Куќата како симбол и знак – Никос Чаусидис

Куќата, заедно со тркалото и со орудијата и техниките за вештачко добивање оган, се едни од клучните пронајдоци коишто го придвижиле културниот прогрес на човештвото. Изговарајќи ја оваа фраза повеќето луѓе денес ги земаат предвид пред сè утилитарните т.е. практичните функции на куќата. При тоа не се зема предвид дека, преку создавањето на куќата, човекот си создал и нов симбол – нова просторна предлошка којашто ќе овозможи артикулирање на неговите доживувања и сознанија за самиот простор, било да е тој поголем или помал од куќата.

Човекот ја открива симболиката односно суштината на куќата преку нејзино споредување т.е. изедначување со две други нешта, од една страна со сопственото тело сфатено како микрокосмос, и од друга – со природата т.е. светот сфатен како макрокосмос. 

КУЌА – ЧОВЕК. ТЕЛОТО КАКО КУЌА ВО КОЈА ЖИВЕЕ ЧОВЕКОВАТА ДУША 

Живеејќи секојдневно во својата куќа, на архаичниот човек сигурно му се наметнала следнава логичка врска која ќе има длабоки религиски и филозофски импликации: 

Јас живеам во куќа, таа ми припаѓа мене, но јас сепак не сум куќа. Јас живеам во тело, тоа ми припаѓа мене, но јас сепак не сум тело. 

Прифаќањето на овој однос значи дека куќата е едната од компонентите (можеби и клучна) која ќе ја поттикне диференцијацијата на човекот како битие во две одделни сфери на постоењето – сферата на материјалното и сферата на духовното. 

Како што јас престојувам во својата куќа како нејзина суштина, така и мојата душа, моето јас, престојува во моето тело како негова суштина. Моето тело е куќа на мојата душа. 

Од овој однос произлегува и идејата за посмртна егзистенција: 

Кога ќе се уништи мојата куќа, јас се преселувам во друга куќа. Кога ќе се уништи моето тело, јас (мојата душа) ќе се преселам во друго тело. 

Оваа архетипска релација може да се стави во основата на разни феномени од погребната сфера, поврзани со значењето на гробот како нов простор во кој, по смртта, престојува покојникот т.е. неговата душа како негов суштествен и траен дел. И покрај тоа што како парадигма на односот гроб = куќа на покојникот, може да се земе реалното живеалиште, при тоа не треба да се заборави ниту неговото материјално тело сфатено како куќа, куќиште, кутија, амбалажа на неговата душа.

 

 

Сл. 1. а) Илустрација од 18 век; б) релјеф, древноегипетска култура, храмот во Дeндера, Египет.

 

КУЌАТА КАКО ЖЕНА Т.Е. МАЈКА 

Жената т.е. мајката е нашето прво живеалиште. Најпрво тоа е нејзината матка, во која живееме (се формираме и растеме) во текот првите 9 месеци по зачнувањето, потоа вулвата и меѓуножјето низ кои преоѓаме во овој свет и натаму – нејзините скутови и прегратки во кои минуваме голем дел од детството (сл. 2: а; сл. 3: а).

Најдобра визуелна и материјална манифестација на овие психолошки и семиотички феномени (дури и во светски рамки) се неолитските антропоморфизирани керамички модели на куќи, засега специфични пред сè за територијата на Македонија (сл. 2: б; сл. 4; сл. 10: а–в; сл. 11: г, д; сл. 13; сл. 14). Составени се од долен дел, формиран како шуплив кубус т.е. кутија која во пореалистична или постилизирана форма прикажува куќа, и горен дел во вид на шуплив цилиндар, обликуван во вид на човечка глава и врат, или пак човечка фигура претставена од појас нагоре. Во вториот случај се јасно назначени женските обележја на фигурата, а постојат индиции за женскиот пол и на првата варијанта, претставени преку деликатните фризури и накитот (обетки, ѓердани и пекторали).

