Проект за реконструкција и доградба на „Универзална сала“ / Градежен институт Македонија

Автор: Градежен институт Македонија – ГИМ

Година: 2017/2018

Извор: www.gim.com.mk ; www.globusmagazin.com.mk ; www.makfax.com.mk

 

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов најави спроведување на нов конкурс за идеен проект на „Универзална сала“. Ова ќе биде вториот распишан конкурс во период од 7 години, кој повторно ќе предвидува проектирање на сосема нова концертна сала, односно рушење на старата. До овој момент постојат три готови архитектонски решенија, а објектот не е во функција веќе 5 години.

За потсетување, последната реконструкција на „Универзална сала“, која била пуштена во употреба на 1ви јануари 1966-та година, била во 1978-та година, за одржување конгрес на Комунистичката партија на Македонија. Од тогаш, обновата е само политичка демагогија.

Идејата за современа адаптација на стариот објектот, кој патем е проект, донација од Бугарија по катастрофалниот земјотрес во Скопје, се појавува уште во времето на градоначалникот Ристо Пенов.

Во 2004/2008 година, проектантските бироа „Архангел бојс“ и „Раум Ќ“, изработуваат солиден проект за адаптација, реконструкција и доградба на салата со нови содржини како: застаклена галерија на два ката, мала сала, нов паркинг простор, дополнителни административни простории, 200 нови седишта, но истиот никогаш не се реализира.

Во 2013-та година идејата за реконструкција на „Универзална сала“ се напушта, а Министерството за култура организира конкурс за нов објект на местото на постоечкиот. Победничкото решение во форма на јајце е на архитектите Стојан Павлески и Иван Симеонов од Stone Design.

Во 2016-та година, проектот е напуштен поради превисоката цена. Тогашниот градоначалник, Коце Трајановски, објасни дека за реализација на јајцето би биле потребни околу 65 милиони евра, во споредба со предходниот проект за адаптација кој би чинел околу 15 милиони евра.

Истата година, е донесесена одлука повторно да се врати првичниот проект со кој се задржува сегашниот изглед на салата и препознатливата купола, а безбедноста се гарантира со зајакнување на челичната конструкција.

Градежен Институт Македонија – ГИМ добива обврска да направи промени на старото решение и да го приспособи на сегашните услови.

Основен проект за реконструкција и доградба

Проектната документација предвидува целосно реконструирање на постојната, централна сала, која се простира на 4.000m2 и има 1400 седишта. Таа добива нов ентериер, обновен влезен хол и фоаје, нова покривна купола и галериски простор, како и модерна сценска технологија и механика.

На дополнителните 4.000 квадрати, се доградуваат нови сали – повеќенаменска сала со 200 седишта, конгресна сала со 120 седишта, четири мултимедијални сали со капацитет од 30 до 40 седишта и шест простории за билатерални средби. Се доградуваат и простории за администрација и други придружни простори.

Се предвидува демонтажа и отстранување на постоечката влезна партија и во прстенеста форма се доградуваат нови содржини: како изложбен простор, кафетерија, продажен простор, соодветен простор за изведувачите, гардероби и гримиорни.

Околу постоечкиот објект предвидена е изградба на подземен паркинг со две нивоа од околу 5.000m2, во кој ќе може да се паркираат 94 возила, од кои 8 за лица со специјални потреби. Надземно е предвиден простор за паркирање на дополнителни 6 возила.