Спокојна архитектура / Голабоска

Малку поинакви разгледници

Разгледниците се дописни картички кои испраќаат топли поздрави од едно место до друго. Вообичаено, разгледниците прикажуваат прекрасни предели и често имаат сувенирска вредност.

Картичките кои се вклучени во колекцијата „Спокојна архитектура“ го прикажуваат духот на еден град, потсетувајќи на потенцијалните приказни кои се кријат позади градските фасади. Духот на градот е духот на луѓето.

 

 

Фотографиите се од улиците на Охрид, Скопје, Атина, Белград, Барселона и Нарвик. Приказните се измислени, а директно инспирирани од луѓето сретнати низ овие улици.

Колекцијата содржи 101 картичка. Oдговараjќи на прашањето ,,Што е дом?”, преку секоја една приказна, би можело да се каже дека оваа кутија е збирка на дефиниции за “дом” од една страна и физички фотографски документирани домови од друга страна.

 

 

Колекцијата е издадена од Октагон Прима, а автор на текст и фотографија е Злата Голабоска. Одбрани се неколку урбани точки каде што оваа збирка може да ве сретне: кафе Винил, Клуб Матица, Скејт шоп Попкорн и Ликвид Кафе Охрид.