 

 

Сл. 2. а) Жената и матката како предлошки на куќата; б) антропоморфизиран модел на куќа, неолит, Говрлево, Скопје;

 

 

Истиот концепт на изедначување на жената – мајка и куќата се јавува и во наредните епохи, но при тоа куќата почесто ќе се изедначува со нозете на жената, раширени во породилна поза, при што внатрешноста на куќата го добива значењето на просторот опфатен со аголот (слов. кут) на нејзините бедра (= покрив) и потколеници (ѕидови) покриени со здолниште (сл. 3: а). Изненадувачки добро зачувани примери на оваа симболичка релација наоѓаме на народните везови од Источна Европа (сл. 3: б, в), но и на средновековните надгробни споменици од Босна и Херцеговина (сл. 3: г, сличен неолитски пример – д). Овој концепт на изедначување на жената–мајка со куќата ќе се манифестира дури и во христијанството, од една страна преку идентификацијата на Богородица со христијанскиот храм и со црквата како институција, и од друга преку третирањето на обете како „дом божји“ кој ги прибира верниците, како што мајката ги прибира децата во своето крило (сл. 5).

 

Сл. 3. а) Раширените нозе на жената како предлошка на куќата; б, в) ликовни мотиви изведени во текстил, фолклор (19–20 век), Русија;  г) релјефен мотиви од камен надгробен споменик, доцен среден век, Циста, Сињ, Далмација; д) релјефен мотив во керамика, неолит, Доња Брањевина, Дероње, Војводина;

 

 

 

Сл. 4. Керамички антропоморфизирани модели на куќи, неолит, Македонија: а) Маџари, Скопје; б) Стенче, Тетово; в) Породин, Битола; г) Маџари, Скопје;

 

 

Сл. 5. Христијански манифестации на симболичкиот однос жена – куќа; б) статуета од сликано дрво, “Богородица Отворена“, 15 век, Франција; в) Хиеронимус Бош, „Искушението на Св. Антониј“ (детаљ), почеток на 16 век, музеј „Прадо“; г) Пјеро дела Франческа, “Богородица милостива”, 15 век, Италија; д) средновековен манускрипт, Италија. 

 

КУЌАТА КАКО КОСМОС

Ако се свртиме наназад кон древните претстави за светот кои во западната цивилизација биле актуелни до пред две столетија, а во некои култури важат и до денешни дни, ќе ја увидиме сета вредност на оваа идентификација. Според архаичните претстави светот е составен од рамна земска плоча со четири страни т.е. четири рабови над која се издига небескиот свод (сл. 6: а, в). Современите научни сознанија ја покажуваат целосната неточност на овие претстави затоа што ниту земјата е рамна плоча, ограничена од четири страни, ниту пак небото е свод (всушност, тоа воопшто и не постои како компактен материјален објект). 

Тогаш се поставува прашањето што го навело човекот кон оваа погрешна проекција? 

Сметаме дека тоа е повторно куќата. Градејќи ја и живеејќи во неа низ милениуми, со стотици генерации, тој несвесно неа ја прифатил како модел т.е. матрица за спознавање и на околниот свет. Така, всушност, макрокосмосот во мислите на архаичниот човек се претворил во уште една негова куќа, многу поголема од реалната (сл. 6: б).

 

 

 

Сл. 6. a) Кубично–полусферичен модел на вселената; б) куќата како предлошка за определување на формата на вселената; в) идеализиран тродимензионален модел на вселената, според списите на Козма Индикоплов.

ЕЛЕМЕНТИ НА КУЌАТА И НИВНО ЗНАЧЕЊЕ

ПОД 

Во рамките на релацијата куќа – космос, подот, според својата позиција (долу) и според материјалот од кој најчесто бил изработуван (глина т.е. земја), се изедначува со нижните зони на вселената т.е. земната плоча или телото на Мајката–Земја (сл. 6; сл. 3: а). Оттука, сè што се наоѓа на подот, и особено во него и под него, го добива значењето на земско, подземно т.е. хтонско, изедначено или во блиска врска со утробата т.е. матката на обоготворената Мајка–Земја. Добра илустрација на овој однос е верувањето дека човек кој долго лежи на смртна постела полесно ќе ја испушти душата ако се легне на под.

