Анализа на урбаната морфологија на пограничните градови во источнот и југоисточниот регион на Р. С. Македонија и типолошка класификација на градските плоштади

Автори: д-р Ванѓел Дуноски, м-р Дамјан Балкоски и м-р Оливера Стојановска

Година: 2020

Издавач: МИТ Универзитет – Скопје, Факултет за Архитектура

Финансиска подршка: Министерство за Култура на РСМ

Рецензент: проф. д-р. Мирче Кокалевски, д.и.а.

Графички дизајн: м-р Тамара Конеска

Тираж: 100

 

  1. Извадок од рецензија на истражувањето: д-р. Мирче Кокалевски, д.и.а. (професор во пензија)

“Предмет на истражување во трудот се два сегменти од широкиот спектар на урбаната тематика: анализа на урбаната морфологија на одделни градови во РСМ (со согледување на развојот на урбаната матрица на градовите) и типолошки аспекти на плоштадите на анализираните градови. Двата сегменти се применуваат низ примерот на десет градови, лоцирани во источниот дел и југоисточниот на РСМ и тоа, погранични градови со Р. Бугарија и Р. Грција – Крива Паланка, Македонска Каменица, Делчево, Пехчево, Берово, Дојран, Струмица, Валандово, Богданци и Гевгелија. Во основа, во трудот се третираат два урбани сегменти односно  одделните погранични градови се анализираат морфолошки, а плоштадите во рамките на градовите се согледуваат типолошки, со што се профилира  соодветна урбана слика за третираните градови.

 

Во рамките на трудот се опфатени современите гледишта од различни автори на феноменот на урбаната морфологија, со согледување на аспектот на формата на градовите, како урбана карактеристика, како и на карактерот на градските плошатади како изразени јавни простори на градовите, преку согледување на типологијата на плоштадите, во функција на проучување на урбаните феномени. Градовите се анализираат од аспект на постоечката урбана морфологија, за да се извлечат карактеристичните урбани елементи кои ќе претставуваат основа за планирање на идниот просторен развој на градовите. Согледувањето на морфологијата на градовите овозможува приказ на урбаната структура на градовите, особено во услови на неповолни насоки на урбан развој на градовите во источниот регион на државата, кои се соочуваат со застој на  архитектонско-урбанистички, економски, социолошки, демографски аспекти.

 

Насловна страна

 

Во трудот, морфологијата на урбаните простори (поглавје 2) се согледува низ изучување на формата и структурата на градот, положбата и функцијата на градот, особено на неговите изградени делови и отворените јавни простори како квартови, блокови, објекти, улици, плоштади, паркови и сл. Според тоа, урбаната морфологија овозможува да се согледаат многубројните аспекти и суштната на изградените структури и јавните простори во градовите. Со согледување на типологијата на јавните градски простори се утврдуваат просторните карактеристики на главните плоштади, нивната функција и начинот на користење од жителите. Типолошките аспекти на плоштадите (поглавје 3) се согледуваат низ три тематски целини: положба на градски плоштад, форма на градски плоштад и функција на градски плоштад.

Преку типологијата се согледуваат урбанистички и архитектонски особености на плоштадите и се утврдуваат нивни карактеристики, како и влијанијата и односите на урбанистичките микро елементи врз јавниот карактер на плоштадите (начин на користење на јавниот простор од страна на жителите, присуство на зеленило, движење, пристапи, визури, фасадни сценографии и сл.). Во поглавјето 4. Морфолошки и типолошки карактеристики на одделни градови во РСМ, се врши примена на презентираните карактеристики на урбаната морфологија на градовите и типолошките карактеристики на плоштадите во десет градови во источниот и југоисточниот дел на РСМ и тоа за секој град одделно, со соодветни описи, графички прикази и визуелизации на плоштадите на градовите Крива Паланка, Македонска Каменица, Делчево, Пехчево, Берово, Дојран, Струмица, Валандово, Богданци и Гевгелија. Во трудот на ефикасен начин се применети, кај секој град одделно, морфолошките карактеристики и типологијата на плоштадите на третираните градови, како основа за идните урбани предизвици за трансформација на урбаното ткиво на градовите.

Во поглавјето 5, се елаборирани заклучните согледувања од третираната тематика поврзана со морфологијата на градовите и со типологијата на плоштдите во градовите, и се прави компаративна анализа на урбаните карактеристики”.

