Архитектонско репроектирање / Ален Цветковски

Година: 2018

Автори: Ален Цветковски

Локација: Кеј на Вардар ( МКРТВ, МАНУ, Судска Палата)

Целосен наслов: Архитектонско репроектирање на урбаниот опфат „Судска Палата“ во Скопје кон програмска и просторна трансформација на местото

Целта на овој труд е да се понуди ново концептуално решение за неразвиениот, празен или руиниран дел од урбаниот блок, кој треба да добие нова програма, нов облик, и да ја промени сликата на тој дел од градот. Преку анализа на постојните градби и јавните површини, препознаени се позитивните карактеристики на локацијата и извлечени се одредени правила за развој на ново решение. Од друга страна, постои и критички став кон дел од она што постои во блокот како градба, но не се вклопува во целината.

 

На програмски план, проектот предвидува нови содржини, наменети за времено сместување, од хотелски тип, пратечки деловни содржини, како и содржини за јавна намена од областа на спортот, рекреацијата и угостителството.

На формално-композициски план, проектот предвидува повеќе слободостоечки градби и конечни архитектонски фигури, но истовремено и градби во мало мерило од павиљонски тип. Особено внимание во проектот е посветено на начините како градбите комуницираат со непосредниот јавен простор во делот на кејот од реката, но и во делот на постојните и новопроектираните парковски површини.

Во однос на комуникацијата со останатите делови од градот, се предвидуваат пет нови пешачки мостови, кои нудат нови можности за поголема фрекфентност на луѓе, во сите периоди од денот.