Траги од претставите за престојот на починатите предци под подот на куќата можат да се идентификуваат во сè уште живиот обичај, при пиење алкохолен пијалак, дел од него да се истури на подот – „за мртвите“.

ОГНИШТЕ 

Огништето во најархаичните куќи всушност претставува длапка во земјениот под во која гори домашниот оган. Согледано низ концептот на идентификација на куќата и жената, тоа го добива значењето на вулва или пак на влез во утробата на Мајката–Земја. Најдобра визуелна потврда на ова значење наоѓаме во огништата на неолитските градби од Лепенски Вир (Србија) кои со својата издолжена елипсеста форма коинцидираат со обликот на отворената вулва (сл. 7: б)

 

 

Сл. 7. Елементи од огништа, неолит, Лепенски Вир, Србија: а) гравиран заоблен камен покрај огниште; б) обѕидано огниште вкопано во подот на куќа;

 

 

При толкувањето на значењето на огништето често се прави грешка така што тоа се меша со еминентно машката симболика на огнот. Работите се мошне јасни – огништето не го претставува самиот оган туку определениот и заграден празен простор во кој тој гори. Според тоа, спојот на обата елементи го добива значењето на коитус т.е. свет брак меѓу космичките елементи при што огнот е застапник на небото и на машкиот принцип, а огништето – застапник на земјата и на женскиот принцип. Во овој спој огништето (жена) ја обезбедува контролата, култивирањето и продуктивноста на огнот (маж) кој инаку би подивел, т.е. би се распламтил во пожар со деструктивно дејство.

ПОКРИВ 

Во рамките на базичната идентификација на куќата со макрокосмосот, нејзиниот покрив го добива значењето на небо коешто, издигајќи се над земјата, неа ја поклопува и ја штити. На ваквото значење упатува и формата на покривот, особено оној обликуван во вид на свод и калота кои коинцидираат со аналогните претстави за формата на небото (сл. 6).

При тоа небескиот карактер на овие елементи е кодиран преку разни дополнителни „украсни мотиви“ (геометриски, зооморфни, антропоморфни) кои директно или посредно ги застапуваат фазите од движењето на сонцето и на другите небески тела, како и митските ликови поврзани со овие процеси (сл. 8: в–ѓ).

 

Сл. 8. Идентификација на небото и на сончевата траекторија со сводот, арката и покривот на две води; 

 

ТАВАН Т.Е. ПОТПОКРИВ 

Небеското значење се однесува и на необичниот внатрешен простор што се формира меѓу покривот на куќата и плафонот на нејзините приземни простории. Според својот основен карактер тој е сличен на подрумот, без разлика што се наоѓа на спротивниот – горен крај од куќата. Ваквата сличност доаѓа оттаму што обата простори архаичниот човек ги категоризира во сферите на „оној свет“ кој е во опозиција со приземјето – основниот простор на куќата наменет за секојдневно живеење („овој свет“). Како и подрумот, таванот е таинствен, загадочен, мистичен, населен со натприродни (демонски) суштества, но истовремено и продуктивен. Доскоро, во традиционалните заедници постоела пракса жените, за време на менструалниот циклус, да се дистанцираат од куќата, т.е. семејството и тоа во посебни колиби лоцирани на работ од населбата. Во некои средини за тоа биле користени поткровјата на куќите.

Главното дејствие на многу приказни и преданија се однесува на некоја млада девојка која, поради разни причини (вистинските, очевидно се табуирани), престојува во скромна просторија лоцирана на врвот од некаква тешкопристапна кула или чардак кои се наоѓаат „ни на небо – ни на земја“. Во последнава фраза е содржана самата суштина на таванот: тој е преодно т.е. гранично место лоцирано меѓу небото и земјата, меѓу „овој“ и „оној свет“ од што произлегува и сета негова мистичност и фаталност.

