АРХРИД со BIG SEE Perspective award 2026
07.05.2026 • Информации
Од оваа година BIG SEE доделува награда за перспективност во полето на архитектурата. Од Македонија, во оваа категорија беше номиниран тимот на АРХРИД од страна на Проф. Д-р Мери Батакоја со следното образложение:
„АРХРИД е колектив на архитекти основан во 2022 година во Охрид, како одговор на забрзаната урбанизација и архитектонската и културната деградација на градот. Преку обединување на вредностите на современата архитектонска сцена, тие имаат цел да создадат основа за едукација, заштита и граѓанско дејствување, како и форум каде прашањата за градот ќе се дискутираат отворено. Нивната работа се движи помеѓу истражување, дизајн и културен активизам: проекти како „Начинот на Чипан“, кој комбинира изложба, дебати и публикација за модернистичкото наследство, покажуваат како архитектурата ја користат како алатка за критичка рефлексија и обновување. Паралелно, колективот активно учествува на меѓународни архитектонски конкурси, вклучувајќи го UNESCO Ancient Theatre Competition (2025) и Nautical Club Ohrid Competition (2024), со што дополнително ја демонстрира својата зрелост и способност локалните теми да ги позиционира во рамки на глобалниот архитектонски дискурс. Како млад колектив, тие веќе покажуваат ретка комбинација од концептуална јасност, јавен ангажман и одговорност кон просторот, што ги прави одличен кандидат за наградата BIG SEE Perspectives Award.“
Номинацијата беше успешна и тимот на АРХРИД се здоби со ова признание. Честитки до Стефан Жупан, Емилија Стојаноска, Климент Танески, Димитар Поп-Стефанија, Ева Зович, Јулија Јовановска, Ангела Трајанова, Филис Ајруш, Филип Спасески, Анастасија Ристеска, Иво Лазароски, Теа Дамјановска, Стефан Назифовски, Симона Чингоска!
Прочитајте повеќе кај изворот >>>
Автор на статија: Filip Koneski
2026 / ARHRID / BIG SEE / Perspective award / Архрид
