ПЕЈЗАЖНА ИНФРАСТРУКТУРА – ЕКОЛОГИЈАТА КАКО ГЕНЕРАТИВНА АЛАТКА / Магистерски труд на Павел Вељановски
11.10.2017 • Истражување Пејсаж Студентски проекти
LANDSCAPE INFRASTRUCTURE – ECOLOGY AS A GENERATIVE TOOL
Универзитет: ,,Св.Кирил и Методиј” – Архитектонски Факултет – Скопје
Автор: м-р. Вељаноски Павел
Ментор: проф. д-р. Митко Хаџи Пуља
Година: 2017
______________________________________________________________________________________________
Предизвици со кои се повеќе се соочуваат неизградените природни предели денес се климатските промени кои значително знаат да го нападнат квалитетот и количината на ресурси обезбедени во обработливите природни средини. Актуелниот инфраструктурен капацитет на кој му веруваме ни дава лажна надеж за безбедност, па и во случај да дојде до најцрното сценарио, ние ја обвинуваме природата наместо инфраструктурата. Се повеќе се стремиме да ја ублажиме таа појава на климатска нестабилност, наместо стратешки да и се спротиставиме и да ја употребиме како употреблив ресурс.
Пелагониско поплавно езеро видливо од сателитските снимки на NASA – 2015 година
Извор: http://www.ohrigani.com
Секаков вид на артифициелна интервенција во природен пејсаж се прикажува како нарушување на природниот континуитет и одбивно се разгледува. Интервенција во функционално и културно деградиран природен предел од суштинско државно значење треба да има за цел да постигне ре-формулирање на пристапот кон природата преку серија на радикални социјални трансформации и реобмислување на инфраструктурата која создава дисхармоничен однос со неа. Тоа се постигнува со разработка на системски и структурален инфраструктурен концепт кој се заснова на фундаменталниот природен принцип на циркулација и обновливост. Стратешкото оживување на природата и географијата имаат потенцијал за развој во една социјална и политичка агенда за новото време.
ЛОКАЦИЈА
“Се велеше дека Пелагонија може човек да роди!”
Димче Миноски “Поплави во Пелагонија” – Телевизија Орбис (Битола, 04.02.2015)
Предмет на истражување на овој труд претставува најголемата котлина во Република Македонија, котлина Пелагонија. Самата котлина во себе поседува огромен потенцијал кој самата природа го нуди согласно присутните природни богатства по целата нејзина површина. Бенефитот од нејзина експлоатација се забележува во секој домен на нашето живеење. Главни столбови на економијата на Пелагонискиот плански регион се производството и преработката на земјоделски производи и експлоатацијата на минерални суровини како и производство на електрична енергија за целата држава.
Програмски диверзитет. Од зрно пченица, до електрична енергија
Надоврзано на програмскиот дивезитет кој е забележан на територија на котлина Пелагонија, цел на ова истражување првично е детално согледување на моменталниот начин на нивно функционирање, услови во кои егзистираат и анализа на нивното поединечно и заедничко опстојување. Пронаоѓање на одговор за нивното (дис)хармонично физичко коегзистирање и несоодветниот однос кон природните елементи кои најчесто ги користат за да обезбедат друг вид на суровини, без да размислуваат за нивна одбновливост.
Суштествени предизвици со кои се соочува котлина Пелагонија денес се природните непогоди, недостатокот на ресурси и нивно менаџирање и неповолните климатски промени (поплави, суши, невообичаени врнежи) кои се главна причина за намаленото производство и појава на нови, неповолни услови за одгледување на природни култури. Неповолните услови не се резултат само на климатските промени, туку во голема мера се резултат на несоодветните активности на човекот и нискиот капацитет на државата за спроведување на стратегија за развој на вакви природни предели од државно значење.
Во еден аналитички осврт посветен на процесот на поплавување, врз основа на достапните анализи (геолошки, хидролошки, археолошки, агротехнички и др.) како и консултации со експерти и жители на загрозените областите, беа идентификувани две критични точки во котлината.
Две критични зони за време на критичните поплави во 2015 година
Првата е во пределот каде Црна Река се влива во котлината. Во таа точка Црна Река го зголемува својот капацитет со водите од Прилепско поле и така соединети се вливаат во централниот дел на котлината, кој припаѓа под општина Могила. Втората точка се наоѓа завршетокот на рамничарскиот дел по кој се движи Црна Река пред да се впушти во клисурестиот предел. Сите надојдени води од централниот дел на котлината во овој предел се стационираат, а нивното понатамошно надоаѓање само го повишува нивото на водата и од рамничарскиот дел создава едно поплавно езеро. Овие точки се и двете најпогодени зони за време на критичните поплави во 2015 година и до денес сеуште поседуваат мал капацитет за ефикасно да го заштитат регионот од поплави.