 

 

Сл. 9. Керамички модели на куќи, неолит, Породин, Битола;

ЦЕНТРАЛЕН КУЌЕН СТОЛБ И ОЏАК 

Во симболиката на куќата особено важно место добива централниот столб врз кој се крепи нејзиниот покрив. Поради важната функција, пресудна за статиката на куќата, како и неговата централна позиција, во овој градежен елемент се фокусираат разни митски и обредни традиции. Освен како средишна точка, сакрален центар и оска на куќата, тој се претставува и како митски предок на семејството, т.е. родот кому му се принесуваат молби и дарови. Во некои случаи, главниот куќен столб се изедначува со неговиот фалус – органот заслужен за траењето на семејниот род (по машка линија). Во претставите за формата и функционирањето на космосот тој се зема како парадигма на Космичкиот столб врз кој се потпира небото, но и на Космичката оска околу која се одвиваат цикличните процеси во вселената (сл. 6: а). По појавата на оџакот, како релативно нов градежен елемент на куќата, дел од овие функции ќе се пренесат на него и тоа особено како фактор на вертикалната комуникација на внатрешноста на куќата со мистичниот потпокрив, со небото и таму присутните натприродни сили. При тоа тој ќе функционира како „вертикален тунел“ или „лифт“ преку кој, во клучни моменти, во куќата ќе се спуштаат благодатите испратени од небеските богови.

АГЛИ НА КУЌАТА 

Аглите на куќата, и покрај нивната не особена конкретност и определивост, имаат важно место во симболиката на куќата. За разлика од денешниот статус на аголот како апстрактен геометриски поим, во минатото тој имал многу поконкретно значење коешто не се однесувало само на спојот на куќните ѕидови, туку и на внатрешниот простор што тие го опфаќаат.

Пословицата „без четири агли куќа не бидува“ значи дека, барем во одредени култури, четириаголноста т.е. четиристраноста на куќата била задолжителна. Четирите агли на куќата во архаичните традиции всушност го определуваат сиот нејзин простор (сл. 10: а). При изведувањето на некои обредно–магиски постапки, чии дејствија требале да се насочат кон сета куќа т.е. сиот нејзин простор, клучниот чин се повторувал четири пати односно се изведувал кај сите четири агли на куќата (а често и во нејзиниот центар). При поставување на темелите, во четирите агли се капнувале по неколку капки крв на животното жртвувано по тој повод или пак таму се оставале некакви други дарови. При првото влегување во новоизградена куќа, соодветни прилози се оставале и во четирите агли на таванот.

Со ова значење на куќните агли може да се поврзат четирите мали кружни отвори присутни кај голем дел од неолитските керамички модели на куќи од Македонија (сл. 2: б; сл. 4: а, б, г; сл. 10: а, в; сл. 13: в). Изнесовме хипотеза дека низ нив, во шупливиот кубус кој ја означувал куќата, можеле обредно да се истураат некои елементи кои би ја симболизирале благосостојбата во неа (на пример зрна жито и други плодови, брашно, ронки од леб, масло, млеко).

 

 

Сл. 10. Керамички антропоморфизирани модели на куќa, неолит, Македонија: а) Славеј, Прилеп; б, в) Говрлево, Скопје ; г) керамички модел на печка, енеолит, Березивка, Украина.

ВРАТА 

Вратата е отвор преку кој се влегува во куќата или се излегува од неа. Следствено на тоа, во рамките на антропоморфното согледување на куќата, таа може да се идентификува со било кој од отворите на телото. Сепак, конкретните факти укажуваат на доминацијата на два од нив – вулвата и устата.

