Сапунара „АЕРО“ подоцна „Цветан Димов“ / Тунер

Локација: Кисела Вода, Скопје

Автор: Лујо Тунер

Година: 1933

Извори: „Градителите на Македонија“ – Константиновски,  „Животот во Скопје 1918-1941“, „Google earth“

Фотографии: Филип Конески

 

Локација на објектот

 

Објектот на саспунарата „АЕРО“ била подигната во 1933 година според проектот на архитект Лујо Тунер. Основачи на фабриката биле браќата Јован и Стеван Стефковиќ, сопственици на една работилница за сапун од Врање и Стојче Стојановиќ, трговец од Скопје, роден во Бујановац, инаку ортак и раководител на стовариштето на споменатата работилница за сапун во Скопје. Фабриката за сапун “Аеро” на сопствениците Стојановиќ и Стефановиќ имала почетен капитал од девет милиони динари. Според огласот во дневниот печат, фабриката “Аеро” изработувала сапуни и специјални прашаци за перење облека од коприна. Освен тоа, во оваа фабрика работел погон за производство за вреќи и сламарици од јута, парафински свеќи, маст за тркала и слично.

 

Сл. 1. Од внатрешноста на објектот – „Животот во Скопје 1918-1941“

 

Претпријатието се наоѓало преку железничката рампа на патот за Кисела Вода, подоцна фабриката за сапун “Цветан Димов”, односно “Алкалоид”. Годишниот капацитет при една смена во фабриката изнесувал 1.500.000 кг сапун за перење, 200.000  дузини тоалетен сапун, 100.000 кг сода за перење, 100.000 кг прав за чистење, 5.000  литри колонска вода, 10.000 кг катран за колца, 200.000 кг сапунска пепелница на глицеринска база. Покрај зелениот и белиот  сапун “Гирит”, претпријатието  вовело и производство на “Марселски” сапун за перење кој порано не се произведувал тука.

 

Сл. 2. Фрагмент од сметка на фабриката на која е прикажано

пошироко опкружување на комплексот

„Животот во Скопје 1918-1941“

 

Во подоцнежниот период кон осамостојувањето на Р. Македонија објектот е напуштен и оставен во заборав да пропаѓа. Интересот за него во архитектонските кругови беше очигледен но никојпат за општината Кисела Вода.

 

Сл. 3 – Состојба 2014

 

На одлично растојание од центарот на градот, можевме да поседуваме објект од сферата на културата, кој ќе привлечеше движење на луѓе и од другите општини, но пред се ќе беше во служба на локалците. Простор кој беше инспиративен и одличен материјал за конкурсен повик за идејни решенија во кои ќе се бараа солуции што со него.  Потребата од ваков чекор беше оправдана поради историската вредност на објектот- градителско наследство од индустриската архитектура на Скопје.

 

Сл. 4 – Состојба 2014

 

Општината Кисела Вода, преку измена на урбанистичките планови, на оваа локација предвиди станбен блок со  катност П+16. Земјиштето кое беше во спорна сопственост на државата и за кое се водеше постапка за денационализација, беше продадено на „Адора инженеринг“, фирма позната по инвеститорските активности во полето на станбената  изградба.  За споредба соседниот станбено деловен објект  „Илинден“ , во своето време е проектиран со слична катност, меѓутоа општината во текот на изведбата на објектот го менува планот со изговор дека капацитетот на објектот ќе го оптовари сообраќајот, додека парцелата не нудела можност за паркирање во пропишаните стандарди. Објектот се изведува половично, изоставувајќи го атрактивниот деловен простор. По 15-тина години истата општина го менува ставот и дозволува на соседната парцела изградба на станбен блок, игнорирајќи го градителското наследство.

 

Сл. 5 – Состојба пред рушење „Google earтh – street view“

 

За спорот со државата во порака не извести, легитимниот наследник Иван Стојановиќ, потикнат од нашата објава како реакција за рушењето на објектот. Во неговото образложение истакна: „ Мојата фамилија е поранешен сопственик на овој објект, за кој десетина години наназад водиме безупешни постапки за денационализација, единствено заради лични бизнис интереси на разноразни луѓе на власт“.

 

Сл. 6 – Рушење на сапунарата 9 март 2015 година

 

На 9ти март 2015 година започна рушењето на сапунарата и поготовка на теренот за изградба на станбен блок, кој  не ја крие својата „инспирација“ од њујоршкиот landmark -Flatiron (1902 година).  Прашањето за архитектонската и инвеститорска етика во Македонија е научна фантастика, но зошто се посегнува по кинескиот принцип(или принципот на Скопје 2014) на импровизирано копирање, наместо кон легитимна асоцијација ( локацијата и обликот на градежната површина)?!