Македонската традиционална архитектура низ етнолошките збирки на Марија Малахова
05.02.2024 • XVI - XIX век Истражување

Минатата година во Музеј на Град Скопје беше поставена изложбата „Македонската ‘робинзонијада’ на Малахови“, која ја документира приказната на ова семејство интелектуалци со руско потекло, кои подолг период живеат и творат во Македонија.
На оваа изложба се запознавме и со творештвото на Марија Малахова (Шпис), уметник и етнолог кој живее во Македонија помеѓу 1939-та и 1963-та г. и работи како сликар документатор за Етнолошкиот музеј и Музејот на град Скопје.
Лево: фотографија од Марија Малахова и нејзиниот син, Скопје 1955. / десно: еден од нејзините цртежи во албумот „Македонски народни носии“
За потребите на музејот таа на терен документира македонски носии, предмети и традиционална архитектура. Ова е период кога фотоапаратите полека се развиваат, па таа првенствено ги исцртува, но подоцна и ги фотографира, етнолошките предмети.
Успева да посети голем дел на градови и села кои се наоѓаат низ целата територија на Македонија: Порече, Лазарополе, велешко, беровско, итн.
Изворите ни наведуваат дека денес Музејот на Македонија има над 200 нејзини цртежи од кои повеќето ја обработуваат темата на урбана и рурална традиционална архитектура. Дел од овие цртежи се достапни како виртуелна изложба на веб-страната на Домот на Русите во Странство.
Објектите се документирани со исклучителна деталност и содржат архитектонски планови, изгледи, детали или аксонометрии. Преку прецизноста и умешноста на Малахова, успеваме да ги разбереме целите конструктивни системи на овие објекти. Ова е посебно интересно кога станува збор за плевни или колиби од кои нема многу примери кои сѐ уште постојат во својата оригинална форма.
Извори:
- Изложба „Македонската ‘робинзонијада’ на Малахови“, 2023, Музеј на Град Скопје, организатори Јасмина Најдовска, Лина Жила, Јасминка Намичева и Љубица Велковска.
- Сите фотографии потекнуваат од виртуелната изложба „Етнографија на Македонија и Печер. Акварели и фотографии од Марија Малахова“, 2023, организирана од Домот на Русите во Странство Александар Солженицин и Музејот на Скопје.
- Подкаст „Обични луѓе“, епизода „Семејството Малахови и нивната македонска мисија“, 2024, автор Илина Јакимовска.

Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Етнографија / Македонска традиционална архитектура / Марија Малахова / Музеј на град Скопје / Традиционална архитектура