Споменот од градот пред земјотресот – секојдневно исчезнува!
25.07.2023 • Став
Да се коментира Скопје во толку наврати, на моменти станува исцрпувачки, просто тргнувајќи од комплексноста на настаните кои се случуваа изминативе 2 децении. Годинава одбележуваме 60 години од страшниот и катастрофален земјотрес кој ја промени траекторијата на градот, која изминативе години стана непрепознатлив правец на делување. Тогаш сме имале бар правец, сега талкаме помеѓу.
Снимка од авион од предземјотресно Скопје
Многу носталгии се врзани за градот пред 1963та година, особено кај постарите генерации кои уживаа во тој амбиент на градски вили, семејни куќи во стиловите на еклектиката, дрворедите, атрактивноста на јавните објекти во кои се случувал целокупниот градски живот, потоа плажите на Вардар, скопските кафеани и игранки. Денес веќе доживуваме нова носталгија, за можностите на градот потоа, кој се загуби во инвазијата на последните големи интервенции. Од тука станува уште потешко да размислуваме за претходните оддишки на еклектичното Скопје, бидејќи е предалечна емоција за да предизвика доволна емпатија.
Од збирката разгледници „Дебармаалска еклектика“
По земјотресот и визијата за новото Скопје, која беше смела и футуристичка за тој историски период, направивме неколку грешки кои ни се вратија како бумеранг во облик на проектот Скопје 2014та. Критиката на архитектите и напливот на понекогаш безмилосниот модернизам, не остави многу простор да се интегрираат делови од стариот град во новата визија. Градот наместо да ги обнови најзначајните објекти, одлучи да ги доруши и избрише од новиот контекст.
Зависно од периодот на коментирање, ставовите кај делови од професијата се менува. Оваа тема во 90тите кога постмодернизмот се обиде да оживее одредени препознатливи форми на старите стилови, придонесе и за одредени иницијативи за возобновување на некои стари објекти, чии парцели беа сеуште слободни. Се говореше најмногу за Народниот театар, за Офицерскиот Дом, за Народната Банка, но се организираше и конкурс за современа реконструкција на Старата железничка станица, каде замисливме нова градска куќа. Имавме и урбанистички план за Мал Ринг, каде се внесоа силуетите на старите симболи на Скопје и навраќањето кон урбанистичката морфологија на блокови што е општо прифатено како треба да изгледа еден центар на град. Веројатно ни се смачи гледајќи го полуизградениот центар на градот со доволно растојание од силниот бран на визионерство и бруталистички манир, со што се создаде подлога за некакво преразмислување.
Дуп за Мал Ринг 1997
Потоа се случи Скопје 2014та, каде работите излегоа премногу од контрола поради очигледното стоење на малку професионалци зад идејата, а многу полетани политички мецени. За жал пропуштивме златна можност за втор бран на зрели плодови на македонската архитектура, поради затвореноста на идеолозите и сопствената самозаљубеност.
Но за сите овие премрежја, немаше да има простор доколку некои одлуки по земјотресот беа повнимателно донесени. Одлуката да не се сочува скоро ништо од предземјотресниот град, кај луѓето кои не ја разбираа модерната, го создаде чувството на сивост и отстуство на дух во широките пространства и едноставните фасади. Колку е тоа вистински така – не е значајно, но како тоа влијае на општото поимање за својот град и те како е. Од тој дел од граѓанството се родија моќници кои имаа изградено дури и омраза кон постземјотресното Скопје.
Она кое не го научивме како лекција, се уште замижено го дозволуваме да го доицрпи и последниот спомен од еклектичното Скопје. Секојдневно се уништуваат 100 годишни објекти, без концепт за нивно сочувување. Скопје нема донесено никаква стратегија за препознавање на културното наследство од сите епохи. Европски град со еден грст објекти кои наликуваат на она што го гледаме како наследство таму некаде на запад. Немо набљудување и левитарење.
Во Дебар маало секојдневно исчезнуваат објекти, во Малиот Ринг се случи целосно деградирање на можеби и најмаркатните остатоци од Старото Скопје.
Фотографијата е сопственост на СДК.МК
Ристиќевата палата која е визуелна поента на плоштадот, прво е засенета од несватливата пропорција на централниот споменик, додека височината на Хотелот Мериот воопшто не смееше да го надмине венецот на околните објекти.
На станбениот објект со купола на аголот ( арх. Артемушкин), на улица “Максим Горки“ му се случи истото, на бизнис центарот на Настел му се дозволи височина која го уништи амбиентот.
Просторот на Старата Железничка Станица 2012 и 2022 година
На Старата Железничка станица и се случи недозволива агресија, во која беа срушени делови од објектот, кои го чинеа целина и подлога за иден развој на овој простор. Се срушија сочуваните перони доближувајќи му се на непристојно растојание, одземајќи било каква можност за развој на музејот.
Навистина е крајно време да се направи евалуација на градителското наследство на градот, каде остатоците од архитектурата меѓу двете светски војни во Дебар Маало ќе добие вистинско внимание, потоа улицата Македонија, улицата Максим Горки и уште неколку други сегменти од градот, бидејќи историјата на градот и неговото слоевито богатство се чува преку живи примери и сведоци.
Објекти од меѓувоениот период
Да не дозволиме да изгубиме се, бидејќи бумерангот кога се враќа во архитектурата може да донесе и извртена слика. Она кое денес го гледаме е само привидение на некогашниот Офицерски Дом. Да научиме конечно нешто од безбројните грешки кои ги направивме!
Автор на статија: Filip Koneski