Куќа во Пржино

Сведоци сме со реализацијата на урбанистичките планови, дека континуирано бришеме архитектонски слоеви, особено во делот на објектите за индивидуалното домување.

Прекрасни остварувања и концепти отидоа во рушевини, со можноста за развој преку дозволените височини за градба и бројот на станбените единици во новите детални планови, што во реалност од местото на куќите создадоа мали згради, згуснување на население, автомобили на улица итн.

 

Локација со опкружување

 

Денес набљудуваме еден пример на објект за индивидуално домување во скопската населба Пржино, кој сеуште опстојува во својата оригинална форма. Концептот на полунивоа, каде на ниво на теренот се сместува гаражата и подрумот, потоа на високо приземје преку скалиште се дефинираат дневните и јавни функции, и над гаражата приватниот дел или спалните соби и бањата.

 

 

Куќата е сместeна во средиште на парцела со одлична квадратура за развој на партер, градина, двориште, можеби базен. До скоро обвиена во густо зеленило, запуштена, но од неодамна со расчистен терен. Што ќе се случува на оваа парцела не знаеме, но затоа се обидовме бар со фотографирање да ја архивираме оваа куќа во Прижино.

 

 

Подножјето на Водно, од некогаш елитен простор на удобни куќи, зеленило и улици за детски џагор, се претвори во простор за просечни објекти за колективно домување, чии автомобили се паркирани долж тротоарите, додека погледите кон Скопје и Водно се почесто не постојат.