Безистен – Стара скопска чаршија / XV (XIX) век

Период: оригинална градба – 1317г. / нова градба – 1900г.

Локација: Стара скопска чаршија

Ктитор:  оригинална градба – Исхак – Бег / нова градба – Хаџи Хусеин, Осман и Јашар-бег

 

 

Во самото јадрото на Скопска чаршија, покрај Златарската улица, среќаваме уште еден архитектонски споменик – градскиот Безистен. Бидејќи неговиот периметар е исполнет со низа мали дуќани единствено можеме да му пристапиме преку еден од четирите скриени портали. Внатре водени од отворени коридори, пристапуваме до неколку друќани кои во изминатите години беа исполнети со концерти, забави, изложби и попладневни кафиња.

Но нажалост, неговата активност е значително намалена. Сакајќи да го реактуализираме овој споменик, ви ја презентираме неговата историјата пропратена со фотогалерија од неговиот денешен изглед.

 

 

 

Безистените се големи трговски објекти сместени во самиот центар на градските чаршии. Најчесто имало само еден ваков објект во градот и тој се состоел од низа дуќани кои се изнајмувале на различни сопственици – безистенлии. 

Овие структури најпрво биле користени исклучиво за продавање на платно, па оттаму и дошло нивното име: „bezz“ или платно на арапски, и „(i)stan“ што е персискиот збор за продавно место. Подоцна во нив почнале да се продаваат секакви стоки па дури и да се сместуваат занаетчиски работилници. 

 

 

 

Безистенот во денешниот урбан контекст (фото: Филип Михајлов

 

 

 

Отоманско Скопје исто имало ваков Безистен кој бил центарот на целиот трговскиот живот во градот, но, тоа не е градбата која ја среќаваме денес. Сегашниот Безистен е релативно нова структура изградена на место на оригиналниот објек кој датира од 15 век. Неговата историја ја дознаваме од натписот кој е поставен над влезот кој води од Златарската (Ќујунџиска) улица. 

 

 

Натпис над источниот влез 

 

Натписот во превод гласи:

„Во овој привлечен град, кој одамна е познат и кој ужива добар глас,
А кој постојано ce руши и повторно обновува,
Соградил Гази Исхак-бег убав безистен.
Овој добротвор завештал многу имот.
Со време безистенот ce урнал и станал ѓубриште,
Бидејќи ѕидовите му ce оштетени и уништени.
Еве денес ce појавија потомците на Исхак-бег, претприемчиви луѓе 
Кои со помошта на Бога го обновија безистенот.
Тоа ce гоСподата Хаџи Хусеин, Осман и Јашар-бег.
По ова дело може да ce процени нивниот углед.
Овој роб, штом ja виде обновата на безистенот, го напиша хронограмот: 
Погледни како високо ce согради Скопскиот безистен.“
Година 1317 (= 12. V 1899 – 30. IV 1900)

(цитат: Кумбараџи-Богоевиќ, Османлиски Споменици во Скопје, 1998, стр: 253)

Во натписот е наведен ктиторот на оригиналниот објект Исхак-бег, кој ни е исто познат како градител на Алаџа Џамија и турбето покрај Саат-Кулата кое го маркира неговиот гроб. 

За стариот Безистен не знаеме многу. Најголемото сведоштво за неговиот изглед е цртежот од патописецот Aртур Еванс, кој во 1885г. го среќава веќе во руини.

 

Визуализација на стариот Безистен од Артур Еванс (Кумбараџи-Богоевиќ, Османлиски Споменици во Скопје, 1998)

 

За разлика од денешниот објект тој бил затворен и покриен со куполи. Имал ѕидови од камен и тула на сличен начин како останатите споменици од овој период: Чифте амам, Куршумли ан и др. Неговата внатрешност била поплочена со мермер, а во средината се наоѓале два големи столбови кои ја носеле кровната конструкција. Дуќаните биле формирани од дрвени прегради кои можеле и да се поместуваат и да формираат различен број на единици.

Од стариот објект се зачувани дел од надворешните ѕидови кои денес можеме да ги сретнеме веднаш до јужниот портал. При археолошките истражувања кои се изведуваат во 60-те, се откриваат и неговите темели кои се наоѓаат на кота од 1м. под денешното ниво на Чаршијата. За време на ископувањата се откриени исчадени ѕидови, изобилие на пепел и јагленосани греди кои укажуваат дека објектот претрпел сериозни штети од пожар. Најверојатно градбата била уништена при палежот на Скопје во 1689г од страна на Пиколомини. По катастрофата објектот долго време стоел разурнат.

 

 

 

Јужна фасада на Безистенот и остатоци од старата градба (Кумбараџи-Богоевиќ, Османлиски Споменици во Скопје, 1998)

 

 

 

На самиот крај на XIXв. потомците на Исхак-Бег, Хаџи Хусеин, Осман и Јашар-бег, решаваат да го обноват. 

Тие ја задржува локацијата и периметарот на старата градба, но изведуваат целосно различна структура, сместена врз темелите и ѕидовите на старата. Новиот Безистен, за разлика од стариот, е од отворен тип. Наместо еден главен објект, тој се состои од повеќе двокатни дуќани и отворена мрежа од коридори. Тие се симетрични и водат до средините на четирите фасади на објектот каде се наоѓа по еден портал со триаголен тимпан.

 

 

 

Пресеци низ Безистенот (Арсовски, Стара Скопска Чаршија, 1971)

 

 

 

Источен и северен влез

 

 

Западен и јужен влез

 

 

 

Парцелата се исполнува со четири волумени покрај рабовите, и два во центарот на местото на некогашните централните столбови. Сите структури се покриени со двоводни кровови, континуиран венец на нивото на првиот кат, и карактеристични прозорци со полукружни завршетоци и капаци.

Денешниот Безистен е дел од урбанистичката ревитализација на Чаршијата  која се изведува по 1964-65 по катастрофалниот скопски земјотрес. Тогаш тој се санира, и се наменува како центар за занаетчиство и сувенирска трговија. Денес тој претставува културно наследство заштитено со закон. 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Неговите дуќани сместуваат низа различни програми низ изминатите години: продавници, скалдишта, администрација и барови. Но, бидејќи ниедна од овие програми не е доволно голема ни фреквентна, половина од дуќаните се оставени празни. Па така, доколку го посетиме Безистенот денес, ќе го сретнеме речиси празен. Некогашното јадро на целиот чаршиски живот веќе со години немо чека повторно да биде реактивирано.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Фотографии од денешна состојба: Борис Јурмовски