Стоковна куќа „Беко“ / Несторова – Томиќ

Автор: Мимоза Несторова – Томиќ

Локација: ул. Даме Груев бр. 12, Скопје

Инвеститор: Беко – Белград

Фирма: „Београдска конфекција“

Развиена површина: Кат 250m2  / 1000m2

Изведувач: ГП Пелагонија ; СИЗОТ – Скопје

Година на проектирање: 1969

Година на изведба: 1970

Отварање на објектот: 1972

Од архивата на: Мимоза Несторова – Томиќ

Технички прилози: Антонио Грујевски

 

Уривањето на еден значаен заштитен знак на пост-модерното Скопје, стоковната куќа Беко (оригинално – Скопјанка), трае со недели во чудно тивка атмосфера. Јавноста после декада тортура на современото Скопје, очигледно ја загуби силата за реакција. Прашање е и колку може да се направи нешто, бидејќи јавноста се информира за планот на инвеститорот и општината откако се појавија багерите.

За жал останува единствено да ја информираме јавноста за значењето на објектот, неговата историја, за авторот, архитектонското решение и со тоа да го архивираме како дел од минататото на Скопје :/

Дополнително МАРХ изразува голема благодарност до Арх. Марта Мојсова, Арх. Ѓорѓи Мојсов и Проф. Владимир Десков за нивната несебична поддршка кон документирање на објектот, како и овозможување на средба со авторот на истиот, Арх. Мимоза Несторова – Томиќ. 

 

“Еволуцијата” низ временските периоди којa ja доживеа објектот во самиот центар на градот, првично позната како „Скопјанка“, а подоцна како „БЕКО“ и „ТЦЦ Плаза“, најсликовито го презентира транзицискиот капиталистички  развој и пристапот на  “моќниците” т.е “инвеститорите”  низ Македонија во изминатите години од осамостојувањето. Имено објектот првично наменет како стоковна куќа со култно значење за Скопјани, во транзицијата се пренамени во хотел, за подоцна да добие и ново “барокно руво”, а денес да се урива поради “проблеми во конструкцијата”. Имено, објектот кој е маркантен и значаен за македонската архитектонска сцена, токму поради својата иновативна и стабилна конструкција, денес се урива под мотото “проблеми во конструкцијата”. Која иронија… – д.и.а Антонио Грујевски

За време на СР Македонија, стоковните куќи во Скопје имале голем удел врз животот и секојдневието во градот. Тие претставувале главна трговска средина, како и средина со социјализирачки карактер за скопјани. Убавите спомени и моменти се длабоко врежани кај жителите, оформувајќи култен пристап и перцепција кон самите објекти од таков карактер. Како најпрестижни за тоа време се сметале Стоковната куќа „НАМА“ од Арх. Славко Брезовски , „Центротекстил“ кој бил сместен во ГТЦ на Арх. Живко Поповски и Стоковната куќа „БЕКО“, дело на Арх. Мимоза Несторова – Томиќ. Се разбира тука се и Стоковната куќа „Мост“ и „Илинден“.

Ако објектот на „НАМА“ се смета како едно од најзначајните дела од времето на модернизмот во Македонија, тогаш со сигурност може да се констатира дека објектот на „БЕКО“ е еден од најзначајните дела од времето на пост-модернизмот во Македонија. Самиот концепт на авторот, претставува  архитектонски контраст  на „НАМА“, чекор напред на  архитектонската мисла, конструкција и иновативност по случувањата од пост-земјотресното Скопје.

Тоа што  го овозможувало истото се пред се различните локациски услови – Нама е во склоп на полузатворен блок и го продолжува контекстот на фронтот со Метропол, додека стоковната куќа  Скопјанка ( Беко) се обликува слободностоечки – скулпторално. Во оригиналната конотација дефинирана е  композиција од  повторувачки модул кој се повлекува според линијата на сообраќајницата. Како и многу други слично конципирани дела, изведен е само едниот од трите објекти-модули.

Од самото отворање, во 1972та година, стоковната куќа „БЕКО“ е со симпатии прифатена и користена од Скопјани, не само како современ трговски објект, туку и како здание кое го оплеменува и му дава современ, европски лик на овој фреквентен дел од градот.  Студентите од Медицинскиот факултет често уживале во атмосферата на кафулето на проодната тераса на последниот кат, што како позиција на оваа функција  веројатно е прв пат употребена во Скопје.

Архитектурата на објектот, строго го следи јазикот на градителската традиција во Македонија. Обликувањето е  инспирирано од старата македонска куќа , но и од црковната архитектура за која авторот покажува големо познавање (фасадните транзении).

Можеби најзначајна за објектот е тенденцијата за вешто „сокриениот“ и силен конструктивен систем, сочинет од периферни столбови и вертикални комуникации. Заедно поставени, истите го ослободуваат и оформуваат големиот продажен простор, овозможувајќи чисти и јасни визури. Познатата „Београдска конфекција“ со гордост истакнувала дека тоа е прва стоковна куќа во тогашната држава, во која архитектот и статичарите успеале да изградат просторни површини, без „шума“ од столбови.

Скопјани истакнуваат дека посетата на стоковната куќа „БЕКО“, секогаш било едно пријатно доживување. Ентериерот кој исто така бил изработен од Арх.Мимоза Несторова бил дотогаш непознат за нас. Подовите биле обложени со теписон, а во просторот преовладувала темно зелената боја. Во средишниот дел биле поставени италијански „Шлиц“ ескалатори, симболизирајќи го технолошкиот напредок за тоа време. На фасадата доминирале алуминиумски обвивки, а исто така биле истакнати и малтерисаните елементи.

 

Според сите дотогашни светски стандарди, објектот бил организиран на неколку нивоа:

– Во подрумот биле изложени производи за куќна галантерија, па таму можело да се купи сé за домот, вклучувајќи „бела техника“, ТВ и аудио опрема и кујнски предмети.

– Во приземјето имало неколку оддели, меѓу нив и одделот за деца кој бил решен со колорит, оддел за долен веш, за пешкири, козметика, а имало и оддел за рачна работа, во кој имало голема понуда на волница за плетење. Исто така имало и кафетерија која била собирно место за учениците од гимназијата „Јосип Броз Тито“.

– На првиот кат биле сместени два посебни оддели – машка и женска конфекција и конфекција за чевли.

– На вториот кат биле сместени одделите за подни покривки и рекреативна опрема (кампинг, спортска опрема, опрема за градини и сл.).

-На поткровјето можело да се најдат производи за лов и риболов, кафетерија.

Интересен е фактот што за разлика од сите останати стоковни куќи во градот кои работеле до сабота, најдоцна до 13 или 14 часот, стоковната куќа „БЕКО“, работела и во недела. Така работењето во недела им овозможило на купувачите во последната минута да се обезбедат со свадбен подарок 🙂 .

 

Сето ова укажува дека објектот беше повеќе од еден обичен продажен простор. Објектот беше меморија за едни подобри и порелаксирани времиња, меморија за еден начин на живот, но и меморија за еден архитектонски пристап кој ретко може да се реализира денес. За разлика од атмосферата на современите шопинг центри кои трештат од нападен маркетинг и хистерија на купување, стоковните куќи претставувале  спротивна атмосфера на релаксирано движење низ отворените површини.

 

@Роберт Атанасовски