Урбана винарија / Ивановска, Трајковска

March 17, 2018

Автори: Ана Ивановска, Марија Трајковска

Педагошки тим: проф. д-р Александар Радевски; доц. д-р Горан Мицковски; доц. д-р Димитар Папастеревски; дем. м-р Виолета Ѓорѓевска; дем. м-р Димитар Крстевски

Проектна задача: Урбана винарија

Локација: Карпош, Скопје – бул. „Илинден“ / ЈП „Паркови и зеленило“

Семестар: VII

Година: 2018

Семестралната задача по предметот Студио 7/3 ја разработува темата на „Урбана винарија“, со тенденција да се направи чекор понапред од досега познатите стереотипни типологии за истите објекти.

Локацијата се наоѓа на спојот помеѓу бул. „Илинден“ и бул. „8-ми Септември“, Скопје. Притоа до локацијата се пристапува преку сервисни улици, а обезбеден е и паркинг. На север, локацијата е дефинирана со Градскиот парк на град Скопје. Тука разликуваме артифицијално опкружување (бул. „Илинден“), наспроти природното опкружување (Градски парк – Скопје).

Основи

Винаријата е обликувана така што за секој дел од процесот на производство на виното почнувајќи од приемот на винова каша, има посебен објект, еден вид на павиљонски тип кој потоа е поврзан со топли врски во главната линија на движење. Нејзиниот капацитет е еден милион литри вино, годишно. Во засебен волумен е сместена администрацијата и како додаток на основната програма – ресторан.

На север, кон ЈП „Паркови и зеленило“, се создава мирен, поинтимен, безбеден простор, односно пешачка патека, наспроти фреквентната сообраќајница – бул. „Илинден“. Притоа, посетителите и случајните поминувачи би можеле и од надвор да го следат линиското производство на виното. Објектот станува отворен кон крајните корисници и Градскиот парк (локалниот пејзаж).

На западната страна од објектот се врши дотурот на винова каша и за тоа е обезбеден посебен пристап за камиони. Истото е направено и од јужната страна, при која се врши утовар и истовар на полната и празна амбалажа и дотур на добра за кујната на ресторанот за посетители и работници. За разлика од ова, влезот на работниците и администрацијата е на север.

Пресеци

 Барикот и енотеката се развиваат во подземно ниво.

Скалдовите со празната и полната амбалажа се развиваат на две нивоа.

Лабораторијата служи за пратење на производството на вино преку физичко – хемиски анализи и истата галериски е поврзана со флашарата.

За да се спречи моментот на континуирана фасада, гледајќи од булеварот „Илинден“, помеѓу програмските волумени направени се отвори (олеснувања на ѕидната маса).

Искористен е монтажен систем на конструкција кој се состои од A.Б. столбови, темелна плоча и претходно напрегнати носачи кои се поставуваат на 6m, совладувајќи распон од 24m.

Автор на статија:

| / / / |