СТОП ЗА УНИШТУВАЊЕТО НА АРХИТЕКТОНСКОТО НАСЛЕДСТВО И УРБАНОТО ЗЕЛЕНИЛО НА ОХРИД / ПЕТИЦИЈА

„Со оваа петиција бараме итно запирање на новиот детален урбанистички план за УЗ 2, УБ 2.3 – опфат 7, кој претставува сериозна закана за културното и архитектонското наследство во самиот центар на Охрид. Планот предвидува рушење на неколку значајни објекти, меѓу кои и уникатната градска куќа што за две години ќе заокружи еден век, како и Здравствениот дом – Маларична, исто така изградена пред безмалку еден век. Дополнително, под удар се и две вредни згради од модерната архитектура – детската градинка и старата училишна зграда на ООУ „Григор Прличев“. Со неговата реализација, а за изградбата на четирикатница долга преку 100 метри и комерцијални објекти, би бил уништен училишниот парк, дворот на детската градинка, јавното урбано зеленило и трајно би се нарушил изгледот и духот на оваа мирна урбана целина.

Ваквиот урбанистички план е спротивен на принципите на заштита на културното наследство и носи непоправливи последици за урбаниот пејзаж на Охрид. Наместо почит кон историските слоеви на градот, се предлага бришење на објекти кои се дел од колективната меморија на охриѓани. Граѓаните не беа соодветно информирани и вклучени во процесот, што дополнително го поткопува легитимитетот на донесените одлуки.

Бараме повлекување на урбанистичкиот план и изработка на ново решение кое ќе ја почитува историјата, културниот идентитет и интересот на граѓаните. Дополнително, ќе биде ускладен со Планот за управување со природното и културно наследство на Охридскиот Регион. Со зачувување на овие објекти и јавни простори, ги штитиме не само архитектонската вредност, туку и автентичниот дух на градот. Апелираме до надлежните институции да ја слушнат волјата на заедницата и да преземат одговорност пред историјата и идните генерации.“

 

Иницијативата е верно пренесена од изворот >>> 

ПОДДРЖЕТЕ ЈА ПЕТИЦИЈАТА СО ВАШИОТ ПОТПИС ТУКА