Кој си игра руски рулет со Курбиново? / Симпозиум

 

Фасадата беше палимсест низ вековите, а битолските конзерватори за една недела ги уништија скоро сите слоеви со нивната неразумна практичност без чувство и без дух…       

 

За значењето на црквата Св.Ѓорги во Курбиново во изминатите десетина години многу говоревме. Говоревме и за  неговата исклучително лоша состојба и целосна маргинализација од надлежните институции.После години на премрежија и ризици на кои беше изложен овој светски примерок на византиската уметност кој за негова несреќа е сочуван токму во нашата држава, Курбиново конечно доби можност за соодветен третман со одобрениот проект за конзевација и реставрација на  архитектурата.Со стапувањето на функција министер за култура Ирена Стефоска, својата грижа за заштитата на културното наследство ја претстави како прв приоритет а за Курбиново најави иницијатива за прогласување за културно наследство во опасност!Надвор од формално пропишаните законски услови ова иницијатива резултира со Решение од 28.10.2020година (Уп.Бр,18-593).Заради значењето на споменикот ја наведуваме првата итна мерка која е наведена во решението:

-Ургентни интервенции за обезбедување на статичката и сеизмичка стабилност а се однесуваат на санирање и зајакнување на ѕидовите, консолидирање на ѕидовите со изведба на нов челичен серклаж,изведба на кровната конструкција,зајакнување на армирано бетонски шипови со темелење на врзна греда под јужниот ѕид,потпирање на оштетената конструкција на објектот.

 

фото :  EfkoMKD / Википедија на македонски јазик

 

Секој  подобро информиран архитект или  конзерватор би требало да знае  дека оваа мерка не може да се реализира на крајот на ноември а уште помалку другите итни  мерки кои следат. Но такво читање на мерките не се однесува на битолските конзерватори, кои прескокнувајќи ја првата мерка, започнаа да реализираат дел од втората пропишана мерка која се однесува на “отстранување на сите несоодветни дополнително  нанесени материјали и заменети со соодветни материјали  компатибилни со вградените..”!!!Во услови на  нарушена сатичка и сеизмичка стабилност, Завод -Музеј Битола, на 23 ноември 2020 година ангажира фирма за отстранување на ,,несоодветно нанасените материјали,, на надворешните ѕидови на црквата вклучително  и на фугите. Од  фотографиите   може да се забележи дека скоро целосно е “соголен” северниот ѕид  и еден дел од јужниот…

 

 

На 28.11.2020година, на својата фејсбук страна Ирена Стефоска објави: ”Завод и Музеј – Битола започна со конзерваторско – реставраторски работи на архитектурата на црквата Св.Ѓорги во Курбиново. Ова е прва посериозна интервенција, по речиси 3 децении, за заштита на непроценливото културно наследство од 12 век.”

Синхронизирано во истиот ден, за независен.мк директорката на Завод-Музеј Битола изјавува дека „во овој момент се работи на терен со  конзерваторско-реставраторски работи на архитектурата на црквата ‘Св.Ѓорѓи’ во Курбиново. По оградувањето на градилиштето и другите подготвителни работи се започна со обивање на малтерните површини на ѕидовите, а во моментот се работи на северниот ѕид по што ќе се пристапи кон нови фази за конзервација на архитектурата“.

Отпочнувањето со конзерваторско-реставраторските работи на Курбиново, очекувано предизвика позитивни реакции во јавноста.Сосема природно, затоа што пошироката јавност не е стручна  за да се посомнева во добрите намери  на министерката, уште помалку на директорката која на почетокот на зимата ја најавува конзервацијата на архитектурата!Но кому и за што служат т.н.конзерватори вработени во институциите  за заштита, што се осмелиле крајно дилетантски и неодговорно на крајот на ноември да започнат со отранување на “старите малтери”  токму во Курбиново, предизвикувајќи дополнителен ризик по стабилноста на ѕидовите на кои е поставен живописот?Знаат ли воопшто тие конзерватори што значи отстранување на старите малтери,односно отстранување на фугите на ѕидаријата на крај на ноември  во така обемен зафат на цела површина на ѕидовите? Работел ли некој од битолските конзерватори на замена на стара ѕидарска фуга и знае ли како тоа се прави? И што ќе се случи со  живописот  доколку ѕидовите останат незаштитени во зимскиот период? Ваквите ризични зафати се недозволиви во конзерваторската дејност која во целата своја историја  не памети опочнување на конзервација на архитектура на почеток на зимата!Особено не на Курбиново! Освен ако некој има намера да го изложи на дополнителни ризици и трајно да предизвика нови оштетувања !

 

 

 

 

Кое е значењето на фугата за византиските цркви?

