Општина Ѓорче Петров предвидува ѕид од висококатници на локацијата Јурија

Минатата недела граѓаните на Ѓорче Петров излегоа на протест против новиот ДУП за Јурија, кој предвидува „урбан ѕид“ од висококатници, два комерцијални објекти, и локален парк. Повисоките планови ја планираат локацијата со висок коефициент на изграденост, но начинот на кој ова е дизајнирано во новиот ДУП уклучува сериозни аларми за идната состојба на населбата. 

 

 

 

Претходниот ДУП за С3 24 (www.opstinagpetrov.gov.mk/)

 

Претходниот ДУП за локалитет Јурија е од 2001 година и истиот не е во согласност со намените за просторот дефинирани со плановите од повисоко ниво, а донесени подоцна, во 2012 и 2018 година. Решението на новиот план нуди современ концепт за развојните потреби на општината – образложија општинските власти.

– изјава од Општина Ѓорче Петров за Вечер

 

 

Главната спорна точка на новиот ДУП е распоредот на резиденцијалните единици. Тие формираат континуиран фронт покрај собирната улица „Ѓорче Петров“  составен од низа сегменти со различни височини. Пет од планираните згради се висококатници над 43м, од кои највисоката е П+18 или 61м. Зградите се поставени во насока исток-запад, што би претставило прекин на природното струење на воздухот кое доаѓа од Водно на југ и оди кон север.

Погледнете го целиот урбанистички проект на следниот линк.

 

 

 

Извадок од ДУП за С3 24 – конечен предлог план (www.opstinagpetrov.gov.mk/)

 

 

 

Порталот Вечер го пренесе одговорот од Општината Ѓорче Петров, од каде посочуваат дека максимално дозволените нумерички параметри за градежната парцела не дозволуваат изградба на целата површина за градење со височина од 58 метри. Оттаму тврдат дека протокот на воздух нема да биде спречен, а во просторот значаен дел е одделен за зеленило.

Тие посочуваат кон разбивањето на габаритот со три делови со пониска височина од 10м, и два со по 28м. Сепак, ова се многу кратки прекини и во средината имаме континуирана бариера со должина од 70м и височина од 43-52м. 

Дополнително, по должината на 240 метарскиот фронтот кон ул. Ѓорче Петров не се појавува никаков пасаж, премин или прекин на нивото на призејмето.  

Истовремено зголемениот број на жители во блокот ќе ја зголеми потребата за паркинг, за што планот овозможува развивање на заедничка подземна гаража како и за користење на  дел од парцелата 24.03.04. 

 

 

Поглед кон локацијата од ул. Ѓорче Петров (maps.google.com)

 

 

 

Поглед кон локацијата од ул. Ѓорче Петров (maps.google.com)

 

 

 

Покрај резиденцијалните градби, планот содржи и два големи комерцијални објекти со висина П+7. Во југо-западниот дел од блокот е сместен и парк од  4257м2. За сите овие програми е предвиден и паркинг на отворено од 4432м2

Освен паркот, кој нема исклучителна големина во однос на предвидениот број на жители и посетители кои се планирани во блокот, зеленило е планирано на 20% од градежните парцела. Со ваквата распоределба на изградените маси, градежните парцели едвај имаат простор за изведување на сериозно густо зеленило, па веројатно, како што среќаваме на многу места низ Скопје, тоа ќе се сведе само на неколку тревници. 

 

 

 

Извадок од ДУП за С3 24 – конечен предлог план (www.opstinagpetrov.gov.mk/)

 

 

Доколку го разгледаме блокот од малку подалеку, и го анализираме во рамки на неговиот контекст, решението станува уште поапсурдно. На југ од него веќе се изградени висококатници од 5 до 7 ката, кои се распоредени на исклучително мало растојание. Заедно со новоплнаираните згради, блокот ќе стане како своевидна тврдина во урбаното ткаење на Ѓорче каде доминира ниската станбена архитектура. 

Непосредно до локацијата се наоѓа реката Вардар и пешачки мост кој води до јужниот бред исполнет со зелнило и агрикултура. Наместо паркот да се надоврзе на оваа зелена и пешачка оска, тој е сместен на спротивната страна на блокот. Вака позиционириот парк е како остров во изградениот блок, а по површина е и помал од паркингот на отворено. 

 

 

 

Јурија во нејзиниот поширок контекст (maps.google.com)

 

 

 

Јавната расправа за ДУП-от беше одржана минатата година, но до актуализирање на темата дојде откако граѓаните реагираа дека нивните барања воопшто не биле прифатени. Повторно ја забележуваме штетата која доаѓа од задоцнетото информирање и актуализирање на овие теми. 

Општината се уште нема издадено одобрение за градба што остава некаков простор за реагирање на темата. Затоа, посочуваме на потребата на негово итно ревидентирање и изготвување на соодветно решение кое нема да ја нарушува постоечката микроклима или апсурдно да ги брка максималните коефициенти на искористеност.