Црква Св. Богородица – Сараево / А. Дамјанов, 1868г.

Година: 1863 - 1868г.

Автори: Андреја Дамјанов

Извори: Архитект Андреја Дамјанов – Јасмина Хаџиева Алексиевска, Елизабета Касапова, Скопје 2001; www.aabh.ba;

Локација: Сараево, Босна и Херцеговина

 

 

 

Главната градска силуета на Сараево е сочинета од низа минариња, камбанарии и кули, како и куполите на црквата Рожденство на Пресвета Богородица. Таа денес е најголемиот и најпознатиот православен храм во Босна и Херцеговина, прославувајќи го и името на нејзиниот градител – Андреја Дамјанов.

 

 

Панорама на Сараево / фото:  ehsan feghhi

 

 

Црквата има клучна позиција во градот, на самиот раб меѓу старата чаршија и поновиот австро-унгарски дел. Самата локација соодвестува и со историскиот контекст на нејзината изградба. Втората половина на XIXв. е период на транзиција за Босна и Херцеговина, помеѓу долгогодишното отоманско владеење и новата австо-унгарска власт.

Св. Богородица почнува да се гради во 1863г. кога Сараево сеуште е раководено од Османлиите. Изградбата на православен храм од ваков размер била возможна исклучиво поради големите реформи во 1850-те, кога империјата доделила верска слобода на сите свои граѓани.

 

 

Историска фотографија / извор: www.srbiubih.com

 

 

Во ваков контекст е повикан архитектот Андреја Дамјанов да изведе соборна црква за бројната православна популација. Македонскиот архитект во овој период е во својата зрела професионална фаза, откако реализира голем број на храмови низ Македонија и Србија.

По успешната работа на црквата Св. Богородица, тој продолжува со реконструкција на сараевската Саат-кула и изградбата на големата касарна. Овој воен комплекс е еден од малкуте профани проекти на Дамјанов, кој го импресионирал дури и тогашниот султан. Кратко подоцна тој ја гради и црквата во Св. Троица во Мостар (денес не постои), уште поголема од таа во Сараево.

 

 

Историски фотографии / извор: www.srbiubih.com

 

 

Проектите во Босна и Херцеговина завземаат значајна позиција во творештвото на Дамјанов. Најпрво бидејќи ги содржат неговите усовршени градителски техники, како и развиените естетски принципи. Но, истовремено, тие се и последните структури од ваков размер кои ги гради пред својата смрт во 1878, само пет години по завршувањето на мостарската црква.

 

 

Дел од оригиналниот проект за Соборната црква во Сараево /  извор: Архитект Андреја Дамјанов – Хаџиева Алексиевска, Касапова

 

 

Црквата Св. Богородица во Сараево, има основа на трокорабна базилика, како и повеќето негови проекти кои ги среќаваме низ Македонија. Но, во горниот дел тој ја завршува како крстобразна црква со пет куполи.

Тука ја забележуваме проектантската умешност на Дамјанов, кој прави синтеза на два типа цркви, една преку друга, креирајќи структура со изразена и хоризонталност и вертикалност.

 

Основа на приземје

 

 

 

Технички цртежи / извор: Архитект Андреја Дамјанов – Хаџиева Алексиевска, Касапова

 

 

Впрочем, принципот на симбиоза е еден од главните концепти на неговото творештво. Тој редовно игра и со архитектонските елементи, спојувајќи карактеристики од византискиот, романичкиот и барокниот стил.

При прво среќавање со сараевскиот храм веднаш ги забележуваме западно-европските влијанија. Главниот акцент е неговата камбанарија која достигнува 45м. височина. Нејзината доминантност над главната купола е отстапка од јужните византиски трендови, додека куполата во форма на луковица се поврзува со источните влијанија.

 

 

 

Западна фасада /  извор: Архитект Андреја Дамјанов – Хаџиева Алексиевска, Касапова

 

 

 

 

 

Фасадата е декорирана со богата пластика – пиластри, венци, лизени и рамки околу отворите. Таа долго низ историјата била целосно бела, а денес има црвено-жолт колорит. На сите прозорци и ниши има декоративни метални решетки.

 

 

 

 

 

Пред да влеземе во објектот забележуваме уште една од карактеристиките на Дамјанов. Обработката на главниот портал потсетува на сите други негови храмови – камена декорација од волути, колонети, капители и вегетативни елементи. Сличен третман среќаваме и на останатите четири портали, уште два на западната фасада и по еден на северната и јужната.

 

 

Западни портали

 

 

Орнаменти околу главниот портал

 

 

Јужен портал

 

 

Во внатрешноста сме опкружени со богата декорација. Наместо фрескосликарство Дамјанов инкорпорира неколку локални техники – на сводните површини е претставено плаво небо со златни ѕвезди, исто како во старата православна црква во Сарајево, а сите греди и лаци се покриени со геометриски орнаменти. На големите ѕидни површини е имитиран мермер, додека подот е од вистински мермерни плочи во најразлични бои.

 

 

 

 

 

 

 

 

Но, во самата архитектура на ентериерот јасно го забележуваме неговиот потпис. Тој повторно користи централни столбови, во овој случај четири, кои ја олеснуваат структурата на масивната градба. Нивните орнаментални капители го привлекуваат погледот на посетителот, насочувајќи го уште погоре, кон главната купола. А таа, како да лебди на целата сончева светлина која извира од нејзините прозорци.

 

 

 

 

 

 

Хоризонталните визури завршуваат во позлатениот иконостас кој е увезен од Русија, неколку години откако црквата е изградена. Но, наспроти традиционалниот третман на источната страна на ентериерот, Дамјанов ја акцентира и западната галерија преку извивање на нејзината контура со динамична барокна линија.

 

 

 

 

 

 

По својата изградба црквата доживува три војни – првата и втората светска војна, како и војната во 90-те. За време на овие конфликти градбата доживува низа оштетувања, а во неколку наврати е и реставрирана. Последната реконструкција ја враќа најблиску до нејзината оригинална состојба, додека во 2006-та таа е конечно прогласена за национален споменик на Босна и Херцеговина.

 

 

 

 

извор: www.wikipedia.org