 

Начинот  на кој е отпочнато отстранувањето на старите фуги на ѕидните платна целосно противречи на утврдените конзерваторски принципи.Само да потсетиме дека на фасадата на црквата Св.Ѓорги во Курбиново беа  сочувани  фуги во историски континуитет, кои ги бележат фазите на градбата и интервенциите од XII-от до XIX-от век. Дополнително, беа сочувани  и конзерваторските фуги  од интервенциите во XX-от век.Почнувајќи од  првите конзерваторско -реставраторски  работи во педесеттите години на минатиот век,  реставраторитe ги почитуваа сите фази и правилно постапија што ги сочуваа фугите.Затоа  што сите фуги се на некој начин оригинали и го одразуваат вековното чување и одржување на црквата. Фасадата беше палимсест низ вековите, а битолските конзерватори за една недела ги уништија скоро сите слоеви со нивната неразумна практичност без чувство и без дух. Со ова “чистење на фугите“ се надеваме дека не се отстранети тие од 12век, но мора да се укаже дека целосно отсуствуваат конзерваторските принципи и етика заради деструктивните зафати. Сега веке никој  повеќе не може да прави истражувања и анализи на фасадата а фасадните малтери се драгоцени за секој реставратор во однос на техниката и технологијата, автентичноста.Трајно се изгубени историски драгоцени податоци, аналогии  за проучување..изгубени се историските записи на малтерите,нивната  патина, изглед…

 

Секој реставратор треба да го знае значењето на фугите во однос на градбата, но особено за живописот. Со средновековната фуга, која е посебна се постигнува трајна фасада која опстанува повеке од 1000 години. Тие трајни фасади ни овозможија да го видиме прекрасниот живопис, во Курбиново, затоа што варовата техника има извонредни својства на избалансирано дејство како во однос на цврстината, долговечноста, хидрофобичноста (пропушта воздух, а не пропушта вода), дишењето, атхезијата (лепливоста), нагорната и бесконечна карбонизација… Средновековниот храм е литургиско место со живопис, тоа не е обична градба, не е просто архитектура, таа скромна градба однадвор, во својата внатрешност крие неисцрпна содржина…Затоа живописот е најголемата драгоценост во синергија со градбата, бидејки средновековниот систем на градење го чува живописот. Познавањето на овој систем е неопходно, а во практиката е обратно…

 

Кои се последиците од отстранувањето на фугите во месец декември?

 

Скоро секоја стара фуга е подобра од нова, затоа што има висок степен на карбонизација, цврстина и хидрофобичност како завршен процес. Новата фуга додава дополнителна влага, ја затвора и ја заробува влагата во ѕидната маса и отвора нови процеси кои директно влијаат на живописот. Составот на новата фуга ако не е според старата оригинална технологија исто така предизвикува негативни ефекти кои се евидентирани во конзерваторската практика. Затоа, отстранувањето фуги на големи површини и поставување на нови за кои е потребно многу време да ги достигнат  потребните својства, особено во зимски услови е крајно ризично.

 

 

 

Негативни  ефекти врз стабилноста на градбата

 

Деструктивниот начин на отстранување на старите малтери и фуги негативно влијае на стабилноста на градбата. Имено, позната е улогата на фугата која го штити објектот од атмосверски влијанија и поврзувајки го градежниот материјал обезбедува компактност на градбата.Ако се има предвид дека фугите се отстранети и во внатрешноста (на површините без живопис),ризикот дополнително се зголемува,бидејки растресените ѕидови од бројни земјотреси со многубројни пукнатини сега дополнително се раслабнуваат. Наместо  според добрите реставраторски практики,сукцесивно да се санираат критични делови, во Курбиново е отворен фронт кон целиот објект!  Неприфатливо, несоодветно, неодговорно и крајно ризично однесување на битолските конзерватори!

 

Кој игра руски рулет со Курбиново?

 

На крајот ,мораме да зклучиме дека избраниот тајминг за отпочнување со конзерваторско-реставраторски работи е крајно  штетен и во однос на целта претставува огромен ризик со ефект на руски рулет, пред се’за Курбиново.Ако  прогласувањетп на Курбиново за културно наследство во опасност,имаше за цел искрена грижа за спасување  и сочувување на неговите автентични вредности,тогаш требаше да биде одбран и поволен тајминг за отпочнување со конзерваторските работи.Одбраниот тајминг(почеток на зимски период) е крајно штетен за Курбиново со услови за дополнително влошување на неговата состојба.Избраниот тајминг не е поволен ниту за битолските конзерватори,затоа што фрла тешка сенка на нивната професионалност и добрите намери кон Курбиново.Ако е тоа така,тогаш кому му одговара отпочнување на конзерваторските работи на крајот на ноември?Во изминатите три месеци министеркта за култура сиот влог го стави на една карта,на Курбиново! И конечно  во деновите пред истекот на стоте дена, во ноември започнуваат конзерваторско-реставраторските работи на архитектурата кои од една страна  можат да и обезбедат поени, но од друга, да ја разнишаат нејзината позиција!Простете,но оваа опасна  игра со Курбинува  почнува  да заличува на “бркањето” проекти на една друга мминистерка во владата на Груевски!Курбиново е преголем влог за да се користи за краткорочни политички поени!Затоа јавно ја прашуваме министерката Ирена Стефоска: дали смее да се игра руски рулет со Курбиново?

 

Текстот е  пренесен став на Симпозиум ( Платформа за академски дијалог за култура и културно наследство ) >>>