 

 

  1. Опис на проектот (од авторите)

Научно истражувачкиот проект, насловен “Анализа на урбаната морфологија на пограничните градови во источнот и југоисточниот регион на Република Северна Македонија и типолошка класификација на градските плоштади” е резултат на истражувањето извршено во текот на 2020 година произлезено од конкурсот за финансирање на годишни проекти од областа на културата при Министерството за култура на РСМ.

Градовите – предмет на истражувањето, долг период се наоѓале на маргините од случувањата во државата и под своевидна доминација од поголемите центри во источниот дел на Македонија – Штип и Кочани, и особено од главниот град Скопје. Сега, како држава членка на НАТО и во пред-почеток на преговорите за членство во Европската Унија, на овие градови им се отвара можност за нов вид на функционирање кое би се одвивало преку соработката со градовите од соседните земји членки на ЕУ – Р. Бугарија и Р. Грција. Оваа соработка би создала можност за нивен севкупен развој во сите сфери на општествено дејствување и од подредена позиција им се создава можност да бидат поконкурентни градови во споредба со останатите.

Овој проект е разработуван по принципот на познати урбанисти и професори како Кевин Линч (Kevin Lynch), Роберт Криер (Robert Krier), Спиро Костоф (Spiro Kostof) и Владан Џокиќ (Vladan Đokic), кои ги истражувале овие области – урбана морфологија и типологија. Истражувањето за оваа тема се спроведе во летниот период каде што се посетивме градовите и според утврдената програма и шема на активности ги посетувавме одредените места во време кога немаше активност на луѓето (рано наутро, 06.00-07.00 часот), а градските маала ги посетувавме на пладне каде што ги извршувавме теренските анализи. Ова истражување се одвиваше во специфични услови на работа предизвикани од светската пандемија со вирусот COVID-19 и донесе нов вид на искуство при истражување на вакви проекти.

Карактеристиките на формите на пограничните градови во источниот и југоисточниот дел на РСМ произлегуваат од географската положба и просторната конфигурација на теренот на кои се наоѓаат. Се појавуваат следните форми на градови: Линеарана, ортогонална, радијална, а карактеристично кај сите градови е тоа што секаде се појавува и органската форма која како врзно ткиво ја формира уличната мрежа. Органската форма на градовите е дел од нашата традиција и култура на градење и живеење за што треба да се внимава при иднотоурбанистичкото планирање на овие градови за да се зачува природното и амбиенталното во ова време на глобализација.

 

 

Секоја изградена средина поседува одредени особини и посебности по која е препознатлива. Околностите во кои настануваат и развиваат македонските градови довеле до формација на јавни простори (градски плоштади) со специфични принципи кои се резултат на културниот, општествениот и политичкиот контекст во кој тие настанале. Воглавно, во градовите во РСМ, од 19от век, градските плоштади се развивале на три начини:

– пред црквата во градското јадро,

– во чаршијата, на почетоците или во средина на чаршијата,

– во поново време, кога урбанистички се планираат и развиваат помалите градови, како градовите во источна македонија, плоштадите се поставени пред општината како адинистративна зграда или пред големите стоковни куќи, во тоа време наречени НАМА.

Како форми на градските плошдати, најприсутни се линеарните – издолжени форми и правоаголните, а се појавуваат и како неправилна форма произлезена од конфигурацијата на теренот и уличната мрежа. Според површините, плоштадите се движат од 2.000 до 6.000 м2, додека пак плоштадот во Струмица е најголем кој што е и ново изграден, а најмал е во Валандово.

Овие теми, поготово за малите погранични градови се недоволно анализирани и истражени и се надеваме дека овој проект ќе биде основа за понатамошни истражувања. Овие анализи се важни при проекцијата на локалниот економски развој на секоја општина, да се користат во делот при урбанистичкото планирање за развој на градовите, како центри во општината.

Факултетот за Архитектура при МИТ Универзитет – Скопје, во своите наставно научни програми има за цел да разработува и понуди конкретни решенија во функционирањето на населбите и потребите на жителите во нив од урбанистички аспект.

Изразуваме благодарност наjпрво до Министерството за култура на РСМ за реализација и финансирање на овој проект, до проф. д-р. Мирче Кокалевски за рецензијата на книгата, м-р. Билјана Апостолова – генерален директор на МИТ Универзитет и соработниците на проекот, Анета Иверсен – превод и лектура на англиски јазик и Тамара Конеска – графички дизајн.

Книгата е бесплатна и достапна во библиотеката на МИТ Универзитет – Скопје како и во Националната Универзитетска Библиотека – НУБ Св. Климент Охридски. Електроснка верзија од книгата е достапна на веб страницата на МИТ Универзитет – Скопје https://www.mit.edu.mk/knigi