СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР НЕ ЈА ИЗГЛАСА ОДЛУКАТА ДА СЕ ИЗВРШИ ТЕХНИЧКА ИСПРАВКА ВО ГРАДЕЖНАТА ПАРЦЕЛА НА МЕСТОТО НА ЕВРОПСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ
20.02.2026 • Информации
Општина Центар засега не може да издаде градежна дозвола за изградба на 25-катница и 10-катница на местото на Европскиот Универзитет. Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за извршување техничка исправка на градежната парцела и со тоа Општината нема техничка можност да издаде одобрение за градба доколку инвеститорот поднесе такво барање.
Како што стои во објаснувањето од Општината, техничката исправка треба да се направи поради грешка во техничкото исцртување, испишување и опремување на планот, односно поради отсуство на регулаторна линија, односно изостанување на планска одредба за граница на градежната парцела, која се дефинира графички со полна зелена линија со дебелина од 0,5 мм.
Според Деталниот урбанистички план (ДУП), за овој дел предвидената развиена површина за градба изнесува 105.000 м² на основа од 5.200 м².
Согласно Правилникот за урбанистичко планирање, за таа површина со деловна намена Б4 потребни се 1.750 паркинг-места, кои може да се обезбедат само со 10 подземни нивоа. Коефициентот на искористеност изнесува k=17, иако за сите околни градби е 4 или 5. Пристапниот пат до влезот на гаражата е залепен до постојните стари објекти, без можност за тротоар.
Извадок од ДУП Буњаковец 1, Општина Центар
Со оваа одлука не се поништува ДУП-от, ниту пак се изменува. Тоа значи дека инвеститорот може да поднесе тужба против Општината, по што би требало да се исплати оштета од буџетот на Општина Центар. Во таков случај, можно е да се добие и судска одлука за постапување согласно одредбите од ДУП-от.
Деталниот урбанистички план за овој дел, со кој се исцртани маркиците за 25-катницата и 10-катницата, е донесен во 2012 година, кога градоначалник на општина центар беше Владимир Тодоровиќ.
Прочитајте повеќе кај изворот >>>
Автор на статија: Sorabotnik
