Во промотивно видео презентиран нов изглед на „Универзална сала“

Откако пропадна  реализацијата на „Јајцето“ како победнички конкурсен проект за новиот објект на Универзалната сала, градот Скопје со тековното раководство најави враќање на првата идеја т.е реконструкција на салата со интервенции на доградба и надградба.

Во тековната кампања за локалните избори 2017, кандидатот кој претендира да остане на функцијата – градоначалник го презентира изгледот  на проектот за Универзалната сала преку 3D анимација. Во видеото покрај реконструкцијата на главната концертна сала, можеме да забележиме и мала повеќенаменска сала, подземен паркинг, конгресни простории, реконструирање на фоајето и сл.

Според она што е обзнаено на facebook страната на Градежен институт Македонија – ГИМ >>>

„Градежен Институт Македонија изработи проектна документација за Реконструкција со надградба и доградба на Конгресен центар Александар Македонски. Проектната документација опфаќа реконструкција на големата сала, со што се постигнуваат максимални акустичните карактеристики на истата. Предвидено е ново ентериерно решение содветно на намената на објектот.

Се предвидува демонтажа и отстранување на постоечката влезна партија и во прстенеста форма се доградуваат нови содржини: мултинаменска сала за 200 посетители, конгресна сала 120посетители, 4(четири) мали конгресни сали за 35 -40 посетители и 6 (шест) сали за билатерални средби за 8-10 посетители, заеднички содржини како изложбен простор, кафетерија, продажен простор, административен простор за потребите на Конгресниот центар и соодветен простор за изведувачите, гардероби и гримиорни. Околу постоечкиот објект предвидена е изградба на подземен паркинг простор во две нивоа во кој може да се паркираат 94 возила, од кои 8 осум за лица со специјални потреби, а надземно се паркираат дополнителни 6 (шест) возила.“