„Одржлива архитектура: од идеја до реалност“ – предавање на Ноеми Чаусидис на Четвртата годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти
22.11.2025 • Информации
Ноеми Чаусидис е искусен архитект и проектен менаџер која со своето долгогодишно искуство и визија активно работи на намалување на влијанието на градежниот сектор врз животната средина. Нејзиниот пристап ги опфаќа дизајнот, технологиите, теориите, организацијата и регулативите, со цел создавање одржливи и иновативни решенија за изградената средина.
Архитектонското образование го завршила во Македонија, а својата професионална кариера ја гради надвор од границите на својата родна држава, стекнувајќи меѓународно искуство и знаење во полето на одржливата архитектура.
Во рамки на Четвртата Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти, Ноеми ќе се претстави со своето предавање „Одржлива архитектура: од идеја до реалност“, за кое вели:
„Ова предавање има за цел да одговори на нашите визии и соништа за одржливост преку конкретни примери и насоки за реализација. Европските земји таа визија за одржливост ја материјализираа преку Парискиот договор и целта за нет-нула емисии до 2050 година. Ова донесе нови регулативи, финансиски механизми и пазарни трендови, преку кои полека се раѓа нова ера во градежната индустрија — ера што веќе ѝ се приближува и на Македонија.
Предавањето ќе ги прикаже овие големи теории преку конкретни примери на ниво на градби. Како еден закон влијае врз стратегиите на инвеститорите, кои потоа ги обликуваат целите на нивните проекти, што на крај го одредува квалитетот дури и на најситните детали. Целта е да се поттикнат архитектите и урбанистите да гледаат подалеку од формата и да го препознаат поширокиот систем на сили што вистински ја дефинираат архитектурата утре.“
Четврта Годишна Средба на Архитекти и Архитекти Урбанисти -„Архитектурата утре“
Извор: КОАИ