Вратата и женските гениталии 

И покрај својата современост, најдобар пример на оваа релација е свадбениот ритуал кој до неодамна се изведувал во Прилеп. При првото официјално воведување на невестата во домот на сопругот, неговата мајка застанува на вратата од куќата со расчекорени нозе (дури качена и на две столчиња) при што невестата, заедно со младоженецот, влегуваат внатре провлекувајќи се под нејзиното здолниште т.е. меѓу нозете (сл. 11: ж). Сосема е евидентно дека невестата, поминувајќи меѓу нозете на свекрвата, го евоцира сопственото препородување низ нејзините гениталии и тоа како чин на присвојување т.е. влегување во родот на сопругот. Ова е услов таа да ѝ стане ќерка и да ја нарекува мајка. Дали во рамките на овој обред вратата ги симболизира гениталиите на свекрвата или на персонализираната куќа (сл. 11: ж спореди со сл. 3). Оваа дилема воопшто не е во толкава мера противречна ако се земе предвид честото вербално, симболичко и функционално изедначување на свекрвата и куќата во рамките на балканскиот фолклор. 

Суштината на посочениот обред т.е. изедначувањето на вратата со женската генитална зона може да се идентификува на неолитските антропоморфизирани модели на куќи и тоа во еден елемент кој навидум нема ништо заедничко со оваа релација. Станува збор за необичните отвори со контури во вид на буквата „М“ констатирани на кубусите на поголем број цели или фрагментирани примероци, неколку од нив и од Церје – Говрлево (сл. 4: б; сл. 11: г, д). Компарациите со други неолитски, и пошироко предисториски, предмети покажуваат дека зад ваквата форма, сосема нефункционална за една врата, всушност стои стар идеограм кој подоцна, во рамките на неколку европски древни писма, ќе се претвори во буквата М (сл. 11: б, в, з). Формата на овој идеограм се базира врз силуетата на нозете на жената во поза на раѓање или коитус (раширени и свиени во колената) (сл. 11: а). 

 

 

Сл. 11. а) Бронзен релјеф, 6 век пред н.е., Перуџа, Италија. Мотив во вид на буквата „М“ на керамички садови, предисторија:  б) Коринт, Грција; в) Tisza, Унгарија. Керамички модели на куќи, неолит: г) Породин, Битола; д) Говрлево, Скопје. Камени приврзоци, неолит: ѓ, е) Русе и Поровец, Бугарија. ж) Свадбен ритуал, Прилеп. Керамички „жртвеници – масички“, неолит: з) Сапарева Баня, Бугарија; ѕ, и) Ковачево, Бугарија .

 

 

Постојат бројни други индикатори за симболичкото изедначување на вратата и вулвата (сл. 1: б – древноегипетски релјеф со приказ на пораѓање што се одвива во вратата). Во разни делови на словенскиот свет, а веројатно и пошироко, постоеле обичаи, при тешки и ризични породувања, да се отвараат сите врати на куќата во која жената се пораѓала. Во некои случаи дури се вадела и целата влезна врата, со сè касата, а попот се замолувал да ги отвори и вратите на локалната црква.

Вратата и устата 

Оваа идентификација се чини маргинална од симболички аспект поради навидум баналната семиотика на устата и доминацијата на нејзините негативни функции (јадење, прождирање, уништување, смрт). Но, наспроти ова, изедначувањето на вратата со устата се јавува во многу градби, од разни периоди и региони, заклучно со бројни примери од денешно време кои воопшто не припаѓаат на традиционалната туку на современата масовна култура (сл. 12: б–г). 

