Перформативниот пејсаж како програмски медиум на јавниот простор – згради, 2018 / Михајловска

Година: 2018

Тема: Перформативниот пејсаж како програмски медиум на јавниот простор / згради

Наслов: Реквалификација на фрагментираната урбана територија на градот Скопје помеѓу Градскиот трговски центар и Транспортниот центар во Скопје

Предмет: Магистерски труд / АФС

Автори: Теодора Михајловска

Ментор: Проф. д-р Анета Христова-Поповска

Локација: Паркинг спроти „Холидеј Ин“, Скопје

Локацијата на која денес се наоѓа паркингот спроти „Холидеј ин“ е една од последните неизградени површини во центарот на Скопје. Таа е разгледувана низ повеќе различни проекти до сега, вклучувајќи го и Републичкиот плоштад во урбанистичките планови на Кензо Танге. Овој магистерски труд се труди да се надоврзе токму на оваа пост-земјотресна визија, и да креира перформативна архитектура која ја продолжува идејата на пешачки платформи помеѓу ГТЦ и Транспортниот центар. Проектот се развива низ детален теоретски дел кој резултира во проектирање на неколку објекти од културата и администрацијата, поврзани со низа јавни простори кои ги спуштаат посетителите кон кејот на реката Вардар.

Сл, 1. Ситуација – територија помеѓу ГТЦ и железничката станица

Тргнувајќи од идејата за перформативноста во архитектурата, овој труд предлага стратегија за трансформација на фрагментирана урбана територија во кохерентен урбан пејсаж. Прв чекор во развојот на стратегијата е дефинирањето на урбаниот фрагмент како просторна енклава која е програмски или морфолошки дистинктивна од своето опкружување. На база на оваа дефиниција територијата која е предмет на интерес е структурирана во дванаесет фрагменти.

Сл, 2. Мапа на фрагменти

Вака дефинираните фрагменти понатаму се подлога за истражувањата на процесите кои ги генерираат. Преку методите на просторни и историски мапирања се истражуваа овие процеси и се идентификуваа проблемите и потенцијалите на локацијата. Истражувањата резултираа со продлабочено разбирање на локацијата кое се користи за создавање на стратегија. Овие сознанија во комбинација со теоретските истражувања во доменот на перформативниот пејсаж го наведоа методот на суперпонирање како основа за идната стратегија. Во наредната фаза идејата за суперпонирање на нов врзен слој врз постоечкото ткиво беше формализирана преку истражување на просторните можности на мрежата за генерирање на урбаната матрица.

Сл, 3. Лево, пешачкa платформa / десно, изградени волумени

Сл, 4. Фотографија од макета

Целиот процес генерираше стратегија која овозможи  надминување на идентификуваните проблеми и реализирање на предностите. Стратегијата која се изготви во себе го инкорпорира основното начело на перформативност, можноста за трансформација со текот на времето. Проектот кој е изготвен на база на ваква стратегија во суштина претставува нејзино моментално сценарио. Стратегијата е процес кој понатаму ќе се одвива и не е комплетна и во тој контекст проектот е само еден кадар замрзнат во даден момент од процесот.

Сл, 5. 3Д претстава

Во моменталното сценарио на стратегија таа ја исполни својата цел и овозможува поврзување на двете точки на градот (Градскиот трговски и Транспортниот центар). При тоа нуди можност за враќање на јавниот простор во централното градско подрачје и негова транзиција од фрагментиран кон континуиран. Пешачките патеки кои ги трасира го враќаат јавниот квалитет на улицата како место за средби, квалитет кој се губи во широките профили на брзите сообраќајници и доминантното колско движење. Истовремено таа овозможува и зголемување на вредностите на тлото со кое доаѓа во контакт, бидејќи со цел да се формира кохерентна целина помеѓу платформата и површината неопходно е партерно уредување кое ќе овозможи соодветна врска.

Од студентот

Сл, 6. Основа на приземје

Сл, 7. Визуализација

Сл, 8. Фотографија од макета

Сл, 9. Фотомонтажа на проектот и контекстот

Сл, 10. Диспозиција на програми