Kaпан Ан – Стара скопска чаршија / XV век

Период: средина на XV век

Локација: Стара скопска чаршија

Ктитор: Иса – Бег

 

Дворот на Капан е како една мала скриена оаза во густото ткиво на скопскиот центар. Можеби некогаш сте го посетиле ресторанот кој е сместен тука, некоја од забавите во клубот, или пак едноставно сте го вклучиле на ваштата рута низ Чаршијата колку да скратите „малку низ сенка“.

Денес анот го доживуваме повеќе како урбан простор отколку објект. Но, неговиот отворен карактер воопшто не бил присутен во минатото кога тој имал функција да обезбеди заштита и престој на далечните трговци кои доаѓале во Скопје.

 

 

 

Капан ан во денешното градско ткиво (МАРХ.мк)

 

 

 

Објектот е изграден од турскиот војсководец Иса Бег, кој е ктитор и на низа други османлиски споменици како Чифте Амам и Иса-беговата џамија.

Капан ан е од типот на големи караван-сараи, исто како Куршумли и Сули Ан. Тие служеле како ноќевалишта и биле распоредени по должина на главните трговски патишта. Нивната форма секогаш е ориентирана кон внатре, со полн периметар кој служел како заштита на вредностите кои се складирале на нивното приземје.

Ановите честопати биле градени во близина на амам и џамија, формирајќи ги т.н османлиски урбани тројки.

 

 

 

Капан ан, историска фотографија на јужниот влез (www.ceipa.pmf.ukim.mk)

 

 

 

Капан ан во историското градско ткиво, северен влез

 

 

 

Капан ан ја задржал својата оригинална намена се до Втората светска војна. Низ тие пет века тој добил низа преправки и реконструкции поради кој е тешко да ја детерминираме неговата оригинална форма.

По војната, во него биле населени повеќе фамилии, додека приземјето и понатаму секористело како магацински простор.

Во земјотрест во 1963г. објектот претпува големи оштетувања и се претвара во руина. Така се до 1971г. кога се пристапува кон неговата обнова која траела две години.

 

 

 

Капан ан по реконструкцијата во 1973г. (www.skyscrapercity.com)

 

 

 

Оригиналното име на објектот е караван-сарај на Иса Бег, но среќаваме документи кои уште во 1506-та година го нарекуваат Капан Ан.

Капан подразбира кантар, или голема вага за мерење. Тогашните градови имале вакви државни ваги, кои се користеле за мерење на увезената стока врз основа на што се наплаќала такса – кантарина.

Во Скопје имало неколку вакви ваги, но тие во Капан Ан биле од особено значење поради местоположбата во центарот на Чаршијата. Далечните трговци прво ја носеле стоката тука, каде таа се мерела и складирала пред да биде дистрибуирана до помалите продавници.

Називот се проширил и надвор од границите на објектот па и дал име на околната Капан-чаршија или Капан-чершма.

Објектот се уште има исклучителна локација: на запад се граничи со една од најпрометните чаршиски улици, на север има мал плоштад, на југ уште еден помал плоштад кој бил наречен Папуџиски мегдан, и на исток е ул. Битпазарска, каде порано поминувала реката Серава.

Главниот влез од секогаш бил од север, додека јужниот долго време бил заѕидан. Впрочем тој е непосредно отворен, при последната реконструкција на анот.

 

 

 

Капан ан и неговиот јужен влез (Кумбараџи-Богоевиќ, Османлиски Споменици во Скопје, 1998)

 

 

 

Структурата има квадратна форма со внатрешен двор околу кој се нижат 20 простории на приземјето и 24 на катот.

На првиот кат се чувала стоката, а на вториот кат престојувале посетителите. Сите простории се ориентирани кон внатре, со врти и прозорци кои водат до тремовите.

Тремовите пак гледаат кон атриумот каде имало некаква чешма, веројатно шадрван и бунар, кои денес не се зачувани.

 

 

 

Трем на приземјето (mk.wikipedia.org, фото: Nikolovskii)

 

 

 

Трем на првиот кат (МАРХ.мк, фото: Борис Јурмовски)

 

 

Трем на првиот кат (МАРХ.мк, фото: Борис Јурмовски)

 

 

 

На источната страна каде сега среќаваме низа дуќани, имало и штала. Од нејзината структура е зачувана само археологија која посочува дека тоа била тесна просторија долга 40м а широка 6м. Се претпоставува дека таа се разликувала од шталите на останатите анови, и имала конструкција од полукружни лакови.

Кон шталата се пристапувало преку пролаз низ источниот ѕид на објектот, кој денес е затворен.

 

 

 

Од внатрешноста на Капан ан (Кумбараџи-Богоевиќ, Османлиски Споменици во Скопје, 1998)

 

 

 

Забележуваме еден карактеристика која е единствена за Капан ан: тој е единствениот пример каде нивото на приземејето е под уличната кота и пристапот е преку скалила кои водат до атриумот.

Ова може да е резултат на топографијата на локацијата, или на потребата за поголема заштита. Двата влеза се тесни засводени пролази, заштитени со значително поголеми капии и од Сули ан и од Куршумли ан. Доколку претпоставката дека тука се чувала целата увозна стока во градот е точна, тогаш зголеметната заштита на објектот претставува логично објаснување на неговите посебни влезови.

 

 

 

Северен и јужен влез

 

 

Самата структура била значително различна таа која ја среќаваме денес. Зачувано е само приземното ниво и некои делови од надворешната фасада. Се претпоставува дека во орогиналната состојба, катот се потпирал на ѕидани столбови, кои подоцна биле заменети со дрвени.

 

 

 

 

 

 

 

При постземјотресната реконструкција, анот е реинтерпретиран и довршен во сличен стил. Преку отворање на јужниот влез се зајакнува неговата позиција во јавниот простор на Старата скопска Чаршија.  Тој добива и различни намени како занаечиски дуќани, ресторан, па дури и ноќен клуб.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Фотографии од денешна состојба: Борис Јурмовски