Административна зграда и производствен објект / SPIM Studio
18.08.2023 • XXI век Ентериер и мебел
Проектанско биро: SPIM Studio
Тим : Синиша Павловски, Илија Мирчески
Година на изведба: 2022
Локација : Скопје
Инженерски тим: IPM Steel
Инвеститор : Приватен
Објектот е со намена Г2.1, Згради од лесната градежна индустрија – индустриска работилница за конфекционирање на арматурно железо, лоцирана е во катастарска општина Злокуќани, Општина Карпош. Локацијата има одлична поврзаност и достапност поради просторната диспозиција која е во директен контакт со сообраќајница која е главна артерија кон граничниот премин Блаце и во непосредна близина на обиколницата на Скопје.
Функционалната поделба на објектот е на два дела, административен дел и индустриска работилница. Индустриската работилница за конфекционирање на арматурно железо, е централно поставена во однос на парцелата со што делот на производство се одделува од административниот дел и магацинските простории со различното фасадано обликување со што се прави визуелно одделување на волумените.
Административниот дел е изведен во однос на потребните услови кои се нужни за непречено функционирање на процесот на тековната работа. Вертикалната комуникација се остварува се две скалишта со кои се совладува висината од 3 нивоа.
Останатите простории се составени од неколку типови на канцеларии, холови, простории за состаноци, вип просторија, сервисни/технички простории, трпезарија со кујна за вработени и бифе за гости. Фасадното обликување на административниот дел е спротивно од индустрискиот дел, односно транспарентно со 95% стаклена површина која овозможува дневна светлина и пријатна атмосфера за работа.
Конструкцијата на објектот е изведена со челични елементи како најоптимално решение за ваков тип на објекти и е дело на инженерскиот тим од IPM Steel.
Објектот ги задоволува потребите на Инвеститорот и е во линија со моменталните трендови во градежништвото и сите законски прописи и регулативи.
Повеќе информации на > https://www.spimstudio.com
Автор на статија: Мартин Ефремовски