СТОКУЌА со GRAND PRIX на BIG SEE

Автори:  СТОКУЌА ДООЕЛ – Скопје; Јелена Андловиц, Марија Петровска

Инвеститор: ПИВАРА Скопје

Година на изведба: 2021

Вкупна површина : 2.100 m²

Фотографии: Маја Аргакијева

 

 

За потребите на дополнителен работен простор со современа работна култура, нашиот инвеститор СКОПСКА ПИВАРА го избра првиот кат од магацинот кој не е во функција и се наоѓа веднаш до постојните канцеларии на администрацијата. За новите канцеларии обезбедивме нов независен влез во постојната зграда со пристап до ниво +6,50. Во одземени модули од приземјето, организиравме вертикална комуникација, тоалети и тераса на ниво +6,50. Работниот простор е организиран како отворен тип на канцеларии се со цел да се зголеми соработката, креативноста и комуникацијата меѓу вработените.

Целиот простор е составен од три делови: работни единици, централен простор со амфитеатар и челични платформи кој овозможуваат формирање на дополнителен работен простор. Работните единици се поставени долж периметарот кој ја користат природната дневна светлина и надворешниот поглед. Секоја единица е одделена со модуларни прегради во кои се чуваат документи и лични работи на вработените во комбинација со табла за презентации. Срцето на канцелариите – централниот дел со амфитеатарот е проектиран да прими голема концентрација на луѓе за поголеми настани. Поради двовисокиот волумен се имплементирани две платформи кои обезбедуваат дополнителен алтернативен работен простор со затворени мини-канцеларии. Под платформите се организирани сали за состаноци, тивки простории и премини за неформални состаноци на вработените.

 

 

 

 

 

 

Проектот за новите канцеларии беше ставен на хартија пред пандемијата и беше реализиран за време на пандемијата по модификациите за да одговараат на новата реалност. Проектот е доказ дека кога работите со визионери имате единствена можност да внесете душа во неискористениот простор. Со елементи за пишување приказна, со текстури за создавање моќ и додавање магија таму каде што ја немало.

Проектот претставува чекор кон иднината на создавање култура на работното место, – место кое ја поддржува индивидуалноста и стимулира движење, размена на идеи, собири, формални и неформални каде футуризмот, визијата и емоциите се здружуваат поврзувајќи ги брендовите што нашиот клиент ги претставува Heineken, Coca Cola и Скопско. Успеавме да создадеме концепт на отворени канцеларии со опуштена работна атмосфера која ја поттикнува креативната енергија да циркулира низ просторот.