Еден од највпечатливите традиционални примери во кои е имплицитно присутен овој однос се приказните за Баба Рога (или вештерката) која ги прима децата во својата зооморфизирана шумска колиба со цел да ги зготви и изеде (сл. 12: а). Во архаичните варијанти на овој тип приказни има индиции за идентификација на колибата со самата Баба Рога, па дури и изедначување на вратата со нејзината ѕверска уста. Според едно толкување, оваа колиба се третира како ритуална градба наменета за иницијација на децата т.е. нивно обредно воведување во светот на возрасните. Таа се смета за епифанија на самата Баба Рога, некогаш многу важен митски лик т.е. божица, при што влегувањето на децата во колибата го означува нивното прождирање од нејзина страна. Овој чин треба да го означи симболичното умирање на децата како неопходен предуслов за нивно повторно раѓање (од страна на истата божица–куќа), но овој пат како возрасни луѓе. Примери за вакви колиби кои „ги јадат“ своите посетители–иницијанти се познати во повеќе архаични култури ширум светот. 

 

 

Сл. 12. а) Баба–Јага и нејзината колиба, современа илустрација; б) влез во „Тигрова Пештера“, Удајагири рид, Индија; в) главен влез во храмот Хочоб, култура на Маите, Јукатан, Мексико; г) влез во “Палатата Цукари”, 17 век, Рим

 

 

На македонските неолитски модели на куќи може да се идентификува изедначувањето на страничните отвори на кубусот (веројатно врати) со широко отворена уста дополнета со заби (сл. 13: б–г), па дури и со пар песјаци (сл. 13: а). Ваквото сè уште хипотетично толкување станува многу поуверливо ако на овие модели, над устата се доцрта пар очи. Посочената забеста врата–уста на прв поглед воопшто не се вклопува во антропоморфизмот на моделите, застапен преку цилиндарот, затоа што местото на устата би требало да е онаму каде што е лицето на персонализираната куќа.  Оваа „долна позиција“ на устата добива оправдување единствено ако се изедначи со гениталиите на Големата Мајка односно нејзината „забеста вулва“ /„вагина дентата“ низ која таа повторно ги враќа во оној свет чедата што ги родила. 

 

 

Сл. 13. Керамички антропоморфизирани модели на куќи, неолит, Македонија : а) Добромири, Битола; б) Чаир, Скопје; в) Славеј, Прилеп; г) Породин, Битола

 

ПРАГ 

Прагот е всушност врата сведена од тродимензионално на дводимензионално рамниште. Тој е линија меѓу надвор и внатре т.е. граница којашто ја дели внатрешноста на куќата (култура, безбедно, чисто) од надворешниот простор (природа, опасно, нечисто). Оттука, самиот праг не припаѓа ниту на едниот ниту на другиот простор туку го има статусот на меѓу–простор, поточно не–простор. Од ова произлегува неговиот негативен предзнак на критично место на кое човек не треба подолго време да се задржува (да стои, седи, разговара или нешто да работи).

Поради наведените компоненти прагот се доживува и како хтонски простор под кој престојуваат душите на умрените од конкретната куќа. Можеби токму затоа, во некои прилики, на прагот се коле курбан, за крвта на жртвуваното животно да се слее во нивните усти кои се жедни за живот.

 

ПРОЗОРЕЦ 

Согледани во контекст на релацијата куќа – човек прозорците интерферираат со очите и тоа поради чисто функционални причини. И тие, како и очите, служат за низ нив од куќата да се гледа нанадвор, но исто така и однадвор преку нив да се ѕирне во внатрешноста на куќата. Затоа, за очите се вели дека се „прозорци на душата“. 

Оваа релација е добро манифестирана на антропоморфизираните неолитски модели на куќи и тоа преку присуството на парни отвори обликувани токму во форма на очи (сл. 14), некаде дури и по два пара на еден ѕид (сл. 4: а), можеби за да се прикаже дека куќата ги чува своите станари држејќи ги „четирите очи отворени“

 

 

 

Сл. 14. Керамички антропоморфизирани модели на куќи, неолит, Македонија: а, б) Суводол, Битола; в, г, д) Говрлево, Скопје.

 

Објавата е резиме на истражувањето на авторот кое оригинално е објавено во публикацијата „Скопје пред 8 милениуми – 1: најстарите градители од Церје – Говрлево. “ ; издадена од Музејот на град Скопје во 2017.

Прочитајте го целиот текст на следниот линк.