Телекомуникациска кула – Водно / Павлески, Симеонов, Радовановиќ
19.01.2026 • Информации
Објект: Телекомуникациска кула
Инвеститор: Агенција за електронски комуникации – АЕК
Автори: м-р инж. арх. и м-р лик. ум. Стојан Павлески, дипл. инж. арх. Иван Симеонов, дипл. инж. арх. Ѓорѓи Радовановиќ од студиото Стоун Дизајн ДОО, Скопје
Соработници: дипл. инж. арх. Влатко Чавкоски, дипл. инж. арх. Сашо Цветковски
Година на проектирање: 2012
Година на изведба: 2013 -2026
Локација: Водно
Фотографии: Приватна архива на авторите
Телекомуникациската кула се наоѓа непосредно до врвот Крстовар на планина Водно во близина на Милениумскиот крст на највисоката точка на планината. Поставена во правец север-југ, кулата претставува визуелно впечатлива вертикала во природниот пејзаж над Скопје. Објектот се издигнува од стрмна, карпеста падина и со својата висока, елегантна силуета јасно се чита од повеќе точки во градот. Проектот за кулата е изработен во 2012та година, а со градба почнува во 2013та година.
-Ситуација со отворено приземје-
Композицијата на кулата се состои од три главни елементи, и тоа: централно ветикално јадро, четири платформи и челична решеткаста обвивка.
-Пресек низ кулата и фотографија во завршна фаза-
Главното армирано бетонско јадро, е високо 112,5 м и во него се сместени вертикалните комуникации и сервисни простории. Јадрото почнува да се развива од внатрешноста на двовисинки простор, налик педестал полувкопан во стрмниот терен.
-Фотографија од изградбата на армирано бетонското јадро-
Челичната обвивка се извива од 4 позиции во приземниот сегмент на јадрото со динамични, благо закривени линии кои создаваат впечаток на торзија и движење нагоре. Роговите се шират кон теренот и иако немаат носечки својства обезбедуваат стабилност на централното јадро.
-Фотографии од изведбата на челичните рогови-
Во горната зона на јадрото се распоредени четири конзолни кружни платформи со чиста, хоризонтална геометрија. Секоја од платформите е зајакната со кабловска конструкција прикачена на самото јадро. Платформите се развиваат како автономни волумени кои лебдат околу конструкцијата и го означуваат функционалното зонирање на кулата. Секоја од платформите има развиена површина од 180 до 200м2 во кои се предвидени администравните простории на Агенцијата за електронски комуникации и на Министерството за внатрешни работи. На една од платформите се наоѓа и ресторан со ротирачка платформа, која овозможува панорамски поглед кон главниот град. Ресторанот располага со капацитет за 60тина гости.
-Фотографии од изведбата на кружните платформи-
На врвот, формата на кулата постепено се прочистува и кулминира со тенок челично-решеткаст антенски столб, кој ја продолжува вертикалата и ја завршува композицијата со минималистички гест. Заедно со антената, кулата достигнува висина од 155м, правејќи ја еден од највисоките објекти во државата. Антенскиот систем поставен на кулата е наменет за предавателите на македонските оператори и за системот за контрола и мониторинг на радиофреквенциите, со што кулата добива значајна инфраструктурна улога во државната телекомуникациска мрежа.
Кулата ќе биде пуштена во употреба годинава, после 13 години од почетокот на изградба.
Фотогалерија:
Соработник: Ива Поповска
Автор на статија: Sorabotnik
















