Урбан земјотрес ќе ја проголта Старата железничка станица

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии
Новинар и фоторепортер: Владимир Николоски

Старата железничка станица, која што е главно спомен-обележје на катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година и дом на Музејот на Град Скопје е најновата жртва на „легалниот“ урбанистички хаос, предизвикан од несоодветната подготовка на деталните урбанистички планови.

Во нив, приоритет имаат профитерските интереси на градежниците наместо стручно поткрепените архиктектонски решенија кои би требало да обезбедат услови за нормален и квалитетен живот на граѓаните.

Иако е прогласен за објект од значајно културно наследство, Старата железничка станица наскоро речиси целосно ќе биде апсорбирана од мултифункционалниот комплекс „Дајмонд“ кој го гради турската компанија „Лимак“ на парцела од околу 30.000 m2 во строгиот центар на Скопје. Со други зборови, ова наше културно наследство од две страни ќе стане лепенка до објекти од новиот комплекс.

Старата железничка станица која важи за еден од главните симболи на Скопје ќе се изгуби во огромниот комплекс

Приказната за потегот каде што се гради новиот комплекс почнува уште кон крајот на 2011 и почетокот на 2012 година, период во кој тогашното раководство на општина Центар, предводено од градоначалникот Владимир Тодоровиќ го одобрува деталниот урбанистички план за Старата железничка станица подготвен од Друштвото за планирање, проектирање и инжинеринг „Тајфа-план“. Всушност, уште при носењето на овој ДУП на некој начин е одредена судбината на Старата железничка станица бидејќи уште тогаш е испланирано да се градат објекти во непосредна близина на ова кутурно наследство.

Набргу потоа градежната парцела во центарот на Скопје со површина од 31.929 m2 и должина од речиси еден километар, која се наоѓа зад Старата железничка станица е продадена по цена од 6.300 денари за 1 m2, односно за вкупно околу 3,3 милиони евра на реноминираниот турски холдинг „Лимак“. Во купопродажбата и плановите на турската компанија нема ништо спорно со оглед на тоа што станува збор за приватна компанија која се занимава со изградба на големи и комплексни градежни објекти насекаде во светот.

Според ДУП-от непосредно до Старата железничка станица треба да се градат објекти од културата

Неизбежно се наметнува прашањето по кои принципи и регулативи се воделе и денес се водат надлежните институции за заштита на недвижното културно наследство кога е познато дека при вадењето на градежните одобренија е неопходно нивно мислење/одобрување за градби во близина на објекти кои се сметаат за споменици на културата. Одговори на овие прашања побаравме од Управата за заштита на културното наследство, Националниот конзерваторски центар – Скопје и Музејот на град Скопје.

Биљана Јовановска од Управата за заштита на културното наследство рече дека ова институција не е надлежна за ова прашање и нè упати одговори да бараме во Националниот конзерваторски центар Скопје и во Музејот на Град Скопје.

Продолжете со читање на текстот кон изворното место на објавата>>>