Магази во Старата скопска чаршија

 

Погледот од денешна ул. Бојаџиска кон Мустафа-пашината џамија е веројатно најчесто фотографираниот кадар од Старата скопска чаршија. Но денес, наместо да се фокусираме на џамијата, ќе се свртиме кон споредните актери на десната страна од сликите. 

Тоа се неколку објекти кои отсекогаш отскокнувале од останатите чаршиски дуќани поради својата висина, која пак е резултат на нивната поинаква намена.  Впрочем ова не се класични дуќани за продавање, туку магази – објекти од цврст материјал наменети за складирање на стока. 

 

 

 

 

Историски фотографии од ул. Бојаџиска и најзините магази – двокатните објекти на десната страна на сликите

 

 

 

Магазите во урбаното ткиво на старата скопска чаршија

 

 

Локација на магазите 

 

 

 

Денес се останати околу десетина вакви објекти и повеќето од нив се лоцирани во северниот дел на Чаршијата, околу Куршумлиј Ан. Поточно, нив ги среќаваме на уличните фронтови на ул. Бојаџиска, Сарачка, Папуџиска и почетокот на ул. Атанас Бабата. 

Магазите за разлика од дуќаните, најчесто се ѕидани од тула. Тие имаат високи катови од околу 4м. кои создаваат поголем волумен за складирање. Повеќето се двокатни објекти, а дел имаат само пријемје. За поголема сигурност часто пати имале и окови на прозорците, а специфичен е и нивниот двоводен кров кој најчесто е поставен паралелно на уличната фасада. 

 

 

 

 

 

Магазите на ул. Бојаџиска, Сарачка / фото: Борис Јурмовски

 

 


Денес дел од овие објекти се реновирани и населени со нови модерни намени. Додека овој процес донекаде ги има обновено и заштитено историските градби, тој во голема мера ги има избришано нивните орнаменти и фасадни детали.

Но повеќето магази не се обновени, што од една страна ни овозможува да ги прочитаме оригиналните архитектонски елементи и декорации, но истовремено да ги воочиме и сериозните оштетувања кои продолжуваат да се акумулираат. 

 

 

 

 

 

 

 

 

Фотографии од денешна состојба / фото: Борис Јурмовски

 

 

Овие историски објекти креираат многу интересна и впечатлива урбана атмосфера и веројатно се еден од најголемите потенцијали на Старата скопска чаршија. Навистина е штета што тие се речиси целосно заборавени и со време се повеќе и повеќе деградирани. Се надеваме дека наскоро нивната вредност ќе биде препознаена и конечно ќе се започне процес на нивна заштита и реставрација. 

 

 

 

 

 

 

 

Проект за конзервација на магаза на ул. Папуџиска / Архитектонски Факултет Скопје; студент: Н. Чаусидис; предмет: Конзервација и реставрација на градителско наследство; година: 2015/2016

 

 

 

 

 

 

Магаза на ул. Папуџиска, состојба од 2016г. / фото: Ноеми Чаусидис