Административна зграда за Општина Аеродром / MXMLS

Автори: Борјан Менкиноски, Димитар Милев

Соработник: Наташа Николовска

Генерален опис

На крстопатот на две градски магистрали, нашето предлог идејно решение за новата општинска зграда  се  најавува себеси како нова фокална точка на реонскиот центар во општина Аеродром. Надоврзувајќи се на постоечкиот и планираниот архитектонско-урбанистички контекст, решението ги следи формалните естетски тенденции на своите соседи, притоа зрачејќи со експресивност преку иновативни решенија во обликувањето на обвивката. Решението претставува спој на два волумени, различни по карактер и форма. Во ортогоналниот бочен волумен доминира полната ѕидна маса, додека заоблениот, кој и според својата ориентација е попојавен од ортогоналниот, радира со својата леснотија и порозност.

 

 

 

 

 

 

Генеза на форма

 

 

 

Аксонометрија

 

 

 

Водејќи се од идејата за целосна изложеност на природна светлина, покрај максималната осончаност преку надворешната обвивка, во пресечницата на двата волумени се јавува атриум преку кој се осончуваат  и просториите во внатрешниот  организациски прстен. Преку логична и аналогна поставеност на вертикалните и хоризонталните комуникации се овозможува максимална ефикасност и рационалност во секојдневната експлоатација на објектот.

 

 

 

 

Дијаграм на простори

 

 

 

 

 

 

Поради максималната искористеност на површината за градење, како и според конкурсната програма, на кровот е предвидена кровна градина која според својата форма и позиција на опремата во неа претставува посебен простор – прибежиште од бучниот градски метеж.

Помошните и сервисните простории се лоцирани во делот кај калканскиот ѕид на југозападната страна, ослободувајќи им го централниот дел на атриумот и канцелариите, односно просториите за работа.

 

 

 

 

 

 

Основа на приземје 

 

 

 

 

 

 

Материјалите и методите на градба кои се планирани во овој проект се локално достапни и дел од веќе воспоставена пракса на градба низ државата.

Проектот со својата естетска експресивност го комплементира контекстот во кој што се јавува, а со својата прагматичност и рационалност ги задоволува сите стандарди на еден современ административен објект.

 

 

 

Северна фасада

 

 

 

 

 

 

Технички детали

Објектот се карактеризира со висок степен на енергетска ефикасност при неговата секојдневна експлоатација. Системите на градба, греење, ладење и вентилација кои се планирани во овој проект се најсовремени примери за рационална и енергетски ефикасна градба.

Источниот обод на објектот е проектиран да биде обвиен со неносиви префабрикувани бетонски фасадни панели кои се одликуваат со висок степен на енергетска ефикасност, односно термичка и звучна изолација, како и заштита од директно утринско осончување преку формата на отворите во самите панели.

Она што исто така е карактеристично за нив е дека се далеку по лесни и ефикасни за монтажа, елиминирајќи ја потребата од голема работна сила и тешка машинерија при изградба на објектот.

 

 

 

Детал на фасада со префабрикувани бетонски панели 

 

 

 

 

 

 

Северната, односно северозападната фасада е проектирана во два слоеви, првиот е трослојно стакло со висок степен на енергетска ефикасност, а вториот е напрегната мембрана од фиберглас која штити од директна светлина во текот на денот, а овозможува висока естетска вредност како денски, така и навечер кога доаѓа до израз нејзината транслуцентност и порозност, симулирајќи ефект на лантерна.

 

 

 

Детал на фасада со мембрана од фиберглас

 

 

 

 

 

 

Во однос на греење и ладење на објектот, предвиден е системот на геотермални пумпи кои ја циркулираат водата десет метри под котата на теренот каде температурата е константна низ сите четири годишни времиња. Во ладните месеци, топлата вода се испумпува во цевките вградени во цементната кошулица на подот на сите надземни етажи, затоплувајќи го објектот преку системот на т.н. “Радијално греење”, а во топлите месеци, разладената вода го лади воздухот кој циркулира во системот за вентилација и истиот контролирано го разладува објектот.

Овие системи се најрационални бидејќи ја редуцираат потребата за употреба на електрична енергија до 70%. Во однос на проветрувањето, атриумот е простор кој овозможува природна вентилација на сите заеднички простории и комуникации преку отворање на стаклениот покрив во неработните часови.

од авторите

 

 

 

Пресек 1-1

 

 

 

 

 

 

Ситуација