СТАНБЕН ОБЈЕКТ – ФОТЕВСКИ / Архи Груп План А

Година на проектирање: 2019

Година на изведба: 2020-2021

Автор: Др. Оливер Петроски

Соработници: Весна Ниниќ Димитријевска д.и.а., Дејан Никодинов д.и.а.,  Мр. Борјан Колевски

Проектантско биро: Архи Груп План А

Инвеститор: Фотевски

Локација: ул. Римска, Скопје

Површина: 1150м2

Текст: Др. Оливер Петроски

 

Ако се обидеме да дадеме прецизна дефиниција за архитектурата, секако дека би останале само на обид, и би се движеле помеѓу, биографија на општеството, техника и уметност, сцена на која се одвива животот, премин меѓу рационалното и ирационалното, замрзната музика и т.н. Сите описи ги поврзува постојаноста – континуитетот на присуството.

 

 

При проектирањето на објектот направен е обид  генетски наследените информации за македонската традиционалната градска куќа, да им се прераскажат на современ начин на генерациите кои што доаѓаат од иднината. Во обидот да се сочуваат вредностите, квалитетот на градско живеење и искуството наталожено низ генерации, при дизајнирањето на архитектонската композиција потенцирани се пропорциите односно односот помеѓу масите, формите и волумените. Обилно е присутна симетријата  која ја смирува привидната декомпонираност и динамичноста на композицијата, а при тоа еркерот,  чардакот и дрвената фасада се искористени како мемориски материјал прераскажан на јазик прифатлив за актуелниот момент.

 

 

 

Општи податоци

Со проектот е опфатен основен проект за индивидуален станбен објект со намена на градба А1-ДОМУВАЊЕ ВО СТАНБЕНИ КУЌИ на ул.”Римска” бр.25 “ во Скопје КО Карпош на К.П. 6120

Проектот е изработен врз онова на ИЗВОД ОД ПЛАН БРОЈ 1254/2018 од 02.11.2018 год ДЛ 219, донесено  со одлука бр.09-1484/8 од 03.03.2017 год. Издадено ос СЕКТОР ЗА УРБАНИЗАМ И КОМУНАЛНИ РАБОТИ.

 

 

Податоци за локацијата

Станбениот објектот се наоѓа во Скопје во населбата Тафталиџе на аголот на ул. “Атинска” и ул.”Римска”. Објектот е од сите четири страни слободно поставен во локација со точно определна градежна површина според горе наведениот ДУП. Од својата источна страна е пристапот до локацијата и пристап до влезот во обејктот. Новопроектираниот објект е поставен соодветно на градежната линија и со ваквата поставеност се добиваат два одвоени двора од северната и јужната страна на објектот. Паркирањето на возила е обезбедено во рамките на парцелата. Влезот до подрумот е обезбеден преку рампа која се наоѓа на источната страна на парцелата.

 

 

 

Опис на функција

Новопроектираниот објект е со подрум, приземје, два ката и поткровје. На приземје и поткровје има по една станбена единица. Додека на 1 и 2 кат има по две станбена единица. Вкупно има 6 станбени единици. Функционално представува една целина. Влезот во објектот е централно од западната страна и се влегува во скалишно јадро. Скалишното јадро ги поврзува сите катови вклучително и подрумот. Во подрумот се пристапува преку рампа за возила која се наоаѓа на северо-западната страна на објектот или преку скалите од скалишното јадро. Во подрумот е сместен паркинг простор за возила и подрумски простории со санитарен дел. На приземјето е сместена една станбена единица со содржина: 3 спални соби, дневна/трпезарија/кујна, 2 бањи и тоалет. На наредните 2 ката сместени се 4 станбени единици со иста содржина: 3 спални соби, дневна/трепзарија/кујна, 1 бања, 1 тоалет и 2 тераси. На поткровјето е сместена една станбена единица со следната содржина: 3 спални соби, дневна/трпезарија/кујна, 2 бањи, тоалет и тераса.

 

 

Опис на конструкција

Конструктивниот склоп на новопроектираниот објект е армирано бетонски скелетен систем составен од армирано бетонски столбови и армирано бетонски греди. Меѓукатните конструкциии се армирано бетонски плочи.Подрумските простории се направени од армирано бетонски платна.

 

 

 

Припремни работи

Поради условите на локацијата да се изврши широкиот ископ до 1.5 м од оградата на локацијата како не би дошло до слегавање на земјата. Преостанатиот  ископ да се врши рачно, етапно, спрема условите кои ќе бидат диктирани на лице место под постојан надзор на статичар.

 

 

Фасадерски работи

Објектот е предвиден да се изработи од термо фасада со мин. дебелина од д=10см со сите потребни мрежи и премази. Како завршна обработка е предвидена абриб фасада со гранулација која ќе се одреди на лице место и боена со надворешна фасадна боја по избор на проектантот. Во прилозите фасади се означени позициите на керамика и дрвена облога на потконструкција.  Како напомена важно е да се нагласи дека пред поставување на термо фасадата да се изработи атмосферската канализација (вертикали) поради облагање на истите.