Првиот аеродом во Скопје / 1928г.
29.07.2024 • ХХ век / I половина
Локација: денешна населба Аеродром, околу поликлиниката „Јане Сандански“ и касарната „Гоце Делчев“
Автори: непознати, сите информации се добредојдени
Година на изведба: 1922 (25?) – 1928г.
Извори: www.history.mk; www.novamakedonija.com.mk; групата „Стари Скопјани“- Kiril Pejovski
Името на населбата Аеродром директно укажува на историјата на овој дел од Скопје. Во околината на денешната поликлиника „Јане Сандански“ и касарната „Гоце Делчев“, се основани почетоците на македонското воздухопловство преку изградбата на првите писти и првата аеродромска зграда.
Во почетокот на ХХ-от век, урбаниот периметар на Скопје бил значително помал. Маџир маало била последната официјална населба спрема југоисток, а понатаму имало само неколку периферни фрагменти и празни ливади. Токму ова слободно пространство се користи за полетување на првиот авионски лет во Македонија дури во 1912г.
Првите авиони претежно пренесувале пошта, и најмногу и служеле на армијата. Централната локација на Скопје во рамки на Балканскиот полуостров, придонесува градот многу рано да се вклучи во локалното воздухопловство како пропратна станица помеѓу Белград и Солун.
Типот на авиони кои летаат во 1920-30-те
Во 1920-те Кралството на СХС, почнува се повеќе да ја развија авијацијата и да гради аеродроми. Првата аеродромска зграда во Скопје е позиционирана токму во оваа зона, на широка рамнина покрај патот до Лисиче, на три километри југоисточно од центарот на градот.
Некои извори наведуваат дека таа започнува со градба во 1922г. а некои во 1925-та. Вториот датум доаѓа од архивски документ кој е официјалната одлука за изградба на аеродромот во Скопје, потпишана од врховниот командант Д.Т.Симович.
Пистата и хангарите на скопскиот аеродром
Овој документ дава интересни информации за тогашниот урбанистички контекст на аеродромот. Во негова непосредна близина се наоѓала импровизирана населба каде живеело сиромашно население, која се наредува да се отстрани.
Аеродромскиот комплекс вклучувал голема писта, хангари и главна дирекција. Објектот служел за прием на патниците, а во него имало и контролна кула и метеоролошка станица.
Архитектурата на објект е модерна со елементи на академизмот. Таа се состои од едноставен, функционален габарит, кој е акцентиран со влезниот сегмент поставен во центарот. Овој дел е повисок од остатокот на објектот, најдоле има трем, над него тераса, а потоа кула со часовник.
Обоена фотографија од фасадата на главната зграда на аеродромот
Декорациите се во форма на здебелени линии околу прозорците, терасите, и кон линијата на венецот, секогаш поставени симетрично. Највпечатливи се самите букви, кои укажуваат кон името на аеродормот „Скопје“, и влезот и излезот на објектот. Сите знаци се испишани на кирилица и латиница и повторно поставени целосно симетрично.
Ваквиот начин на декорирање со едноставни геометриски орнаменти и текстот потсетуваат на поедноставена верзија на стилот арт деко.
Аеродромот се користел за воено и цивилно воздухопловство и поштенски сообраќај. Тој е официјално пуштен во употреба на 15 Јуни 1928г. со првиот меѓународен патнички лет во Македонија. Веќе од следната година била воспоставена редовна авионска линија Белград-Скопје-Солун, која подоцна се продолжила и кон Атина, а повремено застанувала и во Битола.
Самата институција имала и своја слава, секоја година на Св. Илија тука се собирала војската, цивилната власт и голем број граѓани. Дополнително еднаш годишно се одржувале и аеромитинзи, кога граѓаните можеле да платат за да летаат до Зајчев рид.
Аеродромот за време на еден од годишните аеромитинзи / извор: www.mk.wikipedia.org
Аеродромот доживува низа оштетувања за време на бомбардирањето на Скопје од страна на Германците во 1941г. По Втората светска војна тој е поправен, но потоа повторно оштетен во земјотресот во 1963-та.
Како градот се шири а авијацијата се модернизира, така се јавува потребата за нов аеродром, кој овој пат е позициониран уште подалеку од градскиот центар, на неговата денешна локација до населбата Петровец.
Во постземјотресната реконструкција локацијата на стариот воздухопловен комплекс се претвора во нова станбена зона, а врз неговите некогашни писти се градат новите улици на населбата „Аердром“.
Авионска снимка на Скопје од 30-тите години
Автор на статија: Ноеми Чаусидис