Понатамошната разработка на овој труд ќе се фокусира на анализа и разработка на инфраструктурен концепт за првата критична точка, која ја опфаќа централната територија на котлина Пелагонија, од село Тополчани на север, до село Могила на југ. Освен што е прва зона на удар од природните непогоди, претставува зона во која од претходно изложените анализи може да согледаме дека претставува генерално густо населена област, област во која земјоделието и земјоделските активности се на високо ниво заради нејзините географски предиспозиции, но истовремено сеуште не поседува хидрографска инфраструктура која би го регурилала наводнувањето на големите земјоделски површини.
Прва критична зона – Зона на интервенција
Во процесот на мелиоративни интервенции, во оваа зона на завидно ниво е изработена модуларна шема / систем на одводни канали, со димензии на едно поле од 2000х300 метри, регулирани и заштитени со дрворед кои имаат функција да ги исцедат водените обработлниви површини, а дополнително и да ги групираат во поголеми обработливи целини. Таквиот систем се соочува со доминантна деструктивна појава за занемарување и уништување и од него може да се прочитаат само фрагменти од кои се препознава целината.
Фрагментирана состојба на доминантна структура од мелиоративни зафати
Аплицирајќи нови и надградувајќи ги старите природни и артифициелни слоеви се враќа во живот постоечката, заборавена структура на дренажен и мелиоративен систем, просторно аплициран во регионот на првата критична точка, кој датира од 70-тите, моментално дефрагментиран и бескорисен. Во рамките на тој систем се идентификува канал кој ќе стане центар на обновениот и проширен систем. Конечната интервенција поседува еден генерален, стратешки пристап во својот предлог и еден конкретен структурален производ од анализираната материјална и структурална архива.
Природни и артифициелни слоеви на проектирана состојба и оска на интервенција
ИНТЕГРАТИВНА ОСКА
Интегративноста, како клучна карактеристика на овој концепт, има цел негативните аспекти да ги артикулира во позитивен контекст, позитивните аспекти да ги зачува и заштити и на нив да се прилагоди, додека пак во своите суштествени инфраструктурни интервенции да согледа дополнителна програма која би дала одговор на регионалните предизвици и би го збогатила мултидисциплинарниот пристап на интервенцијата.
Програмска распределба во интегративната оска
Првата стратешка интервенција се однесува на концептот за реставрација на мелиоративната шема, просторно аплцирана во овој регион. Нејзината функција се темели на процесот на одводнување, но и на укрупнувањето на обработливите површини, што носи поголем економски предизвик.
Глобалниот предизвик за справување со природните непогоди кои во зголемен размер предизвикуваат штети со надојдените поплавните бранови во зимските периоди во овој систем создава услови за развој на превентивна површинска акомулативна депресија. Истата е димензионирана според податок за максималниот појавен протек на Црна Река добиен од Управата за хидрометеоролошки работи во Република Македонија, кој изнесува Qmax=312,00m³/s. Во димензионирањето се поставува услов за капацитетот на оваа депресија да може да го акомулира ваквиот поплавен бран во еден час, како би се добило време за мобилизирање на локалното население и добиток.
Q(протек) = W(волумен) / t(време)
W = Q * t = 312 m³/s * 3600s
W = 1 123 200m³
Истиот, тангенционално е позициониран во однос на реката и преку површински канали е поврзан со неа, така што во случај на надојден бран или со менаџирање на постојаните води на Црна Река, преку истите ќе може да ја складира надојдената вода и да спречи поплавување на локалниот контекст, но и да обезбеди вода за постојано наводнување, што е негова втора употребна функција.
Акомулациската депресијата содржи едно поголемо превентивно корито и едно постојано функционално корито кое е во функција на системот за наводнување. Од него, подземно се развива детална цевководна мрежа, која до секоја од укрупнатите обработливи површини доставува повеќе приклучоци од кои можат истите да се наводнуваат. Ваквиот начин на циркулација на водата, ги доведува овие два системи во хармонија со природните хидрографски појави, бидејќи ја употребуваат водата во движење, без да создаваат предимензионирани акомулациски езера со негативно влијание на локалниот био-диверзитет.
Акомулациски басен и траен резервоар за управување со атмосферските води
На еден ваков комплексен и просторен инфраструктурен концепт, следи и комуникациска инфраструктура, која во случајов не се стреми да го урбанизира овој регион, бидејќи ја задржува својата примитивна, ненаметлива форма во вид на земјоделски пат.
СТРУКТУРАЛНО – ОБЛИКОВНИ ПОСТАПКИ
Групации од структурални целини со ограничувања во структуралниот состав и материјал се генерален концепт во проектирањето на новите интервенции и предлог концепт од кој може да се развие регулатива / закон за градење во заштитени природни области. Од единечен елемент се разработуваат повеќе конструктивни и функционални сценарија со кои се испитува неговата оправданост во конкретната стратегија со ограничувачки градежни карактеристики.
