Визии за Дебар Маало – изложба на студентски проекти

Вчера на тротоарот пред општина Центар се одржа јавна презентација на проекти за урбанистичка визија за Дебар Мало, изработени од студентите на Архитектонскиот Факултетот во Скопје. Тие, под менторство на проф. Дивна Пенчиќ, подготвија 16 стратетегии за ослободување и подобрување на преостанатиот јавен простор во густо изградената населба.

Во период кога центарот на Скопје е узурпиран од градежни активности, студентите успеваат да најдат десетина слободни јавни локации, како паркот позади Министерството за култура или дворот на Архитектонскиот Факултет, кои би можеле да се отворат за граѓаните и да се развијат во активни зелени зони.  Тие ги истакнаа потенцијалите на овие неизградени парчиња на Дебар Маало, претварајќи ги во паркови, игралишта или градини, кои би го зголемиле квалитетот на живеењето во оваа населба.

Изложбата беше посетена од низа медиуми, дел од соседите и претставниците од општината Центар. Ваквиот начин на јавно презентирање на проектите е традиција на предметот кај проф. Пенчиќ, каде студентите ја имаат шансата да ги претстават своите проекти на нивните вистински идни корисници и на надлежните органи. Овие настани ги започнуваат дискусиите за нашиот однос кон урбаната средина и демонстрираат како архитектонската професија може да биде ставена во корист на јавното добро.

Јавната презентација се одржува во рамките на кампањата за подобра животна средина #НеИгнорирај #Реагирај, која ја реализира Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада во Скопје.