Водочки манастир „Св. Леонтиј“

Година: базилика  4-5 век / епископска базилика 7-9 век / западна црква 11 век / средна црква 12 век/ конзерваторско-реставраторски работи 1975-82

Комплексот цркви Св. Леонтиј се наоѓа во село Водоча на оддалеченост од 4 км. од Струмица. На локалитетот се сочувани три цркви (источна, западна и средна) со три фази на живописување во ентериерите, архитектонски остатоци, придружни објекти и манастирски комплекс, трпезарија, стопански објекти, две бањи и повеќеслојна христијанска некропола.

Ранохристијанската базилика датирала од 4-5 век и се наоѓала на југоисточниот дел од денешниот храм.

Источната црква била трикорабна куполна епископска базилика подигната во периодот меѓу 7 и 9 век. Во 9 век Цариградската Патријаршија ја возобновила својата мисија во Македонија преку светите браќа Кирил и Меториј. Со таа цел била и мисијата на свети Методиј Солунски кој како константинополски царски намесник, од 845 година до 855 година, бил управител на овие краишта. Во житието на свети Методиј се вели дека тој заедно со својот брат свети Кирил, кој го посетил, го проповедале христијанството и по долината на реката Брегалница.

фреска Св. Кирил и Методиј – Бигорски манастир

Свети Кирил тогаш покрстува илјадници Македонци, за што зборуваат и народните преданија. Во едно од нив се вели дека Св. Метродиј цели десет години го проповедал светото предание на македонците по Бела Река, што тече источно од с. Велјуса, минува низ с.Водоча и по долниот тек се вика Водочница, а за Водочкиот манастир се тврди дека бил расадник на просветата и монаштвото. Со голема веројатност се претпоставува дека во овој манастир, речиси пред 1000 години, се вршело препишување на светите книги од грчки на македонски јазик и дека во овој крај, дејствувал и нивниот ученик, Св. Климент Охридски за кој преданијата велат дека е родум овој крај. Неговото име се спомнува и во еден список на епископи, којшто се однесува на ова време, како епископ Тивериополски. Дури потоа светиот Климент својата архипастирска и просветителска дејност ја продолжил во Охрид. Во 13 век тука дејствувал и свети Константин Kавасила, кој подоцна станал архиепископ Охридски.

Олтарна апсида-  оригинални остатоци и реконструкција

Од источната црква денес се сочувани делови од олтарната апсида, проскомидијата и ѓакониконот. Најстар сочуван фрескопис е фрагмент од непознат светител. Источната црква била оштетена  и напуштена по пропаста на Самоиловата држава.

Источна црква

Во периодот од 1018-1037 година изградена е западната, мала, крстовидна, куполна Водочка црква псоветена на Воведение на Пресвета Богородица Елеуса. Западната црква не била повеќе епископска, туку парохиска црква, а епископското седиште биле преместено во раскошната црква во Банско.  Од западната црква се сочувани фрагменти од сцените: детството и животот на Пресвета Богородица ( најстар пример не само на Балканот туку и воопшто во историјата на средновековното сликарство на Источна Европа), циклусот посветен на главните црковни празници, фигури на Светители и двете фигури на ѓакони во цел раст – свети Исавриј и свети Евпал. Ликовно-стилските анализи на фреските упатуваат на блиска поврзаност со вреските од соборната црква Света Софија во Охрид.

Западна црква

Историјата на западната Водочка црква кратко траела, бидејќи повторно доаѓа до реконструкција на манастирот. Најверојатно затоа што била премала за да го прими големиот број на верници. Затоа била турната апсидата  и одново доѕидана источната, и од двете настанала симбиоза, која ја именуваме како средна Водочка Црква. Тоа било во периодот од крајот на 11 и почетокот на 12 век.

Композиција на западната и средната црква

Оваа црква повторно станува епископска и најнапред била посветена на Покров на Пресвета Богородица, а потоа на свети Леонтиј (по потекло од Струмица, свети Леонтиј Патријарх Ерусалимски). Од средната црква денес се сочувани ситронот (место за седење на свештенството во олтарот), простран нартекс од 12-14 век и отворени тремови на северната,западната и јужната страна, а во 13 век е дограден јужен параклис.

За сите цркви од Водочкиот комплекс е карактеристичен начинот на ѕидање „клаузоне“- врамување на кршен камен со хоризонтално поставени парчиња тули, што е одлика на македонскиот стил на црковна средновековна градба.

Во 14 век манастирот претрпува катастрофален пожар, а два пати пострадал и од силен земјотрес, една во 19 век, а вторпат во 1931 година.

Состојба 1953 година

Бидејќи црквата била разурната, а за да се заштитат и така веќе значително оштетение фрески, во 1958 година тие биле симнати од ѕидовите на црквата и биле пренесени во штипскиот Музеј, а оттаму во државниот Музеј на Скопје.

Фрески од ѓакони XI век

Од 1975 до 1982 година, успешно се извршени конзерваторско-реставраторските работи на црквата, а со понатамошните археолошки истражувања до црквата се откриени дури две епископски бањи, кои претставуваат многу ретки градби. Се граделе единствено во големите духовни центри, како што бил Водочкиот Манастир.

Првата од двете бањеи датира од 9-10 век, како и источната Водочка црква, имала повеќе простории а се затоплувала со систем на подно греење, како и другата, која потекнува од 11-12 век, паралелно со постоењето на средната епископска црква. Поновата бања била пораскошна и поубава од претходната, која откако била изградена новата, била пренаменета во работилница за производство на стакло.

Водоча се смета за едно од поголемите археолошки наоѓалишта на керамичка пластика. Пронајдени се над илјада керамички садови, богата и раскошна камена декорација на манастирот, неколку царски и епископски печати, жгури на сурово железо и други предмети и рекликвии користени од епископите и монасите.

Остатоци од камена пластика

Целиот комплекс располагал со монашки конаци, владичка резиденција, голема трпезарија со димензии 19 м должина и 5 м широчина, која била преуредувана и пренаменувана неколку пати. Конаците исто така доживеале промени. Манастирот располагал со големи имоти во ниви, лозје, воденици. Монашкиот живот во манастирот имало до 14 век, аповторно заживува во 1996 година по востоличувањето на тековниот владика на струмичката епархија, Наум. Оттогаш се возобновија македонската иконописна школа и црковно пеење, преведувачката дејност и монашкото ракоделие.

 

Внатрешноста денес