За реконструкцијата на античкиот театар во Скупи

Изминативе години бевме сведоци на истражувањето на античкиот театар во Скупи, што претставуваше сериозен истражувачки потфат. Но, се презентираше и проект за неговата реконструкција која излезе од воспоставената пракса при вакви зафати. Се презентираше мегаломанска идеја на која реагираше јавноста.

Идејата да се реконструира гледалиштето за кое се поседуваат доволно податоци и да се пристапи кон истото е нешто кое не е спорно низ светската пракса, меѓутоа изградбата на театарската зграда претставуваше закана за сериозна импровизација и тема за која беше потребна професионална дискусија. Како и вообичаено истата изостана и останаа само коментарите на јавноста.

Да се реконструира истиот објект  многумина рекоа дека е невозможна мисија, бидејќи основата не е доволен податок особено за неговите висински пропорции, естетика или комплетна содржина.

Во светот на архитектурата секогаш се поставува прашањето на функцијата  на објектите, нивниот временски печат, исплатливоста и безвременското прашање дали се додава вредност на тоа што реално постои или се одзема. Кај вакви исклучителни археолошки локалитети, каде сакаме да се доближиме до времето на настанокот на оригиналот, треба да поседуваме сериозни податоци т.е остатоци кои ќе ни овозможат реконструкција. За театарот во Скупи единствено можеме да се приближиме до изгледот на гледалиштето и ништо повеќе од тоа. Театарската зграда ја поседуваме во основата на темелите, но немаме податоци за нејзината катност ( без разлика на компаративните анализи и пракси од други локалитети), висинските пропорции, столбовите, капителите, декоративната пластика, архитравните греди итн. Во 3D визуелизацијата се забележува авторски став за тоа како некогаш изгледала ова зграда, која потоа ќе биде презентирана како веродостојна реконструкција што е погрешно.

На археолошките локалитети низ светот најчесто се соочуваме со парцијални реконструкции на делови до онаму каде поседуваме оригинални компоненти, или пак целосни кога недостасуваат единствено елементи од патерните кои се модуларни т.е повторувачки. Во нашиот случај зачувани се единствено неколку модули од гледалиштето.

Употребата на армирано бетонска конструкција која потоа ќе биде замаскирана со традиционалните материјали апсолутно ќе уништи уште една вонвременски вредна археолошка локација на која не сме и додале на вредноста, ниту сме креирале нова, единствено сме и одзеле од оригиналноста и потенцијалот.

Имитацијата на театарската зграда може да биде понесена единствено од „туристичкото алиби“ кое секојпат се води од аспектот на спектакуларност и мегаломанија со дозволена манипулација на вистината.

Локалитетот со реконструирано гледалиште и средствата за театарската зграда  пренаменети за доископување на останатите делови од Скупи, ќе допринесат многу повеќе како за сознанијата, археолошкиот парк и издржаноста на интервенцијата, каде туристичката привлечност повторно нема да изостане.

За среќа или несреќа, крајностите на едните и другите не носат од едната на другата страна со што никако да постигнеме одмереност на дејствијата . Изминатиот месец од страна на новата владеачка гарнитура се повлекоа 80% од средствата наменети за овој проект, на што реагираше опозицијата. Дали тоа ќе значи и прекин на реконструкцијата на гледалиштето или воопшто прекин на сите активности на локалитет останува да видиме.

Филип Конески