира провинцијата Дарданија, а како нејзин главен град е определено токму Скупи. Во овој период градот го достигнува врвот на својот развој, и прераснува во моќен и богат регионален центар.

Сл, 6. Поглед кон централната градска зона (Јованова, Scupi Colonia Flavia Scupiorum, 2015, p.24)

Развојот на метрополата е во неколку наврати прекинуван од напади на варварски племиња кои ја опустошуваат и уништуваат римската колонија. По низа обновувања на градот неговото финално разрунување е предизвикано од катастрофален земјотрес во 518 г. н.е. Со ова, населението на Скупи целосно го напушта својот град, додека на постземјотресните руини се развиваат низа помали населби.

Во наредните вековите на падините на Зајчев Рид се одвива скромно живеење, додека главната градска населба во Скопскиот регион се префрла на локацијата на „Скопско Кале“. Оттаму, почнувајќи од средниот век па до денес, таа ќе се развива на оваа нова локација.

Сл, 7. Дел од централната градска зона (марх.мк)

Археолошките ископувања официјално започнуваат во 1930-те години, додека локалитетот за прв пат се заштитува како културно наследство по земјотресот во 1963.

Сл, 8. Мапа на Скупи со истражените објекти (Јованова, Scupi Colonia Flavia Scupiorum, 2015, p.8)

Тој имал класичен римски шаблон кој се состоел од две главни улици кои биле поставени под прав агол. Вообичаено со ориентација север – југ била оската кардо максимус, а нормална на неа – оската декуманус максимус. Со поставување на улици парарелни на главните се добива ортогонална мрежа од правоаголни урбани блокови (инсули).  Низ овие главни „максимус“ оски се реализирале влезовите во градот, а на нивниот пресек најчесто се позиционирал градскиот плоштад (форум).

Сл, 9. Пример за претпoставена основна улични мрежа

Структурата на градот била фортифицирана со одбранбени ѕидови кои заокружувале површина од околу 40 хектари. Бедемите биле изведени од кршен камен и малтер, при што во југоисточниот агол на Скупи е констатирана нивна широчина од дури 3,2 м.

Сл, 10. Дел од југоисточниот бедем (Јованова, Scupi Colonia Flavia Scupiorum, 2015, p.22)

Надвор од ѕидините се развивале грoбништа (некрополи) од различни периоди. Предметите пронадени во нив (монети, надгробни споменици, итн.) се најважните археолошки извори за откривање на историјата на градот.

Сл, 11. Северозападната некопола (www.okno.mk)

Во рамките на ѕидините градската структура се развива низ период од 5 века. Во текот на нејзиниот најбогат период таа има урбани и станбени карактеристики кои се навистина модерна за доцната антика.

Уличната мрежа се состои од широки поплочени коловози со тротоари и портици од страните. Под камените плочи се развивала комплексна канализациона и водоводна мрежа, која го контролирала слевањето на водите по стрмниот терен.

Станбените објекти се луксузно опремени со поплочени подови, приватни бањи, подно греење, мозаици, и ѕидови исликани во фреско техника.

Во централниот дел на градот отриени се остатоци на јавни објети како што се театарот, термите и базиликите, кои укажуваат кон разиениот општествен живот во римскиот град.

Сл, 12. Улицата кардо (Јованова, Скупи Colonia Flavia Scupiorum, 2008, p.16)

Најголемиот досега истражен дел од урбаната структура на римскиот град, е централната зона во која се откриени низа објекти наредени покрај двете улици – кардо и декуманус. Се верува дека тоа се главните улици во шемата на Скупи наречени кардо максимус и декуманус максимус.

Сл, 13. Централната градска зона (Јованова, Scupi Colonia Flavia Scupiorum, 2015, p.18)

  • Хореумот престравува јавно складиште за жито и датира кон крајот на III-от век. Во главната просторија биле поставени низа столбови кои го делеле просторот на четири коридори. Поради големиот број пронајдени базиси се верува дека планот на градбата се развивал на два ката.
  • Градските бања (термите) се карактеристични објекти за римскиот град. Покрај нивната хигиенска функција тие имале и социјална улога. Во Скупи се откриени помали терми (IV – V век) западно од улицата кардо и големиот термалниот комплекс (II – V век) на источната страна од улицата. Двата објекти содржат ладен, млак и топол дел кои биле загревани преку систем на хипокаусти. Во случајот на термалниот комплекс површината на објектот е многу поголема и содржи дополнителни простории меѓу кои и атриум.
  • Големата ранохристијанска базилика е поставена источно од улицата кардо и постоела во годините на VI век. Таа е трикорабна со нартекст, а се пристапувало преку трем и атриум од западната страна, додека секој од бродовите завршувал со апсида на источната страна. Во внатрешноста се пронајдени делови од скалишен крак што укажува дека објектот се состоело од два ката, веројатно со галерии на горното ниво.
  • Микростанбената целина од градби изградени во VI-от век, сведочи за последните фази на живеење во Скупи. Со својата неправилна форм
    а тие укажуваат на послабата организираност на градот и отстапување од римската урбана шема.

