Црква „Рождество на Пресвета Богородица“ – Скопје

Година: 1204 /1835 /2008

Ктитори: Добримир Хрс/ Скопските видни граѓани / Трифун Костовски

Рождество на Пресвета Богородица (позната и како Света Богородица, Пресвета Богородица Троерачица) е македонски православен христијански црковен храм кој се наоѓа во центарот на градот Скопје. Црквата се наоѓа во познатото Пајко Маало на самиот кеј од левата страна на реката Вардар. Во минатото, во периодот од 1835 се до спалувањето до бугарската фашистичка војска во 1944, црквата била соборен храм на градот Скопје и седиште на Скопската епархија (митрополија). Патрониот светец на црквата, Пресвета Богородица, е заштитничка на градот Скопје.

 

 

Најпрвин црквата „Света Богородица“ како соборен храм. и заштитник на градот Скопје била изградена во 1204 година од страна на македонскиот средновековен владетел Добромир Хрс Изградбата била довршена во 1214 година од неговиот син Стрез (Срез). Оваа црква постоела до 1688 година, кога била срушена од османлиската власт.

 

 

По долги години, на почетокот на XIX век, повторно започнала изградбата на црквата посветена на заштитничката на Скопје. Според скопскиот трговец Хаџи-Коста, неимарите и копаничарите започнале со работа уште во 1809 година, а по 10 години чекање на одобрението за изградба од страна на султанот во Цариград, црквата била свечено осветена на 1 мај 1835 година. Според записите на Васил К’нчов, одобрението за градба стигнало во 1834 година.

 

 

Изградбата и иконостасот ја извршиле прочуените дебарски мајстори и копаничари, односно тајфите на Рензовци-Зографски во поголем и Фрчковски во помал дел.Во периодот од 1848-1857 година, во оваа црква на повик на скопските граѓани, училиште на македонски народен јазик отворил и го водел македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов – Џинот. Тој стекнува голема почит и популарност меѓу граѓаните, а во дворот на црквата ги одржува првите претстави и драмски обиди на учениците, напишани од него.

Кон крајот на Втората светска војна, во 1944 година, црквата со своите непроценливо богати исконостас и живопис, била запалена од страна на бугарската фашистичка окупаторска војска. Комунистичката власт во тогашна СР Македонија во рамките на СФРЈ не започнала обнова на храмот, така што тој бил целосно срушен во скопскиот земјотрес од 1963 година.

 

 

Со стекнувањето на независноста на Македонија, повторно започнуваат иницијативите за обнова на црквата. На почетокот на 1995 година, група на главно постари граѓани (пензионери) на Скопје основаат и регистрираат здружение на граѓани за обнова на црквата, при што истата година успеваат да го обезбедат поседовниот лист и да издејствуваат изграбата на црквата да влезе во ДУП на Скопје.Во следните неколку години тие успеаваат со самопридонес да изградат мал храм во близина на темелите на некогашната црква. Во 2004 година, познатиот скопскиот бизнисмен и поранешен градоначалник Трифун Костовски активно се вклучил во обновата на црквата. Благодарение на неговото ангажирање и финансиските средства, изграбдата започнала во 2005, а завршила со осветувањето на црквата на празникот Св. Атанасиј, на 31 јануари 2008 година. Црквата е обновена во истиот изглед и архитектура како што ја имала во минатото.

 

@ Николина Христова

 

Во 2014 година бил обновен владичкиот трон во црквата, изработен од битолските копаничари Јане и Злате Крстевски до ателјето „Маке“, кои тронот го изработиле како верна копија на оригиналот, според фотографија на тронот од 1838 година. Новиот трон е изработен во длабока резба, од ореово дрво, со димензии 500 х 130 х 110 сантиметри. На тронот се наоѓаат украси како: магарешки трн, желади, винова лоза, сонце, двоглав орел, сирени и лавови, а на куполата се наоѓа позлатен крст. Тронот бил осветен на 21 септември 2014 година, на денот кога се празнува празникот Рождество на Пресвета Богородица (Мала Богородица). Инаку, оригиналниот трон бил дело на Петре Гарката, но изгорел во пожарот од 1944 година.

 

 

Во соработка со Википедија, слободна енциклопедија на македонски јазик

Фотографии 1938: Форум на build.mk /Staro Skopje

Насловно фото >>>

Ф.К