Од елемент, до структурална целина
Со употерба на еден, единствен елемент, во случајов армиранот – бетонски столб со димензии 10x10cm во карактеристичен пресек со висина од 3 метри, употребен во различни улоги (столб, греда, ѕид..) на единствениот конструктивен систем, се добива функционален и флексибилен модуларен простор, кој е прилагоден во повеќе функционални целини во техничката разработка на овој труд.
Ваквата конструктивна композиција, со сите нејзини дооформувачки капацитети, создава доволно засолнет простор во кој можат да се обавуваат повеќе видови на индивидуална или групна активност. Истата е испробана во неколку варијации во техничката документација на овој труд, кои се однесуваат на претходно дефинираните зони на интервенција во планираната генеративна оска.
Структурална целина
ГЕНЕРАТИВНА ОСКА
Во понатамошното разработување, се јавува потреба од појава на структури, содржини кои ќе создадат простор во кој би функционирале централни институции за менаџирање и развој на планираната инфраструктурна појава и за сите постоечки процеси во околниот контекст. Сепак, ваквото “населување” несмее да прерасне во процес на урбанизација во крајно сензитивна област, загрозена од таквата појава. Самите структури мора да се надоврзат на логиката на позитивно оценетите структурални појави од околината и нивниот начин на функционирање, да ги користат постоечките појавни материјали и елементи со тоа што би имале структурално ограничување на нивниот раст и развој.
Програмска распределба во генеративната оска
Една од позициите која директно се надоврзува на култирниот интегративен принцип, претставува интервенција по обемот на археолошкото наоѓалиште. Неговата појава се должи на суштинската потреба за просторен модул кој ќе обезбеди услови за директна истражувачка активност, лабораторија за испитување на пронајдоците, работилница за дополнителни археолошки активности и простор за нивно изложување.
Втората структурална групација се позиционира нормално на доминантната линиска интервенција, по текот на постоечки одводен канал. Во непосредна близина на акомулацискиот басен, создава простор со намена за административно и социо-културно средиште кое има двојна улога во самиот инфраструктурен систем. Административната улога е да обезбеди простор за државни институции кои би управувале со водоводните и мелиоративните системи во овој регион. Социо-културното средиште има своја улога во постоечките преработувачки активност во оваа област и ги вклучува луѓето како главни актери во тоа случување. Создава простор за нивна едукација, индивидуални и групни собири, продажба на потребни ресурси и место за генерално менаџирање на нивните активности, производства и продажби
Административно и социо-културно средиште
Третата структурална појава има цел да создаде минимален засолнет простор кој модуларно би функционирал по периметарот на секое укрупнетите обработливи парцели и би имал функција на простор за складирање на неопходните алати или би бил простор за складирање и преработка на земјоделските продукти. Неговите модули се затворени со мрежест, метален материјал со цел да се постигне проветрување и циркулација на воздух во делот за складирање.
Агрикултурен модул
КРИТИЧКА РЕВИЗИЈА
Предизвикот е аплицираната структурална мрежа да се обнови и надогради во однос на природните појави и потреби согледани од моменталниот начин на користење на пределот. Самата структура би го интегрирала целиот регион во една производна целина која освен со своите продукциски капацитети, истовремено ќе го збогати контекстот со превентивна појава која се надоврзува на циркуларното функционирање на природните процеси и на таков начин го стимулира функционалниот капацитет на пределот.
Сето ова се јавува како потреба за еден сеопфатен стретешки пристап кон проблематиката, наместо изолирана изградена содржина која нема однос со контекстот. За таа цел изработен е проект со географска, наместо економска ориентација и се развива концепт за модерна инфраструктура која ќе понуди флексибилност и пристапност, заснована на законите на природата, хуманизмот и монументалноста. Еколошката логика на самоодржување претставува генератор на новото просторното обликување!
Од линеарна интервенција, до структурален развој на предел
Природата е дел од сите човечки активности. Дали и помагаме со тоа што ја занемаруваме ?
Коегзистирачки диверзитет (археолошки модул)
Социо-културно средиште
Хуманизирана инфраструктура
Фрагмент од структурален столб – Модел – размер 1:1 – Материјал: Армиран бетон
Структурална целина – Модел – размер 1:50 – Материјал: Пластика (3D Print)
Просторна линеарна интервенција – Модел – размер 1:26 000 – Материјал: Медијапан
Ф.К
Автор на статија: Filip Koneski
АФС / ГЕНЕРАТИВНА АЛАТКА / ЕКОЛОГИЈА / Магистерски труд / Павел Вељановски / ПЕЈЗАЖНА ИНФРАСТРУКТУРА