Градежни активности во контактната зона на Скупи (југоисточна некропола)

Деновиве сме сведоци на градежни активности во контактната зона на Скупи која изобилува со антички и доцноантички гробишта – некрополи. Оваа зона според законските регулативи може да биде предмет на изградба, со задолжителни претходни археолошки истражувања. Праксата покажува дека нашата држава не придава значајност на некрополите, истите најчесто се документираат, движниот материјал се дислоцира во депоата а потоа теренот се деградира и остава за нови интервенции во просторот.

 

Google earth 2023

 

Изминатите денови, Тв 21 извести за големи археолошки активности на парцела која го опфаќа делот на југоисточната некропола на Скупи, каде се подготвува терен за изградба.  За каков тип на објект станува збор не можеме да потврдиме со сигурност бидејќи она кое е јавно достапно на страната на Општината Карпош,  ДУП Злокуќани, дел од блок 5 е наменето за мали деловни и сервисни дејности, но важноста на овој документ е до 2017та година.

 

 

Извадок од Изменување и дополнување на ДУП Злокуќани, дел од Блок 5… (2012-2017)

 

Ударната вест на Тв 21 беше за пронаоѓањето за надгробна плоча на која пишува „Dardanvs“,  за чии цели беа презентирани и изјавите на историчарот Музафер Беслими и Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Аријан Асланај.

 

Снимка од дрон на локацијата – Тв 21 

 

Акцентот на нашето пишување го ставаме на потенцијалните археолошки вредности од повисок ранг на овој дел од Скупи, бидејќи од снимките од дрон и сателит се забележува апсидална градба со ориентација кон исток и припрата или нартекс западно, како и остатоци од други во непосредна близина. Дали станува збор за гробници на побогати луѓе, црковен објект или нешто друго останува на археолозите да потврдат.

 

Снимка од дрон на локацијата – Тв 21 

 

Сателитските снимки ни покажуваат дека истражувачките активности во овој дел се водат повеќе од 8 месеци.  Во соседната парцела веќе се изведува еден објект, каде истражувањата се случувале уште во јуни минатата година. Голем дел од некрополата веќе е дислоцирана од оваа парцела, додека објектот веќе е во напредна фаза од изведбата,

 

 

„Како и во целиот свет, така и во Северна Македонија постои закон кој вели дека без оглед дали земјиштето е на инвеститорот или не, доколку на приватен имот бидат пронајдени артефакти важни за културата и историјата на народите кои живеат во Република Македонија, тогаш изградбата веднаш се прекинува и се известува Агенцијата за културно наследство, која е повикан орган за ова“ – изјави историчарот Бислими за Тв 21.

 

Она кое ние мораме да го потенцираме  е повторно визијата за Градот Скопје и урбанизмот. Зошто урбанизмот толку агресивно му се доближува на локалитетот кој знаеме дека е од исклучително значење. Какви се намените  на површините за изградба и дали со овие урбанистички планови го убиваме потенцијалот на локалитетот. За сето тоа е потребно стратегија.

Делувањето над културни слоеви не е табу тема ниту во развиениот западен свет, но за истото мора да се почитуваат правилата.  Целосно завршени истражувања, евалуација, дефинирање на правила и насоки на делување.

Но од репортажата, можеме да забележиме дека се зборува за веќе издадена дозвола за градба, за кое сепак нема потврда од Општината. Колку се овие чекори исправни за инвестирање во проект, закуп на земјиште и градежна механизација доколку се пронајдат вредни археолошки траги е сериозно прашање.  Во каква ситуација на потенцијални притисоци може да се најдат институциите од културата, доколку некој веќе вложил голема сума на средства. Доколку се одбележат места кои мора да се сочуваат тогаш ќе е потребна и целосна адаптација на проектот, што во суштина значи нов проект и дополнителни финансии.

 

Репортажа на Тв 21

 

Повторно ќе се вратиме на лошата поделба на град Скопје по општини, расцепкани детални урбанистички планови и надлежности  кои не дозволуваат зони од исклучително значење да бидат согледани со поширокиот контекст. Дали е време урбанизмот на територијата на Градот Скопје, целосно да се централизира, бидејќи ГУП и ДУП се совршен лавиринт за губење на контрола и премногу играчи во процесот.

Не смееме да дозволиме повеќе спонтаност, притисоци од инвеститори и „шашаво“ делување во просторот. Најпрво стратегија за цел град, урбанистички концепт, зони од исклучително значење и задолжителни конкурсни повици за нивно уредување и развој, па дури потоа лицитација на земјишта и доделување на намени. Се поинаку е добро смислена игра која не уназадува како цивилизација носејќи небројни пропуштени можности во планирањето на долги патеки.