Вечерва се заокружуваат серијата јавни настани „Нови дијалози“
17.05.2018 • Информации
Извори: Архитектонски факултет Скопје
„Со гостувањето на Диџеј Дела, кој (со свој музичи сет) ќе настапи во рамки на програмата „Фактотум“, на симболичен начин ќе биде заокружена серијата јавни настани насловени „НОВИ ДИЈАЛОЗИ“, одржани на Архитектонскиот факултет во Скопје во учебната 2017/18 година.
Замислени како незадолжителна образовна платформа која тече паралелно на формалниот академски курикулум, основна цел на овие јавни настани беше отворање на факултетскиот/академскиот простор за различни идеи, мислења, ставови, погледи, толкувања…, како во однос на специфичните проблеми на архитектурата и архитектонската професија, така и во однос на креативното творештво во целина. Во поширока перпектива, покрај генерирањето на свежо стручно знаење, платформата „НОВИ ДИЈАЛОЗИ“ имаше за цел одново преиспитување на местото и улогата на факултетскиот простор, во контекст на нашата определба и заложби тој да претставува еден од активните форуми на критичката јавна свест.
Во рамки на програмата „НОВИ ДИЈАЛОЗИ“ во учебната 2017/18 год. на Архитектонскиот факултет во Скопје се претставија: Марија Ѓорѓиевска, Гунар Хартман (Gunnar Hartmann) и Харун Бадакши (Harun Badakhshi), Давид Стилеру (David Stileru), Никола Ѓорѓиевски; Мариане Шулхауг (Marianne Skjulhaug) и Луис Калјехас (Luis Callejas), Бесијан Мехмети, Сара Симоска, Мартин Пановски, Павел Вељановски, Лукаш Станек (Lukasz Stanek), Марјан Димиќ, Невенка Манчева и Марија Антиќ Николова, Митеш Диксит (Mitesh Dixit), Андреа Ордевска и Наталија Веселинова, Васе Аманито Петровски, Емил Јегени, Јурген Пацак Пор (Jürgen Patzak-Poor), Ивица Спасовски, Звонко Вугрешек, Константин Плевнеш, Андреј Прошевски, Драган Христов…, а со нетрпение го очекуваме утрешниот настап на Диџеј Дела, како и на Едзард Шулц (Edzard Schultz) и Александра Шулевска кои ќе имаат свое излагање на 12.06.2018 год.
На наведените гости искрено им благодариме за учеството во програмата „НОВИ ДИЈАЛОЗИ“, со покана да ни се придружат на утрешното дружење! Во оваа прилика изразуваме благодарност до Бисера Крцковска за графичкото обликување на најавните постери, како и на Елена Фидановска за фотографското документирање на настаните. На крајот, изразуваме благодарност на сите посетители на одржаните настани (студенти, колеги, пријатели…), кои со својот интерес и присуство ја потврдија и смислата на постоењето и организацијата на платформата „НОВИ ДИЈАЛОЗИ“.
Се гледаме повторно во учебната 2018/19 година!
Деканатот на Архитектонски факултет,
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје“
Автор на статија: Filip Koneski
2017-18 / АФС / Настани / Нови дијалози / Предавања