Уште една бледа копија на „милениумски крст“ во Скопје

Порталот Фактор.мк пренесе информација дека во Кисела Вода започнува со изградба на крст висок 63,5 м.  Истиот ќе биде сместен во паркот на бранителите во Драчево и се очекува да биде готов за 4 месеци.

Кога добивате ваква информација, просто да не знаете од каде да започнете и како да објасните на пошироката јавност дека ваквите проекти се погрешни.

Во Скопје пред 2 децении е подигнат Милениумски крст на врвот на планината Водно, со цел одбележување 2000 години христијанство. Своевремено тоа беше атрактивна идеја, со легитимна причина и повод да се подигне одбележје на врвот кој го носи името Крстовар. Разумна монументалност и пропорција во однос на целата појавност на Водно врз градот Скопје и реперна точка на привлекување а со тоа и поголемо користење на парк шумата.

 

 Милениумскиот крст на Водно

 

Но со Милениумскиот крст на Водно ја покажавме и целата  македонска ноншалантност на недовршување на проектите, неодржување и обид за концесија со естетика на преградување и доградување. Никогаш не е ставен во функција лифтот до платформата од каде се овозможува единствениот поглед над цело Скопје, ниту пак ресторанот го виде светлото на денот. Меѓувремено дограден, преграден небаре е куќата на село на концесионерот  (или кој и да го управува). Значи еден вистински репрезент на тргнато застанато и македонската летаргија на игнорирање и живеење во безредие и кал.

 

Доградби на Милениумскиот крст

 

Круната на неразбирањето на функцијата, естетиката на монументот и од нив произлезената организираност на просторот беше одлуката за подигнувањето на Телекомуникациската кула на неколку стотици метри од Милениумскиот крст. Основната функција е далеку од  главната причина за нејзиното постоење, многу повеќе идејата за ресторан со поглед и уште еден атрактивен објект. Доколку не постоеше Милениумскиот крст, не би спорел ништо особено околу овој објект, но на врв на планината да поставите две вертикални доминанти, на толку мало растојание укажува на не до крај промисленост. Милениумскиот симбол е практично деградиран со соседната појавност која со височината ќе го надмине. Никој не почитува контекст и не го разбира делувањето на надградување без деградирање на тоа што веќе постои и се наметнало како вредно.

 

Телекомуникациската кула во непосредна близина на Милениумскиот крст

 

После повеќе години  се појави идеја копии на милениумскиот крст да се  „насадуваат“ каде ќе се стигне низ Скопје. Вистинските причини кои стојат зад ова е тажно да се размислуваат а не пак вистински да се елаборираат бидејќи се најмалку потикнати од верата, љубовта кон сопствената религија, патриотизмот и желбата за некаков придонес кон општеството.  Една  импровизација се подигна на еден агол од раскрсницата на бул. „ Трета македонска ударна бригада“ и бул. „Србија“ додека втората требаше да изникне во Бутел, каде етничките превирања му пресудија на неуспех. Ваквото фрлање на „крстот“ во просторот во суштина го навредува овој христијански симбол, го доведува на ниво на комерцијален билборд и со тоа го чини небитен. Издигнувањето на  облакодерите во позадина дополнително го надвиснуваат и практично му се одземаат сите атрибути кои би требало да ги поседува.

 

Крстот во Општина Аеродром

 

После лудилото на „Скопје 2014“ во однос на непрофесионалното урбанистичко и архитектонско делување, помисливме дека ваквите плитки проекти по својата вредност ќе застанат. Но на очиглед тие се реактивираат. Порталот ФАКТОР пренесува дека во Драчево ќе започне изградба на крст со височина од 63.5 метри, втор по големина во државата?! Зар ова е натпревар и треба во Македонија да имаме колекција од кич сувенири на крстови?!

Милениумскиот крст е еден и така треба да остане. Тој има контекст, пропорција, соодветна местоположба и конструктивна естетика. Неговата видливост од далечина и појавност на небото има симболика и филозовска поткрепа. Копирањето на неговата естетика и умножувањето како во кинеска фабрика не е симбол на силна вера, неговото садење во слични димензии во низина е погрешна пропорција, додека лоакциите се целосно урбанистички несоодветни.

Истата грешка се гледа од аспект на функција, димензија, урбанизам, естетика и оправданост,  кај параклисите расфрлани низ Аеродром (овој пат во обратен правец – премали без капацитет), кои потоа околу себе развија дополнителни објектчиња  за реалните потреби на свештенослужителите.  Повторно одраз на лоши одлуки донесени на кафе муабет, далеку од консултирање со професијата или пак вистинска теолошка подлога на делувањето. На Аеродром му недостасуваа вистински храмови, не мали црквички кои во големианта на зградите се губат, до ниво на урбана опрема.

 

Визуелизација на крстот во Драчево / Извор: Фактор.мк

 

На ниту еден од новите крстови во скопската котлина не им е таму местото, ниту еден од нив има архитектонска вредност бидејќи се копија, ниту еден од нив има црковна функција!  Разочарува и понатамошното прифаќање на секакви идеи и иницијативи од страна на црквата. Зар МПЦ-ОА нема лични видувања и тим кој ќе ги разгледа ваквите иницијативи?  Зар се што има крст е веднаш прифатливо?! Овие идеи се еднакви на панаѓур и не не носат ниту кон верата, ниту не приближуваат кон Бога (за оние кои веруваат) туку кон често критичниот естетски традиционализам,  добра подлога за „ремет“ од атеистите и останатите религии, додека за општината и урбанистите укажува за една безидејност за просторот, немање критички став за работите.

Сите вакви донации да беа насочени кон Милениумскиот крст за негово довршување и уредување или пак за довршување на Црквата „Св. Константин и Елена“ ќе се направеше вистински чекор. Крстот во Драчево доколку навистина е потребен, може да биде со друга естетика и сигурно ќе заврши работа со 2-3 метри височина. Ако е верата во прашање и од таму доаѓаат неговите димензии тогаш сме многу тажни.

И понатаму сме површни, без самокритика и вистинско размислување за делувањата во просторот и што тие значат, додека  во верата се послаби дотолку колку што е крстот поголем и повисок!