Црква Св. Никола / Љубанци, XIV век

 

Период:  средина на XIV век, обнова XVI век, обнова и живопис 1881г., обнова на објектот, дворот и нова камбанарија 2014г.

Локација: с. Љубанци, Скопска Црна Гора

Фрескоживопис:  Павле Аврамовски од Галичник

Извор: Википедија; „Духовните и културните центри на Скопска Црна Гора“, И. Велев, Популаризација на културното наследство во Скопје и скопско, Скопје 2020;

Фотографии од денешната состојба: МАРХ

 

Селото Љубанци е една од најстарите населби на Скопска Црна Гора.  Тука среќаваме густа концентрација на цркви, дел од кои датираат од средновековниот период. Таков пример е селската црква Св. Никола, на која среќаваме градежни слоеви од XIV-ти век па сѐ до денес.

 

 

 

 

Црквата се наоѓа во самото село, и не треба да биде помешана со манастирот Св. Никола – Вунешки, кој се наоѓа на исток над селото Љубанци.

Денешниот комплекс е комбинација на сегменти од различни времиња. Тука имало постар објект кој е обновен во XVI век, кога соседниот манастир, а и општо регионот на Скопска Црна Гора, бележи зголемена активност.

Подоцна во 1881г. објектот е повторно обновен, вклучувајќи го и неговиот ентериер кој е декориран со фрескоживопис од зографот Павле Аврамовски од Галичник.

 

 

Состојбата на објектот во 2009г. / www.youtube.com – Aleksandar Dimitrijevic 

 

 

Во 2014г. на комплексот повторно се изведуваат градежни зафати. Конзерваторите ја користат шансата за да го истражат стариот дел од црквата, по што го валоризираат како културно наследство.

Во оваа фаза се изведува нова фасада на горниот дел од градбата, се уредува дворот и се гради нова камбанарија на место на старата.

 

 

Осветување на темелите на новата Камбанарија / извор: Република Online

 

 

Архитектурата на објектот е скромна, карактеристична за мала селска црква.

Посебно внимание заслужува нејзиниот најстар дел, источниот ѕид на средновековниот објект. Тој е колаж од камења, тули и сполии. На него забележуваме дел од столб, поголеми масивни камења, па дури и камен-споменик со римски текст.

Ова укажува на карактеристичниот тренд во средниот век на рециклирање на градежни материјали од постари антички, римски или ранохристијански објекти.

 

 

 

 

Сепак најимпресивниот аспект на овој храм е неговата константна реинкарнација и доградба. Ова веројатно се должи на значајноста на селската црква за самото население во Љубанци.

Денес таа сѐ уште функционира како активен религиозен центар, кој е посебно популарен за празниците.