ДЕСТРАТИФИКАЦИЈА СКОПЈЕ ‘29‘65‘СK14‘2020

Автори: Marina Tornatora; Ottavio Amaro; Благоја Бајковски; Lucia La Giusa; Alessandro De Luca

Соработници: Cecilia Coppola; Matteo Milano; Davide Villari; Stefano Vitale

Павилјон на Македонија – Freeingspace

Комесар: Зоран Петровски

Куратори: Слободан Велевски; Марија Мано Велевска

Година: 2018

Извор: http://landscapeinprogress.unirc.it/

 

МАРХ ви го претставува проектот кој како дел од Биеналето за архитектура во Венеција во 2018-та година се фокусира на реконфигурација и реупотреба на стоковната куќа НА-МА.

Стоковната куќа, дело на архитект Славко Брезовски е изградена на главниот градски плоштад во 1958-та година. Истата ги поставува темелите на модерниот животен стил, кој влијаел во создавањето на културниот живот во градот.

Архитектонски, НА-МА го дефинира урбаниот блок, модул поставен во сложена и контрадикторна урбана ткаенина која со својот периметар излегува на два плоштади.

Некогаш ова дело, претставуваше значаен симбол за историјата на градот, но со интервенциите на проектот „Скопје 2014“, денес се сменети основните композициски елементи кои ги дефинираа фасадната автентичност и значењето на објектот.

Со концептот „Дестратификација“, градот се дефинира како една архивска форма, инкубатор за нови експериментални архитектонски и урбанистички визии. Целта е формирање на нов карактер на слободниот простор, нов автентичен идентитет преку читање на најдлабоките историски слоеви, заедно со неодамнешните еклектички театарски сетови од „СК2014“.

Проектот не е опседнат со целосна промена на фасадната состојба од „СК2014“, туку со нова трансформација и читање на јавниот простор. Градот се преобразува во културен дистрикт, се отвараат тековните недостапни јавни места, се градат нови односи, урбана динамика заснована на уметнички и културни активности.

За „Дестратификација“ на стоковната куќа НА-МА, потребни се три чекори на ослободување.

I чекор на ослободување

Малиот плоштад (пијацета) од јужната страна се поврзува со внатрешноста на објектот, односно со дворот позади стоковната куќа, менувајќи го приватниот стар карактер за нов отворен јавен простор и наткриен плоштад лоциран во подрумското ниво на оригиналниот проект. Објектот добива двојна висина.

II чекор на ослободување

НА-МА се преобразува во креативно јадро со намера да ги интегрира своите простори за привремени изложби, производство на дигитални уметности и за креирање на постојана изложба „Брутализмот во Скопје“.

III чекор на ослободување

Во однос на фасадата, важно е да се забелиежи дека таа е една модерна интерпретација на три-партитната архитектура, поделена на приземје, испакнат конзолен (стаклен) дел и мермерен дел.

Со интервенцијата се враќа мермерниот изглед на горниот дел од објектот, а декоративната прекривка на средишниот конзолен (стаклен) дел се отсекува до оригиналниот волумен на објектот.

„Лушпата“ од „СK2014“, која се бојадисува во црна боја (став, барокот не може да биде црн!) останува одвоена за 1.5m. Истата овозможува отворен поглед кон небото.

Внатрешниот „контејнер“ добива нова структурна диспозиција потполно во релација со новата состојба на фасадата. Во програмска смисла објектот претставува „културен дом“ со што оваа важна урбана функција се носи во средиштето на градскиот простор.