Ботаничка градина / Илиеска, Нанески
28.04.2020 • Студентски проекти
Година: 2018/2019
Семестар: VIII
Проектна задача: Ботаничка градина
Предмет: Архитектонско студио 8.3
Автори: Ивана Илиеска и Андреј Нанески
Педагошки тим: Проф. д-р Александар Радевски, доц. д-р Горан Мицковски, доц. д-р Димитар Папастеревски, сор. м-р Димитар Крстевски
Универзитет: “Св. Кирил и Методиј” – Архитектонски факултет, Скопје
Локација: Дворот на институт за хемија – ПМФ, Скопје
Ботаничката градина на Природно-математичкиот факултет во Скопје припаѓа на Ботаничкиот завод на Институтот за биологија. Активностите околу нејзиното формирање почнале во 1948 година, а во 1951 година била официјално пуштена во употреба на површина од 14 хектари. Денес таа зафаќа површина од 11 хектари.
Локација
Пред дваесетина години, со заеднички напори на ПМФ со Фармацевтскиот факултет, изграден е простор за одгледување на лековити растенија од територијата на Македонија.
Во 2017 година од ГЕФ ПМГ – Република Македонија беа доделени финансиски средства за реализација на проектот „Унапредување на заштитата на растителниот диверзитет, енергетската ефикасност и едукацијата во Ботаничката градина на Природно-математичкиот факултет во Скопје“.
Проектот се спроведува од Македонското биолошко друштво во соработка со Природно-математичкиот факултет и во негова реализација се вклучени 12 експерти од Институтот за Биологија.
Во текот на 2018 година со доделените средства е реконструиран е објектот на ботаничката градина – оној кој стои денес.
Стакленик
Знаејќи ја историјата и поминатите напори за конзервација на расителниот свет, кон задачата пристапивме со цел да обезбедиме современ архитектонски зафат, промислен простор кој би помогнал да се збогати и зачува постоечката библиотека на флора, за корист како на факултетите од кампусот, така и на поединци граѓани.
Развивајќи ја формата првично остваривме контакт со она што е веќе на локацијата – постоечката зграда на градината и зградата на Институтот за Хемија ги зедовме како репери кои ќе не водат во размислувањето.
Зградата на Институтот е завршена и предадена во употреба во 1968 година, делумно според проектот на словенскиот архитект Едвард Равникар.
Влезот за институтот плени со скулптурален бетонски трем, во јазик на брутализмот кој засилено се појавува во постземјотресното Скопје. Истиот тој трем е нашата почетна точка – димензиите на тремот стануваат модул кој се користи во проектирањето.
При процесот на проектирање избравме павилионски систем, со цел да се овозможи независна изградба и користење на секој од објектите.
Првиот зафат го опфаќа линеарниот плоштад, достоен предпростор за една образовна установа, кој се поставува од влезот во Хемискиот институт до новиот влез во градината кој е назначен со нов современ трем, паралелен на постоекиот и мал објект во функција на билетара. Покрај влезот поставен е паркинг од 34 паркинг места.
Вториот зафат претставува прстен (патека) димензиониран според усвоениот модул кој од едната страна се лепи за линеарниот плоштад а од другата страна минува низ постоечката зграда на градината. На истиот прстен се нижат трите нови волумени- новите содржини кои ги предвидуваме во проектот: Едукативен центар, кафе и градината за тропски и еднемични растенија. Предвидената градина за сукуленти останува во постоечката градина.
Архитектонскиот израз на новите волумени е сведен на минимум:
Модулите, и впрочем сите користени елементи и материјали се повторуваат, така што овозможуваат полесна и поекономична изведба.
Технички цртежи
Бетонот е користен како главен конструктивен материјал па конструкцијата на објектите се состои од кружни АБ столбови, повлечени во внатрешноста од фасадата, кои ја носат бетонска кровна плоча. Од страните објектите се затворени со стаклена завеса која оди од подот до тенката кровна плоча давајќи впечаток на леснотија, при што им ја обезбедува потребната светлина на растенијата. Прстенот (патеката) е покриена со епоксиден под, правејќи „сендвич“ од материјали: бетон – стакло – бетон.
Измеѓу објектите во патеката се направени мали градини и поставени се перголи со што она што е наменето за во објектите одеднаш може да излезе надвор.
Визуелизации
Макета
Автор на статија: Filip Koneski
Андреј Нанески / Ботаничка градина / Ивана Илиеска / Студентски проект