Куќа во природа / Архитектри

Година на проектирање: 2020

Изведба: 2022

Локација: Скопје, населба Водно

Автори: Дејан Ивановски, Симона Чингоска

Студио: Архитектри

 

Авторско образложение:

Дa се испланира целосна реконструкција на постоечки објект, а притоа програмските барања да се максимално обемни, за нас како проектанти претставуваше најкомплексниот проектантски процес во нашето досегашно работно искуство.

Објектот кој е предмет на оваа задача е лоциран на најатрактивната локација во градот Скопје, поточно во подножјето на планината Водно, во близина на претседателската вила Водно.

Дворното место е со приближно 1700 м2, додека комплетната површина која е третирана во овој проект е околу 700 м2 надземна површина и дополнителни 500 м2 подземна содржина.

 

 

Овој проект во својата суштина претставува трансформација на една поранешна амбасадорска куќа од периодот на постземјотресно Скопје, куќа која била проектирана за две независни семејства, а од нас се очекуваше да ја трансформираме во вила со нов карактер која ќе ја користи едно повеќечлено сложено семејство.

 

 

Проектот има неколку клучни постапки во просторно обликовна смисла кои на објектот му овозможуваат дополнителна просторна и програмска вредност.

 

Основи

 

Подкровниот простор кој во минатото е користен како простор за складирање на покуќнина, со овој нов предлог доживува трансформација во една сосема нова просторна целина која во себе обединува нов станбен простор со нова содржина, вклучително и пет нови отворени соби, тераси кои максимално го обединуваат постојниот природен контекст со новопроектираниот. По периметарот на овие отворени соби се проектирани и изѕидани специјални саксии за дрвја и растенија со површина од приближно 20% од вкупната површина на основата. Со поставување на оваа содржина како нова слика во внатрешниот пејсаж, новото зеленило и постечкото од локацијата во кој се наоѓа куќата се претопуваат едно во друго.

 

Пресеци

 

Надворешниот карактер на куќата е дефиниран преку две основни целини. Кровот-кој е проектиран како инвертен четириводен кров и е покривка со посебна геометрија. Toj му овозможува на поткровниот простор заштита од сонце и дожд како и негова независност како целина во однос на постоечкото тело во геометриска смисла.

Втората целина е телото на куќата со своите нови продори кое цврсто лежи на постоечкото тло.

За реконструкцијата и укрутување на објектот на двете постоечки нивоа употребени се приближно 60 нови челични столбови прикачени за постоечките армирано бетонски греди и плочи, што укажува на комплеснста на изведбениот процес.

 

 

 

Подземиот дел на вилата е проектиран за зимскиот период од годината со содржини како спа центар, сауна и парна бања, џакузи, вежбална, простор за релаксација, бар со пратечки содржини како и простор за целата техника за греење и ладење на куќата, како и системи за прочистување на базенот.

Во објектот е проектиран хидрауличен лифт за чии потреби се издупчени три армирано бетонски плочи. Лифтот го поврзува подземниот простор со куќата со сите надземни нивоа и со него вертикалната комуникација во куќата е напредната како за постојаните жители така и за гостите кои би го користеле паркингот и кровната тераса.

 

 

Во внатрешноста на куќата (приземје и кат) позицијата на зедничките простории се организирани околу нов отворен простор кој се проширува по вертикала со што приземното ниво се поврзува со заедничкиот простор на катот, а со тоа се добива двојна и визуелно тројна висина која завршува со стаклен кровен отвор со површина од 25 м2 на северната страна на куќата. Овој отвор овозможува индиректно светлината да пенетрира низ сите јавни простори.

 

 

Во задниот двор од парцелата се додава водена површина со димензии 12.5/6 метри која е позиционирана делумно на отворената јужна страна придонесувајќи конприродно затоплување на водата. Во предниот дел од куќата се додава спортско игралиште кое во летниот дел од годината има полујавен карактер.

 

 

Објектот е проектиран и реализиран во период од месец април 2020 година, до крајот на мај 2022 година.