Сл, 14. План на објекти западно од улицата кардо (Јованова, Скупи Colonia Flavia Scupiorum, 2008, p.38)

Fig, 15. Градските терми (марх.мк)

Сл, 16. Големиот термален комплекс (Јованова, Scupi Colonia Flavia Scupiorum, 2015, p.30)

Сл, 17. Столб од големата ранохристијанска базилика (Јованова, Scupi Colonia Flavia Scupiorum, 2015, p.17)

Низ сите делови на локалитетот се забележува наслојување на објекти од различни периоди. Голем дел од постарите руини биле вградени во поновите објекти со што се губи претставата за нивниот целосен изглед. Поради ова се среќаваат фрагменти од низа други градби чии намени не можат да се утврдат, дел поради недовршените истражувања или едноставно поради недостатокот на информации.

Сл, 18. Руини источно од улицата кадо (марх.мк)

Следејќи ја улицата кардо максимус пристигнуваме до северната градска зона која се развива на самите падини од Зајчев Рид.

  • Ранохристијанската базилика е лоцирана во подножјето на ридот, јужно од театарот. Поради стрмноста на теренот нејзиниот план се развива терасесто на три коти. Базиликата има трибродно решение со нартекс и баптистериум. Внатрешниот простор бил поделен со колонади од лачно поврзани столбови. Таа била во процесот на изградба при катастрофалниот земјотрес во 518 г. поради што крстилницата останала недовршена а мозаичниот под во наосот не бил ниту започнат.
  • Градската вила (Домус) се наоѓа делумно под христијанската базилика, а датира околу раниот IV век. Ѕидана е од делкан камен во комбинација со тула, поврзани со малтер. Градбата содржи и низа рециклирани архитектонски елементи (сполии) земени од постари раноримски објекти. Од вилата се откриени две поголеми простории и мала приватна бања која се состоела од топола и млака просторија, меѓу кои била поставен делот за огништето. Млаката просторија се загревала со систем на подно греење, од глинени цевки покриени со воодотпорен малтер. Во источните простории пак, се пронајдени остатоци од ѕидови покриени со фрески иссликани со ранобојни геометриски мотиви. Сево ова укажува на луксузноста на објектот, од што следи заклучокот дека нејзиниот сопственик бил некој истакнат и богат граѓанин.

Сл, 19. План на руини во северната градска зона (Јованова, Скупи Colonia Flavia Scupiorum, 2008, p.47)

  • Театарот е најголемиот и највпечатливиот објект во градот Скупи. Изграден бил во II в н.е. и припаѓа на типот на римски театри, наменети за драмски и други претстави. Споре сегашните сознанија не потојат докази за изведба и на гладијаторски борби. Со својот капацитет за околу 9000 гледачи ова е засега најголемиот антички театар на територијата на Република Македонија.

Сл, 20. Театарот при крајот на третата фаза од истражувањата (Римски театар Скупи, 2017, p.18)

Урбаната структура на Скупи се простирала надвор од денешните граници на локалитетот. Од спротивната страна на денешниот пат кој води кон Бардовци, во дворот на домот за стари лица, е откриен дел од јужната зона на римскиот град.

  • Од цивилната базилика е откриена само нејзината северна страна додека јужната не е во можност да се ископува поради локалниот поток кој тече токму над неа. Станува збор за градба од поечтокот на IV-от век, ѕидана од камен и тула. Се работи за тробродно решение со апсида во западниот дел. Базиликата била сводно покриена, а за вкрутување на конструкцијата биле поставени контрафори на надворешните ѕидови. Главната сала била сместена во централниот брод, опкружена со колонади од столпци и лаци, и поден мозаик. Објектот служел како цивилна (урбана) базилика во која се одвивале активностите на градското собрание.

Сл, 21. Коринтски капител, цивилна базилика – IV век (Јованова, Скупи Colonia Flavia Scupiorum, 2008, p.13)

Сл, 22, 23. Цивилна базилика, основа и напречен пресе (реконструкција) – IV век (Микулчиќ, Антички градови во Македонија, 1999, p.256)

Сите прикажани објекти се пронајдени на простор од само 4 хектари што е мал дел од вкупната територија на Скупи. Ископувањето на останатите површини е сложен и скап процес кој во принцип се одвива бавно.

Локалитетот со околната зона денес подлежат на закон за заштита на културното наследство.  Оваа легислатива го регулира развојот на градот за да се спречи оштетување на истражените и неистражените остатоците од римскиот град.

Прикажаната слика за изгледот на Скупи допрва ќе се надополнува преку идните истражувања на локалитетот.

Сл, 22. Статуа на Венера со делфин, пронајдена во големиот термален комплекс – II век (Јованова, Scupi Colonia Flavia Scupiorum, 2015, p.16)

Извори:

  • Ленче Јованова, Скупи Colonia Flavia Scupiorum-водич, Музеј на град Скопје, Скопје, 2008;
  • Ленче Јованова, Scupi Colonia Flavia Scupiorum, Скопје, 2015;
  • Римски театар Скупи, Музеј на град Скопје, Скопје, 2017;
  • Иван Микулчиќ, Античнките градови во Македонија, МАНУ, Скопје, 1999;
  • Иван Микулчиќ, За преместувањата на Скопје – okno.mk
  • Скупи – mk.wikipedia.org
  • Мистериите на древниот град Скупи – arheo.com.mk

 

Материјалот го приложи и обработи: Ноеми Чаусидис